Агенцијата на ОН за трговија контра актуелниот капитализам?

18.10.2019 00:42
Агенцијата на ОН за трговија контра актуелниот капитализам?

Актуелниот глобален финансиски систем не е во состојба да обезбеди јавни добра во опсег потребен за соочување со климатските промени, е заклучок на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНЦАТД) во Извештајот за трговија и развој за 2019 година.

Глобалната финансиска криза која се разви 2008 година, на која ѝ претходеше деценија со мерки за штедење, стегање на ремените, ниска продуктивност и стагнација на платите, зад себе остави длабоки и широко распространети социјални штети. Економскиот развој е забавен во повеќето земји во развој, иако варијациите меѓу регионите се големи. Во тие земји се интензивирани напорите за отворање добри работни места, што е проследено со забрзана урбанизација, преуранета деиндустријализација и рурална стагнација. Последица на сите овие елементи се растечката нееднаквост и сѐ поголемите политички тензии, пишува во Извештајот на агенцијата на ОН. Истовремено, ширум светот се зголемува несигурноста која ја наметнува неминовниот распад на системот предизвикана од климатските промени и антропогеното дејствување на околината. Сепак, и покрај тоа, само четири години од потпишувањето на Парискиот договор човештвото веќе заостанува зад сопствените климатски цели. Тоа ја доведе агенцијата на ОН до заклучок дека е нужен заеднички глобален обид за заштита на заедничките и јавните добра кој тежи околу 2,5 милијарди американски долари годишно, и тоа само за помош за земјите во развој, покажуваат податоците на УНЦАТД.

Денес, 10 години од состанокот на земјите од Г20 во Лондон на кој беше одлучено дека ќе се воспостави постабилен глобален економски пазар, со што е потврдено дека капитализмот не ги исполнува прокламираните потреби на глобалното општество, сведоци сме само на зголемување на неслогата, сѐ посилни конфликти на разни сили околу царините и тарифите, конфликти околу тековите на капиталот, и „сѐ полоша и полоша состојба на глобалната економија“. Во извештајот се наведува дека „сите тие конфликти на економските и политичките глобални елити предизвикуваат нестабилност, и што е поважно, тие не успеваат ни приближно да ги разрешат економските, социјалните и еколошките предизвици со кои денес се соочува целиот свет.“

Глобален зелен New Deal

Овие премиси ги доведоа ОН до заклучокот дека исполнувањето на глобалните еколошки цели до 2030 година бара глобалниот економски систем да се промени и тоа со фокус на Глобален зелен New Deal, и финансиската иднина на светот да се планира радикално поинаку отколку сега. УНЦАТД смета дека одлуката за тоа во која насока ќе се менува финансискиот систем треба да се донесе врз основа на темелни дискусии за можностите на јавните финансирања, што би било дел од процесот за поправање на општествениот договор кој би обезбедил инклузивни и одржливи исходи, а кој би се темелел на одговор на прашањето на кој начин да се искористат приватните финансии за поголема социјална благосостојба.

Со овие премиси УНЦАТД ги повикува сите влади во светот да ги ревидираат правилата за меѓународна трговија и меѓународниот монетарен систем на начин на кој сите земји, особено оние во развој, ќе добијат можност за развој на капиталните инвестиции за декарбонизација на своите економии.

Глобалната економија денес ни приближно подеднакво не ги задоволува потребите на сите луѓе. И покрај тоа, со оглед на актуелните правила и политичката конфигурација и динамика на пазарот и корпоративната моќ, економските разлики и натаму ќе се зголемуваат, а еколошката деградација ќе се интензивира. Јавно приватните партнерства правени според досегашните правила не резултираа со социјални бенефити, па затоа УНЦАТД апелира владите во светот да ја преземат главната улога на меѓународната економска сцена и да ги променат актуелните социјално штетни правила.

Да се скроти приватниот капитал

Некои од новите правила би овозможиле отпис и реконструктуирање на долговите на презадолжените и сиромашните земји, а со цел развој на зелени политики. Другите мерки вклучуваат основање уште еден глобален фонд за заштита на животната средина кој би обезбедувал стабилно финансирање за вонредни ситуации. УНЦАТД предлага тие средства да се преземат од меѓународните монетарни резерви кои во моментов се чуваат во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и тие средства да служат како додаток на националните валути. УНЦАТД исто така наведува дека прашањата за прекуграничните текови на капиталот не би требало да бидат во рацете на меѓународната трговија, туку во рацете на владите кои би требало да воведат построга контрола на капиталот. Исто така би требало да се основаат меѓународни институции за контрола на капиталот, особено за инвестициите на меѓународниот капитал во земјите во развој.

Оваа агенција на ОН исто така ја поддржува идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за основање Европска климатска банка, но додава дека исто така треба да се промени фокусот на централните банки од надгледување на националните валути кон приоритетот за финансирање на санацијата на климата и животната средина. Понатаму, УНЦАТД повикува на воведување глобален минимален корпоративен данок за мултинационалните компании во износ од 20 до 25 проценти и бидејќи оваа мерка не е алтернатива за контрола на капиталот, нужно е да се воведат двете мерки.

Приватниот капитал нема да ги спроведе сите овие мерки, затоа е нужна интервенција на владите. За да може да се финансира сето предложено, УНЦАТД предлага основање јавни банки зашто моменталниот систем потфрли. Со ваквите мерки финансиите за зелените политики би можеле да се зголемат на дури 1,7 милијарди годишно, при што би се отвориле уште 170 милиони работни места ширум светот, додека глобалниот југ најпосле би доживеал чиста индустријализација, пишува во извештајот.

Извор: https://www.bilten.org

Слични содржини

Свет / Екологија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото