Како огнот го создал човекот

19.10.2019 00:26
Како огaнот го создал човекот

Можеби ќе ве изненади, но огнот не само што претставува една од најкорисните древни технологии, туку веројатно одиграл и пресудна улога во хоминизацијата, односно биолошкиот развој на човекот. Имено, контролираната употреба на огнот е постара од видот Хомо сапиенс и неговите благодети, судејќи според сѐ, им користеле и на многу попримитивни видови примати, оние кои му претходеле на човекот.

Археолошките наоди одамна покажуваат дека пред околу 400 000 години припадниците на родот Хомо (род хоминини од кои преживеал само еден, најмладиот вид - човекот) умееле контролирано да го користат огнот. Тоа е доба кога во светот се шират неандерталците, а се ближи моментот кога на светската сцена ќе се појават и луѓето. Но, како што пишува во текстот „Скарата во каменото доба“ во списанието New Scientist, истражувањата објавени летово покажуваат дека огнот бил познат многу порано и дека неговата употреба ја „поттикнала еволуцијата на луѓето со голем мозок“.

Како впрочем човекот загосподарил со светот? Ако не се зборува за исправеното чекорење и растот на мозокот од вид до вид кај овој род примати, што почнува пред неколку милиони години, во најновиот развој на настаните за најзначајна пресвртна точка во развојот на човекот вообичаено се смета - земјоделската револуција.

Тоа е период кога, пред околу само 10-12 000 години, луѓето престануваат да живеат како другите видови и почнуваат и буквално да ја припитомуваат природата - наместо да пронаоѓа храна, човекот оттогаш сам одгледува растителни видови како житото и животински видови како домашната стока, што создава резерви храна, овозможува безбедност и подолг живот, поттикнувајќи го развојот на првите населби, градови и потоа, цивилизации.

Но, во тој период човекот е веќе биолошки формиран - праисториските луѓе од каменото доба анатомски никако не се разликуваат од нас, па не може да се каже дека, колку и да е важна, земјоделската револуција го создала човекот. Таа улога ја имал настанот кој се случил многу, многу порано, а тоа е - почетокот на контролираната употреба на огнот.

Зошто огнот е толку важен, па дури и пресуден за човечкиот развој? Ако ги набљудувате другите цицачи, на пример другите примати во зоолошка градина, ќе забележите дека кога храната им е веќе на располагање (која во природа сами би ја нашле или уловиле) тие долго после оброкот се поспани, забавени и мрзеливи. Тоа е затоа што сировата храна нужно мора да ја варат со часови, понекогаш и поголем дел од денот. И кога варењето најпосле ќе заврши, доаѓа време за нова потрага по храна.

Меѓутоа, човекот не само што ја одгледува својата храна туку, многу поважно, тој ја готви или пече - термички обработената храна, што во минатото се правело исклучиво на оган, се вари многу побрзо и ретко трае подолго од еден или два часа. За разлика од другите животни, варењето претставува спореден процес во дневниот ритам на луѓето. Затоа, благодарение на огнот и готвењето, луѓето на располагање имаат многу повеќе време за работа, размислување, социјални односи.

Се чини дека оваа поволност на човечките предци од минатото им била на располагање порано отколку што се веруваше. Имено, последните наоди од Кенија покажуваат дека еволутивните предци на човекот го користеле огнот за готвење пред дури 1,5 милиони години. За време на истражувањето во областа Куби Фора во Кенија, американскиот археолог Сара Хлубик и нејзиниот тим нашле парчиња камен алат кој без сомнеж горел на оган и се користел за готвење месо.

Овој наод, потврден со лабораториски анализи, покажува дека хоминините го користеле огнот милион години пред настанувањето на човекот - во ерата кога во светот чекореле Хомо еректусите. Неизвесно е дали тие навистина умееле сосема да го контролираат огнот, но ако го познавале и со него навистина готвеле храна, тоа објаснува дека кај родот Хомо дошло до значителен раст на мозокот. И најпосле, човекот еволуирал во битие кое ќе го користи огнот за готвење храна, како извор на топлина и технологија за обработка на алати, но и како средство со кое се покорува и уништува околната природа.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото