Дигитален трансфер на генерациското знаење

21.10.2019 00:34
Дигитален трансфер на генерациското знаење

Музејските и другите институции за наследство се пред нов, национален проект кој би требало да ја поттикне дигитализацијата на музејските колекции. Затоа, Музејскиот документациски центар (МДЦ) организираше предавање на професорката од Универзитетот Еразмо во Ротердам, д-р Трилче Наварете, која се занимава со историските и економските аспекти на дигитализацијата на културното наследство. МДЦ наведува дека во хрватските музеи дигитализирани се вкупно 13,8 проценти од граѓата, а во проектите за дигитализација и натаму најчесто се „влетува“ без комплетна идеја за причините на нејзините потреби и комплексноста на работата која треба да се одработи - од сите подготовки што ги вклучува дигитализацијата, изборот на граѓата и реставрацијата преку метаподатоците и решавањето на авторските права, до објавувањето и складирањето на податоците.

Наварете во своето излагање даде европска перспектива за дигитализацијата, притоа како пример наведувајќи ја Холандија која почна со дигитализирање во деведесеттите години. Во тоа време на масовна компјутеризација на институциите, дигитализацијата почна да се спроведува со цел подобрување на администрацијата, како и стекнување поцелосен увид во опсегот на националното наследство, а во 2008 година дојдоа до проценка од околу 45 милиони објекти во националните колекции. Европската унија исто така преку различни иницијативи ги поттикнува дигиталното собирање податоци и слободниот пристап до целокупното европско наследство. Една од иницијативите која го собира дигитализираното европско наследство и се обидува да го направи достапно преку онлајн платформи е Европеана. Во склоп на Европеана започнати се повеќе проекти кои се занимаваат со различните аспекти на дигитализацијата. На пример, цел на мрежата АтенаПлус, основана 2013 година, е овозможување пристап до мрежите со културно наследство, збогатување со метаподатоци, подобрување на повеќејазичната терминологија и прилагодување на податоците за корисници со различни потреби. Конзорциумот на мрежата се состои од вкупно 40 партнери од 21 држава членка, а со помош на Европеана големо количество дигитализирана културна содржина треба да се направи достапна за корисниците. Хрватските музеи во Европеана се присутни со вкупно 65 илјади предмети, од кои речиси 87 проценти се во колекциите на Музејот за уметност и ракотворби.

Трилче Наварете

Од 2014 година дел од Европеана стана и проектот Enumerate, со главна цел создавање сигурна база статистички податоци за дигитализацијата, дигитално складирање и интернет пристап до културното наследство во Европа. Наварете наведува дека според достапните податоци, 45 проценти од музејските инситутции имаат дигитална стратегија, но и покрај долгата историја на дигитализацијата, многу содржини сѐ уште не се достапни онлајн. За тоа постојат многу причини, од недостаток на ресурси потребни за такви сеопфатни потфати, до неразјаснети сопственички права. Сепак, зачувувањето и систематизацијата на податоците и споделувањето на знаењето се несомнени предности на дигитализацијата па бројни институции бараат нови и подобри начини за комуникација со публиката. Иако се труди да собира големи количини содржини, се чини дека Европеана како онлајн база не е баш атрактивна, па музеите истражуваат можности со други платформи, меѓу другото и платформи како што се Инстаграм или ЈуТјуб. Исто така, сѐ попопуларно станува користењето различни дигитални технологии за популаризација на одредени дела, колекции или институции. На пример, во рамки на проектот Next Rembrandt музејот Ријкс во соработка со Институтот за Холандски јазик и Универзитетот Карнеги Мелон во Питсбург, со помпош на софтвер кој врз основа на слика на лице може да реконструира глас, создаде снимки на кои Рембрант, со својот глас држи сликарски лекции.

Наследството за чие зачувување и складирање се грижат музеите се користи на разни начини, подеднакво за образовни и комерцијални цели, но прашањето кое и натаму се поставува е - кој треба да го финансира собирањето и производството на знаење кое потоа сите можат да го користат бесплатно. Исто така, како ќе го мериме користењето и популарноста на одредени страници, музеи или дела, ако сета содржина е достапна преку неколку кликови со маус. Одлуките за финансиска поддршка на музеите се донесувале и врз основа на продадени влезници, па се поставува прашањето дали ново мерило би требало да стане кликаноста на онлајн содржините, или нивното преземање на лични уреди. Исто така, кога некое дело се користи во комерцијални цели, често забораваме дека за неговото складирање, реставрација и достапност веројатно е заслужна некоја институција, но кога таа институција бара финансирање за продолжување на својата работа, заради сѐ помалите средства за култура, ќе биде пренасочена кон барање комерцијални извори на финансирање. Затоа, еден од предлозите е покрај секое користење на некое дело, особено ако тоа е за комерцијални цели, треба да се наведе институцијата која е заслужна за неговото зачувување и достапност.

Во јавноста сѐ уште владее консензус, а тоа го потврдуваат и бројни европски проекти, дека сеопфатното знаење за културата и натаму треба да биде бесплатно и јавно достапно. Со оглед на тоа дека ресурсите на институциите се ограничени, се одобруваат посебни наменски средства за дигитализација на наследството, но кога тоа еднаш ќе стане достапно, јавноста повеќе не посветува внимание дека грижата за тие дела и натаму е обврска на музеите и дека тоа се уште „чини“, додека истовремено музеите веќе не можат да сметаат на приходите, на пример, од продажба на влезници. Затоа музеите сѐ повеќе се пренасочуваат кон нови начини на финансирање, од crowdfunfing до експлоатација на колекциите преку музејски дуќани, а истовремено се заборава дека јавните институции би требало да бидат јавно финансирани. Така музеите би можеле непречено да ја вршат својата јавна функција и наместо со маркетинг, да се занимаваат со зачувување, истражување и комуникација, и најважно, со трансфер на генерациското знаење.

Извор: https://www.kulturpunkt.hr/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото