Две сплиќанки на бездомниците им подаруваат роденденски торти

21.10.2019 14:07
Две сплиќанки за родендените на бездомните луѓе им подаруваат торти

Во најголема тајност две млади жени, изминатите три години за секој роденден им подарувале торта на бездомните луѓе во прифатилиштето „Удруга МоСт“ што се наоѓа во Сплит.

Стигнуваат во вечерните часови, без помпа влегуваат во просториите на прифатилиштето, му приоѓаат на славеникот, му честитаат, му го даваат колачот и скромниот подарок и тивко си заминуваат.

Многумина новинари побарале да направат интервју со нив, но не им успеало. Се обидувале да ги фотографираат за Фејсбук страницата на „Удруга МоСт“, но тие не сакале да бидат сликани. И по три години одлучиле да проговорат.

Се работи за Ана Мунитиќ, 32-годишна сметководителка и Марина Броз, 30-годишна наставничка во основно училиште.

„Роднини сме, заедно пораснавме. Тортите почнавме да ги печеме пред три години за да ги развеселиме малку луѓето без дом и семејство на денот кој сите ние го славиме со блиските роднини и пријатели. Сакавме да знаат дека некој мисли и на нив“.

Сè почнало од една акција наречена „О ла ла“ во која за штитениците на прифатилиштето готвеле вечера, еднаш или два пати годишно. Сметале дека тоа не е доволно и дека можат повеќе да помогнат, размислувале како да го сторат тоа, разговарале со одговорните од проектот и ги добиле датумите на раѓање на штитениците, првиот список имал 32 родендени.

„Годинава, направивме стотина торти, но секогаш ќе ја паметиме првата што ја испековме. Марина прв пат правеше торта, беше чоколадна“, вели Ана.

„А ќе ја паметиме и заради тоа што се плашев како ќе излезе, со оглед на тоа што прв пат печев торта. Најсмешно беше што немавме превоз, па во прифатилиштето ја донесовме со автобус. Цело време мислевме дали ќе ни се растопи и дали ќе им се допадне“, додава Марина.

Тортата излегла одлично и самите ја пробале. Славеникот ги поканил да се придружат на малата прослава, бил многу добро расположен и изненаден заради неочекуваниот подарок. Им ја раскажал својата тешка животна приказна. На почетокот не знаеле колку долго ќе трае нивната мисија, но како доаѓале родендените, така се ределе тортите: чоколадни, овошни, со сирење, секакви. И сфатиле дека оваа акција им причинува големо задоволство и среќа.

„На тие луѓе им е тешко, немаат дом, немаат семејство, немаат никој. Убаво е што им се помага во прифатилиштето, но сепак покрај нив не се блиските. Па, ете сакавме малку да им олесниме, да покажеме дека некој мисли на нив. Покрај тортата им носиме и мал подарок, шолја со нивното име, шал, ракавици, или нешто слично. Но тоа не е ни важно, нам ни е драго што тоа го сфатија како традиција“, велат Марина и Ана.

Во меѓувреме, за овие три години тие се омажиле, се вработиле, а загриженоста околу превозот на тортите го решиле на тој начин што Марина купила автомобил. Сега и членовите на нивните семејства и пријателите им помагаат околу печењето торти за бездомниците. Тоа била и причината јавно да проговорат за својата мисија – сакаат да ги поттикнат и нивните сограѓани да помогнат.

Извор: Slobodna Dalmacija