Објавена програмата за Истражувачкиот филмски фестивал Скопје

22.10.2019 10:07
Објавена програмата за третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА заедно со партнерите ФЕС – Скопје од 31 октомври до 2 ноември годинава во Кино Култура по трет пат го организира Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, неколкудневен настан посветен на новинарството и медиумите. Мотото на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје е „Кон дигиталното“ и од различни аспекти ја разгледува позицијата на медиумите и новинарите во дигиталната ера.

Програмата на фестивалот е поделена во неколку сегменти, со филмови посветени на истражувачкото новинарство и други медиумски трендови, како и бројни дебати, работилници и говорници од Македонија и странство кои ќе се фокусираат на разни актуелни теми од областа на новинарството и медиумите.

Со интерактивната содржина на третиот ИФФС, за првпат на фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелна и аугментирана реалност. Во холот на кино Култура со помош на VR очила фестивалските гости ќе имаат прилика одблизу да ги доживеат документарните приказни на иновативното студио Контраст од дигиталниот оддел на Ал Џезира, а пак преку интерактивниот краток филм „Крадејќи ти ги чувствата“ секој ќе може да открие како апликациите користејќи вештачка интелигенција ги читаат емоциите од неговото лице.

Третото издание на ИФФС ќе го отвори новинарката Ана Зафирова со панел дискусија посветена на борбата за опстанок и интегритет на новинарството во светот на социјалните медиуми, по што ќе биде прикажан Тhe Great Hack, документарен филм за скандалот со Кембриџ аналитика и злоупотребата на личните податоци на Фејсбук корисниците. За предизвиците со кои се соочуваат медиумите денес, како и насоките во кои може да се исползуваат иновативните алатки, Зафирова ќе разговара со Марија Фернанда Лаурет од Контраст и Ана Јакимовска, докторка на науки од областа на вештачка интелгиенција, која има работено во престижни британски медиуми како Guardian, Sky News, BBC и Channel 4.

Фестивалот нуди широка палета на работилници и разговори за најновите трендови во медиумите и на социјалните мрежи. Со гостинката од Германија, уредничката Верена Ламерт, ќе разговараме како успешно да се користи Инстаграм за пласирање на горливите прашања кои ја засегаат помладата публика. На водечката тема на годинешното издание на ИФФС ќе се разгледа и патот кон дигиталното на домашните редакции, а покрај дискусијата на оваа тема новинарите ќе имаат можност и да го разгледаат примерот за дигитализација на редакцијата на финскиот јавен сервис на работилница со гостинот од Финска, Матијас Еркиле.

Филмската програма на ИФФС опфаќа документарци за децентрализиран интернет (The Decentralized Web is coming), модерирање на содржините што се шират по социјалните медиуми (The Cleaners), онлајн закани кон новинарки (A Dark Place),за ширењето на десничарска пропаганда во Европа (How Steve Bannon’s far-right ‘Movement’ stalled in Europe) и за иновативниот истражувачки колектив Белингкет (Bellingcat – Truth in a Post-Truth World).

Годинава ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ заснована на вистински случувања. Филмот каде Кира Најтли ја игра Кетрин Ган која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во МКЦ како дополнителна програма на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје.

Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик.

Влезот за сите настани е бесплатен.

Повеќе информации за програмата на следниот линк.