Одржани културни настани во Струга и Охрид во рамки на „Медиумот е порака“

22.10.2019 12:46
Одржани културни настани во Струга и Охрид во рамки на „Медиумот е порака“

Викендов, во Охрид и Струга, започнаа активностите од проектот „Медиумот е порака“, кој ќе биде спроведуван во пет градови низ Македонија.

Во петокот, на 18 октомври, во Домот на Миладиновци во Струга, со логистичка помош на здружението ИНКА, се одржа разговор насловен „Македонските медиуми: лудило во системот или систем во лудилото?“ Во разговорот учествуваа Ардита Истрефи Иљази од здружението „Креативни и активни“, Ѕвездан Георгиевски, долгогодишен новинар и колумнист, Снежана Трпевска,експерт за медиуми и истражувач од Институтот за општествен развој во Скопје, Сашо Орданоски, долгогодишен новинар и аналитичар, Никола Гелевски, главен уредник на Маргина и Окно и издавач и Александра Бубевска, долгогодишна новинарка, како модератор. Притоа беше дискутирана позицијата и третманот на медиумите во општеството, функционирањето на медиумите на домашната сцена, идеолошката природа на медиумската работа и тн. Публиката беше особено заинтересирана за феноменот на лажните вести, заштитата од нив, и ориентирањето низ секојдневниот огромен наплив на информации.

Следниот ден, во саботата, на 19 октомври, во Центарот за култура во Охрид, се одржа вториот разговор под наслов „Медиумот е порака (за медиумите, културата и идеологијата)“. Тијана Радеска, антрополог, Ѕвездан Георгиевски, Снежана Трпевска и Александра Бубевска под модераторство на Никола Гелевски разговараа за комуникацијата како процес на конструирање на општествената реалност, улогата на културната рубрика, новите технологии и начини на информирање на публиката. Особено беше обрнато внимание на пошироката едукативна функција на медиумите.

Во Охрид, заедно со разговорот беше претставена изложбата на корици на списанието „Маргина“, во рамки на која беа изложени 70-тина корици од тоа култно списание. Изложбата во Центарот за култура во Охрид ќе биде отворена до вторник, 22 октомври.

Двете дискусии беа проследени со мали промоции на книгата „100 насловни страници на Окно“ во која е направен избор на највпечатливите илустрации на уметничката група Свирачиња низ годините.

Активностите во рамки на проектот „Медиумот е порака“ продолжуваат во Штип, во петок, 25 октомври.

Проектот „Медиумот е порака“ се спроведува по повод 25 години од „Маргина“, списанието за култура, и 10 години од интернет порталот за култура „Окно“. Проектот има за цел да развие дискусија околу состојбата на медиумите и нивната улога и интеракција со останатите важни сектори во нашето општество. Притоа, особен фокус се посветува на односот медиуми-култура – нивната соработка, меѓузависност, функционалност. 

Повеќе за проектот „Медиумот е порака“ на следниот линк.

Проектот е поддржан од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото