Европска Казабланка

22.10.2019 18:57
Европска Казабланка

 

Следејќи ја деновиве драмата во „Бриселскиот театар“, во режија на Франција, од Лондон, главниот град на земјата која досега беше симбол за разум и прагматичност, европската состојба на духот ми се причини длабоко парадоксална. Во моментов, Англија и Франција ги загрозуваат со своето однесување темелите на европската идеја. Тие регресираат во политичката шема која требаше да се надмине во ЕУ – имено, националната егоцентричност. Како да добиле „амнезија“, па не се сеќаваат која е целта на обединета Европа – мирољубива европска политика. Како да не им е доволен фактот што еден век на европскиот континент нема војни. А во Западна и во Средна Европа владее, за многу луѓе на Земјината топка, незамислива благосостојба. И неограничена мобилност! Надминување на границите, слобода на движење, живеење и работа е темелот на модерна Европа. Англија сега пак сонува за гранични премини, за строги контроли, за драконски мерки во заштита од бегалците, азилантите, туѓинците. Очигледно од „балканскиот бацил“ сега се плашат и Франција и Холандија… Да, кога нема граници, кога слободно се патува од Варшава до Париз, тоа значи дека нема да допатуваат само најбогатите, туку и најсиромашните луѓе од земјите кои се (или уште не се) во ЕУ. Само што многу од тие луѓе, во кои новите десничарски идеологии ја гледаат опасноста за нивните национални држави – туѓинците, дојденците, мигрантите – го одржуваат секојдневниот поредок во европските општества. Затоа што мигрантите од Балканот, од Источна Европа, ги работат и највалканите, најниските работи, како пред два века и најсиромашните од Западна Европа, заминати како печалбари или доселеници во Америка и Австралија.

Европа денес е доволно богата за да може да се грижи во своите општества и за најбедните. Таа има економска моќ за да им даде шанса на тие што ја оставаат татковината и доаѓаат во Западна Европа. Привлечноста на Европа за сиромашните и за бегалците ќе станува толку посилна, колку што повеќе неодговорните, автократските политичари во нивните земји животот ќе го претвораат во лудило и хаос, во пеколот на војните. Освен тоа, модерните медиуми го прават секој агол на светот достапен за секого – барем како слика за подобар живот. Валтер Бенјамин пишуваше дека секогаш ќе има просјаци – сѐ дури не се оствари месијанското ветување на среќата, мирот и правдата. А тоа значи дека хуманоста на општеството уште се мери и по тоа како се однесуваме кон своите просјаци, кон тие што доаѓаат кај нас за да преживеат. Не верувам дека тие се опасноста по стабилноста на богатите европски општества. Опасноста за едно општество секогаш е недемократската, нечовечка политичка идеологија. Политичарите кои сеат страв се првите кои поставуваат граници пред Туѓите – прво во умовите на луѓето, потоа и во реалноста.

Европа и утопијата на слободата

Меѓутоа, може ли Европа воопшто да постои без утописката идеја на слободата, на надминувањето на границите, на обединувањето на културите, без притоа да не пропадне во варварството, добро познато од европската историја? Дали само Германија ја научи лекцијата од својата историја? Го заборавија ли Англија и Франција сонот за Европа без граници? И двете земји – Франција и Англија – беа вековни колонијални сили. Од тоа потекнуваше и богатството на нивните кралски династии, на нивните великодостојници и благородници. Сведоштвата на минатата слава на тие земји не се само раскошните замоци. На тие богатства им се восхитуваат катаден милиони посетители на славните европски музеи, како British Museum во Лондон или Louvre во Париз. Тие се центри на светската култура затоа што со векови носеа археолошки и уметнички артефакти од сите агли на светот. Нели токму тоа би требало да ги обврзува старите западноевропски култури на одговорност за Европа и за светот? Но, пред сѐ, за Балканот како стар културен простор, кој денес е уште политички и стопански нестабилен?

Затоа е трагично кога францускиот политичар Емануел Макрон, кој во политиката влезе со помош на едно граѓанско движење кое бараше „повеќе Европа“, сега посакува „помалку Европа“. Или, поинаку кажано, посакува селективна перцепција на тоа што на Балканот остана уште надвор од ЕУ. Тој сега се обидува да ја „нацрта“ политичката карта на Европа по својот вкус. Најтрагично е што тој, одбивајќи ги С. Македонија и Албанија, во 2019-та го потврдува стариот стереотип на Западот за Балканот. Затоа што како аргумент го ползува старото клише за Балканот: во Франција доаѓале многу албански баратели на азил. Тој заборава дека европската идеја треба да ги надмине тие клишеа. Што е уште потажно, тој потврдува со тоа дека француската политика не е веќе целосно суверена. Дека тој морал да го прифати дикатот од деснорадикалните партии, затоа што не сака да губи гласачи. Само што тој губи гласачи не затоа што не ги заштитува своите Французи од „албанските азиланти“, туку затоа што, за жал, не ги оствари своите ветувања. Макрон не ги закопа само надежите на народите во „резерватот“ на ЕУ – „Западен Балкан“. Тој ја изневери токму визијата на европската заедница на народите. Таа заедница не беше само ексклузивен клуб на најбогатите и најмодерните. Европската заедница сакаше да помогне да се европеизира, да се цивилизира и превоспита секој агол од европската територија. Затоа што идејата на европското обединување потекнува и од желбата да се надминат негативните клишеа во односите на европските народи едни за други. Да беше ЕУ клуб на елитни народи, тогаш европската идеја немаше да биде миротворна.

Фантомот Балкан

Франција, конечно, со тоа го внесе во игра стариот фантом на Балканот како опасност за Западна Европа. Сликата на Макрон за Албанија како лиферант на азиланти е опасна игра со оган, слична на популистичката реторика на Марин Ле Пен. Само тие политичари уште сугерираат дека Балканот е антипод, мрачна сенка, варварски двојник на нивната имагинирана културна Европа. Од тој Балкан во фантазијата на Западните Европејци отсекогаш доаѓаше само хаосот и опасноста, сиромаштијата и варварството. Основачите на Европската заедница, меѓутоа, сакаа да излезат од тој маѓепсан круг на негативни стреотипи и клишеа едни за други, кој дотогаш водеше само во непријателство, конфликти и војни. Со еден збор, кога токму претставникот на земјата која со прославената револуција ги постави идеалите на модерната европска држава, во ЕУ се однесува како да е во клубот на европските монарси, тоа е знак за длабоката криза на ЕУ, а не на „Западниот Балкан“. Имено, Балканот – особено негативното клише за него – е производ на европската перцепција на територијата која прво беше десет века дел од Источното римско царство, а потоа пет века од Османското царство. Европа не може да биде целина, без Балканот. Затоа што тој е суштински дел од неа. Затоа што не може Грција, Бугарија и Романија да се дел од Европа, но не и Македонија и Албанија. Ако некој сака тие да останат засекогаш надвор од неа, тој не ѝ мисли добро на Европа.

„Европска Казабланка”

Балканот не смее да остане само местото од кое се заминува во светот – во бегство, во потрага по подобар живот. Балканот не смее да остане неопределена територија, на која, одвреме-навреме, ќе си „играат“ стратешки игри силните и моќните политичари од Истокот и од Западот. Македонија не смее да остане и понатаму „европска Казабланка“, како што ја нареков во мојот роман „Снегот во Казабланка“, кој се занимава токму со восхитот на Балканците за западната европска култура и со стравот на Западот од Балканот. Таму главниот лик, Дина Аспрова, го изговара горчливото сознание кое, во овој миг, го делат многумина во Македонија: „Ако се обидам на Западен Европеец да му објаснам каде е мојата Казабланка, тој, обично, ме прашува дали мислам на онаа во Африка. Не, јас Ви говорам за европската Казабланка, велам. Како доказ, му ја раширувам пред очи големата карта на Европа. Научно му докажувам дека земјата од која потекнувам, според герографската положба, мора да се нарече Казабланка на Југоистокот на Европа. Ви говорам за Вашата сопствена Казабланка, европска Казабланка, потцртувам. Таа е поимот и симболот на сите Казабланки во светот. Освен тоа, таа е европски производ par exellance. Во неа секогаш другите воделе војни. Само бегалците и жртвите од војните останувале во неа, како што е во секоја генуина Казабланка. Таа е последното пристаниште за да се избега во белиот свет од грозотиите на сите балкански војни. Таа е раскрсницата на сите светски патишта, споменик на сите неуспешни стратегии. Всушност, секоја европска Казабланка се наоѓа насекаде каде што не е стабилниот Запад на Европа. Казабланка, значи, е судбината на сите малечки земји на крстопати.“

Европската идеја требаше да биде стратегија со која би се надминала судбината на земјите кои досега беа само „европска Казабланка“. Таква земја е, пред сѐ, Македонија. Додека европските политичари го забораваат тоа, во правец на Западна Европа, во правец на нивните богати престолнини ќе тече и понатаму река од бегалци и стопански емигранти. Идејата на слободна, обединувачка Европа, можеби, е утопија, но без утопијата не постои ниту Европа. Затоа што нејзиниот поим, нејзината суштинска дефиниција е утописката свест – идејата на културата и на просветеноста, на хуманизмот и на солидарноста. Утопијата за мирољубивиот живот на различностите во една заедница. Митот за Европа потекнува токму од Балканот. Тој е позајмен од грчката митологија.

Сѐ додека Западна Европа се дефинира себеси според својата мера, таа не ја познава суштината на европската култура и цивилизација. Богатството и моќта не се гаранција за цивилизираност. Како што ниту сиромаштијата не е причина луѓето, народите да се стигматизираат како варварски и некултивирани. Човечкото достоинство зависи, пред сѐ, од вистинољубивоста, од совесноста и одговорноста. ЕУ потфрли овојпат по сите овие критериуми. Таа не го почитуваше својот збор и своето ветување. Европа останува вредност, но ЕУ може да ја изгуби својата сушност.

Балканот е Европа

Како да се надмине тој маѓепсан круг на стигматизацијата на Балканот, само затоа што тој историски е сиромашен простор? Со тоа што Балканците конечно ќе сфатат дека се Европејци. И ќе почнат да се однесуваат како Европејци. Со тоа што нема да се кријат зад „ориенталниот менталитет“. Со тоа што ќе почнат да работат. Со тоа што ќе изградат вистинска европска самосвест во својот живот, во својата околина. Тоа ќе го направат кога ќе почнат да се однесуваат според моралот и одговорноста. Кога ќе имаат добро организирано здравство и образование. Кога ќе се почитуваат законите и криминалците ќе завршат во затвор. Кога ќе научат да ги почитуваат различните од себе. Тоа не се нешта на кои Балканците треба да ги научи членството во ЕУ. Тие ги знаат принципите на совесното, етичко, одговорно однесување и работење. И, сепак, свесно не ги почитуваат во својата средина, туку само кога ќе се најдат надвор од неа, во странство.

Луѓето на Балканот се суштински дел од Европа, затоа што имаат улога на мост помеѓу Истокот и Западот. Ама тие се однесуваат како да не се свесни за тоа. Тие ги имаат сите претпоставки да изградат успешни, богати држави – стара култура и историја, убава местоположба и пријатна клима. Зошто не успеваат од тоа да направат самите рај на земјата? Затоа што чекаат некој друг да го стори тоа за нив. Затоа што не се научени самите себеси да се натераат да работат, совесно и одговорно. Затоа што уште имаат поданичка свест и чекаат нивните проблеми да ги решат политичарите и државата. Секој треба да почне да работи и да го менува светот околу себе на подобро. За тоа на С. Македонија и на Албанија не им треба датум за ЕУ. Им треба желба да работат, чесно, совесно и макотрпно. Со тоа треба веднаш да започнат токму политичарите.

Граѓаните чекаа сето време да почнат ветените реформи. Наместо сега веднаш да започне со нив, македонскиот премиер се одлучи на предвремени избори. Наместо да ги смени сите неспособни министри во Владата, тој ги одложува одлуките во неизвесната иднина. Македонските политичари изгледа мислат дека предвремени избори се работа. Тие пак, напати, се само привид за работа и активност. Изборите не се реформи. Тие не се волшебно стапче кое, за миг, ќе промени сѐ на подобро.

Небаре како македонските политичари да не ја научиле поуката од историјата на Вајмарската република. Таа пропадна токму затоа што имаше премногу избори, премногу референдуми, а премалку коренити реформи. А може да се започне со работа и реформи во овој миг. Очигледно, тоа не е желбата на македонските политичари. Затоа разочарувањето кај граѓаните, со право, сѐ повеќе ќе расте. Сѐ дотогаш, Балканот ќе остане територија за негативните проекции на западните Европејци, а Македонија – и како Северна Македонија – вечна „европска Казабланка“, од која очајните ќе си заминуваат. По Преспанскиот договор, кусо време, сите во Македонија и во светот поверуваа дека работите на Балканот може да се променат, дека македонските граѓани, но, пред сѐ политичарите, се кадарни да се преобразат и да почнат со сериозни промени. Последната шанса ќе беше по неуспехот во Брисел да започнеа вистински реформи – сега и овде. Таа можност е пропуштена. Тоа ја прави иднината на македонското општество многу неизвесна.

Фотографиите се од филмот Casablanca (1942)
Извор: Дојче Веле