Европската унија ризикува да направи историска грешка на Балканот

23.10.2019 01:13
Европската унија ризикува да направи историска грешка на Балканот

Ризикот за ЕУ да го изгуби кредибилитетот како глобален актер

Ограничувањата на „меката моќ“ на Европската унија никогаш не биле повидливи отколку за време на војните што се разгореа на Балканот во 90-тите години од минатиот век, сè до нивното запирање со воздушна интервенција од НАТО и дипломатски напори предводени од САД. ЕУ е на раб да направи уште една историска грешка поврзана со нејзината југоисточна граница.

На самитот во јуни годинава, владите на ЕУ одлучија дека преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија треба повторно да се одложат, што беше разочарување, но не и изненадување.

Секој кој ги следел политичките случувања во Брисел не би очекувал ниту Албанија, ниту Северна Македонија да добијат зелено светло за да започнат со официјални преговори за пристап, особено ако се има предвид нативистичката реторика на Франција и Холандија.

Оние што се против сакаат Брисел да се фокусира на продлабочување на интеграцијата и реформите во Унијата, притоа избегнувајќи понатамошно проширување, со што може да се зголеми поддршката за евроскептичните сили на домашен фронт. Сепак, доколку само се каже „не“ мала е веројатноста дека воопшто ќе се намали поддршката што ја има нативистичкиот популизам.

Ако има креатори на политики во европските метрополи кои веруваат дека ЕУ може да премине од политика за натамошно проширување кон југоистокот, на политика на држење на народите во регионот во неизвесност на неопределено време и за тоа да нема никакви последици, тогаш тие прават опасен избор.

Доколку ја избере втората опција, во такво сценарио на плашливост и нерешителност на ЕУ, младите ќе продолжат со масовната миграција кон јадрото на Европа и ќе продолжи да се влошува политичка динамика за оние што ќе останат. Ваквото сценарио ќе го зајакне и влијанието на Русија и другите злонамерни надворешни сили кои веќе се активни и сакаат да произведат хаос во овој ранлив агол на Европа.

Една петтина од косовското население веќе ја напушти земјата во рок од само една деценија. Истата динамика важи и за остатокот од регионот. Луѓето од балканските земји секогаш ќе тежнеат да ги преминат границите кон ЕУ. Ограничувањата на слободата на движење никогаш нема да го сменат тоа.

Неуспехот на проширувањето не само што ќе претставува закана за безбедноста и стабилноста на регионот, туку ќе претставува и неуспех на мисијата на ЕУ. Продлабочувањето на интеграцијата и реформата на ЕУ однатре или понатамошно проширување кон југоистокот, веќе нема да биде важно кој е изборот, затоа што дотогаш граѓаните од обете страни ќе изгубат желба за која било опција. Со тоа, сериозно ќе се доведе во прашање амбицијата на Унијата како меѓународен актер, а резултатот ќе биде губење на кредибилитетот.

Скептицизам за проширување

На самитот во Солун во 2003 година, Европскиот совет изјави дека „Иднината на Балканот е во Европската унија“. Оваа политичка заложба беше јасно ветување. 16 години откако ЕУ се заложи за европска иднина на нејзините соседи на југоистокот, само две поранешни југословенски републики - Словенија и Хрватска - успеаја да се приклучат на блокот. Уште две, Србија и Црна Гора се во процес на преговори кој веќе трае неколку години.

Процесот на пристапување и натаму е многу бавен, а преостанатите земји аспиранти на Балканот ги делат децении од членството. Бидејќи само малцинство од граѓаните во ЕУ го поддржуваат натамошно проширување, членството се чини неизвесно за многу земји на Балканот.

Ова ја отсликува внатрешната политичка дебата на ЕУ, во која се видливи последиците од перцепциите на граѓаните за високите нивоа на имиграција, особено по мигрантската криза во 2015 година, во која стотици илјади лица влегоа во ЕУ преку трасата во југоисточна Европа.

На самитот во Софија минатата година, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нема да има проширување пред самата Унија да се реформира.

Тој подоцна ја даде истата изјава на самитот со регионалните лидери, потенцирајќи дека проширувањето „ја ослаби Европа“. Заземањето ваков став можеби било предизвикано од загриженоста од порастот на нативистичкиот популизам ширум ЕУ, што е во спротивност со неговиот говор во Сорбона, одржан пред две години.

Како до успешно решавање?

Балканскиот регион се состои од само околу 18,5 милиони луѓе вкупно во преостанатите шест држави, што во однос на население е помалку од Романија, и јасно е дека не претставува закана за апсорпцискиот капацитет на ЕУ.

Добивките од проширувањето би биле значајни. Со вклучување на мултикултурен регион, ЕУ би ја покажала својата посветеност на принципот на различност и на принципот да остане отворена за сите Европејци без оглед на нивната културна или верска припадност. Што е најважно, ЕУ би покажала дека е способна да биде моќен глобален актер.

Статус-кво уште повеќе ќе личи на безбедносна криза и стагнација за Балканот. Довербата и интересот за членство ќе исчезнат, а ентузијазмот за тешките реформи во владеењето на правото, јавната администрација и другите сектори потребни за да се добие членство, ќе згаснат, освен ако самитот овој месец не испрати позитивен сигнал.

Новата Европска комисија што ќе го започне своето патување во ноември годинава треба да се погрижи да исполни своето ветување од Солун, затоа што сегашното темпо на процесот на пристапување дава причини за сомнеж во тоа.

Сабин Селими е роден во Словенија на денот кога падна Берлинскиот ѕид. Како корисник на Претседателска стипендија тој ги завршил своите додипломски студии по економија и меѓународни студии на американскиот универзитет во Вашингтон. Магистрирал со теза за меѓународна јавна политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, во рамки на Шевенинг програмата за стипендирање. Има долго работно искуство во јавниот сектор, а во моментов е ангажиран како консултант. Неговите области на интерес се дигитална дипломатија, трансатлантски односи и европски прашања особено поврзани со Балканот.

 Извор: ResPublica

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото