Каде се денес слободните деца на Самерхил?

23.10.2019 02:55
Каде се денес слободните деца на Самерхил?

Во шеесеттите години на минатиот век, британскиот педагог Александар Сатерленд Нил ја напишал книгата „Слободните деца на Самерхил“ во која го опиша еден од најзначајните образовно – педагошки експерименти на изминатиот век. Во 1921 година, тој го основал училиштетот наречено Самерхил кое работело врз основа на сосема нови и поинакви принципи од традиционалните европски училишта.

За своето искуство, училиштето и децата кои поминале и се школувале таму, во 1960 година пишувал во книгата која во следните децении стана значајно четиво не само за педагозите и другите стручњаци за образование, туку стана речиси „книга за секој дом“. „Слободните деца на Самерхил“ брзо беше преведена на српско-хрватски и ја читале родителите ширум целата поранешна држава, трагајќи по одговори на прашањата за правилно воспитание и школување на децата.

Додека многумина го славеја Нил како човек кој го прилагодил училиштето на вистинската природа на детето, а не обратно, други го критикуваа најмногу заради лошиот квалитет на предавањата и часовите што се одржувале во Самерхил, а потоа и заради „распуштеноста“ на учниците и нивните претерано анархистички идеи.

А како било во Самерхил во времето на Нил? Школата на почетокот била основана во Дрезден, Германија, но набрзо била преселана во атарот на селото Леистон во источен Сафолк, на околу 150 километри од Лондон.

„Самерхил почна како експериментално училиште. Но веќе не е тоа. Денес е демонстрационо училиште бидејќи тоа покажа дека слободата е возможна“, напиша Нил во својата светски позната книга „Слободните деца на Самерхил“. Во времето кога била напишана оваа книга, во Самерхил имало околу 45 деца на возраст помеѓу 5 и 16 години, од кои некои биле и странци – петмина ученици биле од Скандинавија, едно дете од Холандија, едно од Германија и едно од Америка. Многу од овие деца во претходните училишта, или од страна на родителите биле етикетирани како проблематични, а други пак, биле таму запишани затоа што родителите биле убедени дека концептот на образование на Нил е подобар од конвенционалниот.

Децата во Самерхил навистина биле слободни, а тоа значело дека можеле да прават апсолутно сè што ќе им паднело на памет, сè додека тоа не ги загрозувало другите жители на Самерхил, наставниците и другите вработени во училиштето. Не морале да одат на часови. Не морале да имаат хоби, ниту да работат било што од тоа што им било понудено, на пример, да поправаат предмети во работилниците, да изработуваат уметнички дела, да шијат, читаат и слично. Ако сакале, можеле по цел ден да безделничат и еден дел од нив, отакако ќе дошле во Самерхил и навистина го правеле. Им биле потребни неколку недели или месеци да се заинтересираат за случувањата во училиштето и да влезат во вообичаените активности на оваа демократска заедница. Сите одлуки во училиштето се носеле на состаноците на заедницата. На тие состаноци присуствувале сите, од директорот на школата до петгодишните деца и сите имале еднакво право на глас. Како што се сеќава Нил, возрасните честопати биле надгласувани и биле донесувани одлуки кои не се за гордеење, како на пример на учениците да им се дозволи пушењето, зашто не е фер возрасните да смеат да пушат, а децата не. Зарем не се сите еднакви?

Најголемата иновација на Самерхил е сфаќањето на едукацијата на нејзиниот основач Нил. Според него, целта на образованието е иста како и целта на животот: наоѓање среќа (внатрешно чувство на исполнетост, рамнотежата и задоволството од животот). Единственото нешто што е важно за иднината на децата е тие да бидат среќни, а не дали се високо академски образовани или дали ги исполнуваат очекувањата на своите родители.

„Мислам дека детето пи природа е мудро и реално. Ако му се овозможи да биде самостојно, ако возрасните не му седат на глава со своите совети, тоа ќе се развива најмногу што може да се развие. Разбирливо, Самерхил е местото кадешто тие што поседуваат вродена способност и желба да бидат научници – ќе станат научници, додека другите, чијашто единствена способност е да чистат улици – тоа и ќе го прават, ќе чистат улици. Но, досега од нашето училиште не излегол никој што станал чистач на улици, ниту пак го раскажувам ова од некаква снобовска позиција, бидејќи повеќе сакам училиштето да формира среќни чистачи, отколку невротични научници“, објаснувал Нил.

Во книгата тој наведува примери на животните судбини на учениците од кои некои станале угледни лекари и професори, а некои среќни мајстори, кои својата работа ја сакаат најмногу на светот. Во страницата на Википедиа за Самерхил има список на важни личности кои го посетувале ова училиште. Кај нас веројатно не се познати, но еден е професор на Универзитетот во Брајтон, вториот е музички продуцент, трет дизајнира омоти за рок албуми, четвртиот е автор на книги за деца, петиот е професор по архитектура, а една жена е актерка. Дефинитвно нема нобеловци или светски познати научници, но тоа не е целта на Самерхил.

Нил починал во 1973 година и тогаш школата ја презела неговата сопруга. Денес, според многу слични принципи, ја води нивната ќерка Зое Нил. На интернет страницата под називот на училиштето стои мотото „Основана во 1921 година и сè уште пред своето време“.

Фотографии: Philipp Klaus

Извор: naukakrozprice.rs

 

Слични содржини

Наука / Живот / Историја

ОкоБоли главаВицФото