Ние ова сè си знаеме и умееме

23.10.2019 03:15
Ние ова сè си знаеме и умееме

Знам дека генерално не ве интересира подалеку од З и М, ама за тие малкуте еве краток (поедноставен) бриф за светските економски, финансиски и развојни текови, дискусии и дилеми: на глобално ниво грижата е поради тоа што не се знае каде точно и како ќе удри следната криза (што се очекува за година-две-три) бидејќи се случува нешто што до сега не е баш познато: истовремено со нискиот економски раст и ниската инфлација (стагнација) - ниска е и невработеноста, па нема од каде да се црпи дополнителен инпут за раст (продуктивноста исто така во многу земји веќе е на високо ниво).

Слободниот (а и позајмениот капитал) не се вложува (се конзервира), па по светот имаме и негативни каматни стапки (плаќаш за да ти стојат парите во банка). Ова им прави проблеми и на сите оние фондови и институции кои работат со туѓи пари и треба да ги оплодат. Се бара нова улога за народните банки (оти сегашната главна им е да ја одржуваат инфлацијата ниска, што со години и не е некој проблем).

Банкарските системи (а и други) веќе на големо се спремаат (со стрес-тестови) за шокови предизвикани од климатските промени (пр. во земјоделска земја да настрада најдоходовната култура) и т.н. финтеч (или наплив на финансиски технологии со што за многу помалку пари или бесплатно ќе се овозможуваат истите услуги кои сега ги нудат банките за скапи провизии).

На развојната страна - четири теми се доминантни: човечкиот капитал, родовата еднаквост, климатските промени и антикорупцијата (транспарентност на имотната состојба, на примањата, на крајните сопственици во фирмите, на јавниот долг, на работењето на државните претпријатија, јавните набавки, природните ресурси и сл.).

Дилеми: кој модел на економска политика да се заземе (ниеден досега познат не е граден врз сегашните појавни облици); каде да се пренасочат ресурсите; каква улога да заземат владите, а каква народните банки; каде може да се вклучат граѓанските организации; како да се впрегнат модерните технологии и базите на податоци во насока на економски развој и унапредување на животот на сите; кога (не дали) да се воведе данокот на јаглен (carbon tax) како рампа за користењето на овој ресурс и како извор на пари за пренасочување кон други извори на енергија. БИДЕЈЌИ НИЕ ОВА СЕ СИ ЗНАЕМЕ И УМЕЕМЕ, ЌЕ СИ СЕ ИЗБИРАМЕ, ЌЕ СИ СЕ ТРОШИМЕ НА ВАЛКАНА КАМПАЊА, ЌЕ СИ ДЕБАТИРАМЕ ЗА МИНАТОТО...#makedonijaceladae

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото