Презентација и предавање на Стеларк во МСУ

24.10.2019 12:19
Презентација и предавање на Стеларк во МСУ

Во Скопје доаѓа Стеларк, уметникот, чии екстремни перформанси се занимаваат со поврзаноста меѓу телото и технологијата. 

Предавање и презентација во Музејот на современа уметност ќе одржи светски познатиот Стеларк, мултимедијален и перформативен уметник. Предавањето „Контигентни и дискутабилни иднини: Зомби, киборг и фантомски тела“ ќе се одржи во сабота (26 октомври).

Стеларк е еден од најзначајните уметници во светот кој работи во сферата на технологијата и визуелната уметност. Тој е перформативен уметник кој визуелно го преиспитува и акустично надоградува своето тело. Преку користење различни медицински инструменти, протези, роботика, системи за виртуелна реалност, интернет и биотехнологија произведува нивни непосредни и спонтани поврзувања со самото тело. Во оваа насока, Стеларк прави истражувања на „алтернативни анатомски архитектури“, кои подразбираат зголемувања и издолжувања на различни телесни конструкции.

Стеларк ги има изведено перформансите „Трета дланка“, „Продолжена рака“, „Виртуелна рака“, „Стомачна скулптура“ и „Ехоскелет“, како и „Робот со шест нозе“. Неговите перформанси, „Фрактално месо“, „Звучно тело“ и „Паразит“ се однесуваат на спонтани, управувани од дистанца разнообразни движења на телото преку електрична стимулација на мускулите.

Делото „Протетичка глава“ е телесна направа која зборува и одговара на прашања од соговорник. Конечно, Стеларк хируршки конструира „Трето уво“ на неговата рака со цел тоа да биде поврзано и оспособено како акустичен орган за комуникација.

Стеларк е роден 1946 година, во Кипар (како Stelios Arcadiou, но во 1972 година го променил името), живее и работи во Австралија.