Разговор за книжевноста и медиумите во Штип

24.10.2019 16:28
Разговор за книжевноста и медиумите во Штип

 Во петок, на 25 октомври, во 18:00 часот, во Only Fools and Horses Pub во Штип, ќе се одржи разговор насловен „Книжевноста и медиумите“. Во разговорот ќе учествуваат: Румена Бужаровска, Магдалена Хорват, Оливера Ќорвезироска и Никола Гелевски. Разговорот ќе го води Игор Стојанов. 

Притоа ќе биде одржана и промоција на книгата „Десетте најдобри раскази на светот“, во издание на Темплум. Во оваа книга десет писател(к)и (меѓу кои се наоѓаат и четворицата гости во разговорот) го избираат својот омилен расказ. Во книгата се поместени избраните раскази и образложенијата за нивниот избор.

Истата вечер, во 20:30 часот, во Ликовната академија во Штип, ќе биде поставена изложбата на корици на списанието за култура „Маргина“. На изложбата ќе бидат претставени седумдесетина корици на тоа култно македонско списание. Проследувањето на визуелниот дизајн на списанието дава и суптилен увид во тековите на културните движења и уметничките тенденции во последниве 25 години.

Издавачката куќа Темплум, во духот на проектот, ќе донира околу 250 книги во библиотеките во Штип ( и за штипскиот затвор!), обрнувајќи внимание на важноста на ревитализацијата на локалните библиотеки како базични културни простори со значаен потенцијал за вклучување и еманципација.

Штип е третиот во низата градови во кои во рамки на проектот „Медиумот е порака“ се одржуваат културни настани посветени на промислување на медиумите и културата. Првата група настани беше одржана на 18 октомври во Струга, каде во разговорот „Македонските медиуми: лудило во системот или систем во лудилото?“ се дискутираше за улогата на медиумите и идеолошката природа на медиумската работа. Потоа, во Охрид, на 19 октомври, под насловот „Медиумот е порака (за медиумите, културата и идеологијата)“ се дискутираше околу комуникацијата како процес на конструирање на општествената реалност и едукативната функција на медиумите.

Проектот „Медиумот е порака“ се спроведува по повод 25 години од „Маргина“, списанието за култура, и 10 години од интернет порталот за култура „Окно“. Проектот има за цел да развие дискусија околу состојбата на медиумите и нивната улога и интеракција со останатите важни сектори во нашето општество. Притоа, особен фокус се посветува на односот медиуми-култура – нивната соработка, меѓузависност, функционалност. Проектот е поддржан од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.

ОкоБоли главаВицФото