Време на пеколен патријархат

24.10.2019 23:55
Време на пеколен патријархат

Иако дискриминацијата и насилството над жените станаа глобална тема дефинирана во политичките агенди и меѓународните документи како кршење на основните човекови права, и покрај сите промени кои се покренати во одредени државни законодавства и процедури, нивната имплементација и примена сѐ уште не достигнала задоволувачко ниво на ефикасност.

Политиката која де факто и де јуре би се борела против родово заснованото насилство и дискриминацијата на жените на државно ниво, не е доволно промовирана во Србија, а особено изостанува во јавниот простор, образовниот систем, како и во медиумските содржини. Практиките на медиумското претставување на жените кои се изложени на различни облици на дискриминација и насилство се дел од патријархалната култура во нашето општество, која го подразбира и оправдува истото тоа насилство над жените, особено ако тоа е упатено кон жени кои не ѝ припаѓаат на „нашата“ идеолошка и политичка матрица.

Поголем број жени во политичката и јавната сфера се основен предуслов, но не и доволен услов за политиката да биде поинаква. Иако денес повеќето политички партии имаат женски претставници во извршните тела, нивната реална партиципација во процесот на донесување одлуки, влијанието и моќта се ниски. Интеграцијата на феминистичките политики (правото на избор, правото на живот без насилство, еднаква платеност на пазарот на трудот) ја користат и „измиените“ десничарски партии, на тој начин мобилизирајќи поголем број жени во своите редови, но не применувајќи ја универзално туку само на политички подобните жени од сопствените редови.

Едно од клучните прашања е дали жените во политиката промовираат сопствена политичка мисија и практика и дали медиумските и јавните пораки не се креираат независно во однос на идеологијата на политичката партија на која ѝ припаѓаат. Оттаму доаѓа поделбата на „наши жени“ и „нивни жени“ и отуството на солидарност и јавна критика, злоупотреба на моќта, доминацијата и нееднаквоста и заговарањето нулта толеранција кон насилството над секоја жена.

Се чини дека интегритетот на жените, и локално и глобално, е покревок и изложен на насилство и повеќекратни облици на дискриминација и маргинализација. Живееме во време кое се карактеризира со јакнење на влијанието на десничарските политики, исклучувачки и дискриминаторни дискурси во јавниот и медиумскиот простор. Непостоењето санкции и релативизацијата на говорот на омраза и насилството обезбедуваат материјални услови за ширење атмосфера на нетолеранција и линч и тоа претставува поттик за сите оние кои секојдневно користат говор на омраза и го оправдуваат насилството против жените и припадниците/чките на малцинските и маргинализираните групи. Тоа бара употреба на сите расположливи ресурси за да се преиспитаат постоечките механизми за борба против различните практики на дискриминација во приватниот и јавниот простор и да се пронајдат поефикасни начини на борба.

Иако и државата прави одредени чекори за да придонесе за оваа борба (во која мера и со колкава политичка волја, зависело од различните политички идеологии на власт и од надворешните притисоци од страна на меѓународните инстанци), сѐ уште е забележлив огромен јаз помеѓу номиналната политичка волја и реалните напори во имплементацијата на мерките наметнати од страна на меѓународните конвенции. Во тој натпревар положбата на жените одново се маргинализира и ние впрочем можеме да зборуваме само за недоволно брзите промени кои се однесуваат на позицијата на жените и/или губењето на стекнатите привилегии.

Ова е документирано и пеку родовата сегрегација на трудот, притисокот на репродуктивните права на жените, ретрадиционализацијата на родовите улоги, и преку уништувањето на системот за социјални сервиси што во најголема мера се рефлектираше токму на животот на жените, преку феминизацијата на сиромаштијата и константната работна (деловна) неизвесност.

Од друга страна, жените кои во рамки на јавниот и медиумскиот простор ги преиспитуваат и дестабилизираат доминантните патријархални, конзервативни, расистички (прет)поставки без оглед на активната партиципација во процесот на еманципација и демократизацијата на социо-економскиот систем, континуирано се исклучуваат и стануваат невидливи или изложени на мизогини и сексистички напади. Феминистичките практики во медиумите се стигматизирани, како и делото на сите храбри жени кои предизвикувааа политички промени во Србија во последниве децении и беа двигател на клучни општествени акции.

Последните случаи на напади на една новинарка, феминистичка активистка и теоретичарка покажаа дека пошироката јавност и мажите кои се присутни на јавната сцена и се на позиции на моќ не се подготвени за соочување со минатото, што подразбира транзициски пристап до правдата, а не се подготвени ни за сегашноста ни за проекција на иднината во која жените вистински рамноправно учествуваат во креирањето јавни политики и донесуваат одлуки пред сѐ за себеси и сопственото тело. Методологијата на нивната работа подрзабира забавување на работата и сите постигнати резултати на поедини жени, но и тек и континуитет на женската и феминистичката борба.

Жените кои зборуваат, жените кои одлучуваат да го кренат гласот против родовото и институционалното насилство и укажуваат на искуства на сексуално вознемирување и на регресијата на законската рамка стануваат изложени на јавен прогон и напад на конзервативните групи.

Државните институции кои би требало да им пружат заштита често стануваат сојузници на насилниците преку отстуство на казнена политика и недостаток на подготвеност за превенција и системска работа за сузбивање на насилството и дискриминаторните практики.

Моменталните случувања во Србија и регионот, но и пошироко, ни покажуваат дека е започнат процес кој заговара намалување на основните права и слободи, како и ограничување на просторот за жените за донесување одлуки за сопствените идентитети, телото и сексуалноста, личните и политичките избори и акции.

Содржините во медиумскиот простор вообичаено не се претставуваа како вистински темелен факт: дека жените се половина од популацијата и дека како нејзин дел се пресудно и неотповикливо важни и неопходни за нејзиното функционирање, опстанокот и прогресот. Медиумскиот и јавниот простор денес станаа полигон за пресметка со жените, во кој насилството (вербално) (о)станува легитимно средство за дисквалификација на жените, и покрај тоа што навредите, заканите и насилството се казниви дела.

Она што ни останува е солидарност и изградба на нови политички заедници и феминистички сојузништва, кои организирано ќе се борат на улица, во институциите и академијата против секој облик на дискриминација над жените.

Слики: Stephanie DeAngelis

Извор: https://voxfeminae.net/

ОкоБоли главаВицФото