Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2019

25.10.2019 10:40
Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2019

 Владимир Илиевски - The Book of Light

Издавачката куќа ТЕМПЛУМ по четиринаесетти пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик.

Ракописите, кои се испраќаат по електронска пошта, треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат. Наградата изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка.

Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски...

Александар Илиевски - Библиотека

Наградата ќе се додели кон крајот на месец декември 2019 година.

Услови на конкурсот: за наградата можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга.

Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираме и специфичните жанровски експериментални форми.

Важно: ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. 90.000 компјутерски знаци.

Ракописите можете да ни ги испраќате до 8 декември 2019 година на следнава електронска адреса: konkurs.novite@gmail.com

За сите дополнителни прашања можете да се обратите на истата адреса на која се испраќаат ракописите.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Ѕвездан Георгиевски, Гето Руди (Дејан Василевски) и Андреј Ал-Асади.

Во продолжение објавуваме извадок од ракописот на минатогодишниот победник на наградата „Новите!“

Андреј Ал-Асади, Друго минато

Мирјана Лозановска - Среќа

Рамка

Очилата наденати над носот, кафениот густ мустаќ уредно зачешлан во двете страни, и наведнат над работната маса, тој немо зјапаше во купот хартии пред себе. Над него, како врамен диптих од Вилијам Тарнер, висеше широкиот прозорец по кој бесшумно лазеа тенките пипала на октомврискиот мраз. Ја крена главата за миг и, низ прозорецот, можеше да го забележи езерото Силваплана, склопчено во скутот на високите Алпи, и набрекнатите гради на сивото небо, кои тромо се лулееја над нив. Повторно погледна пред себе. Во десната рака ги држеше своите ракописи, а во левата ракописите на минатите големци, чии имиња историјата реши уредно да ги варди во камарите на својата студена колиба.

Отсекогаш сакаше да верува во своите мисли и да биде сигурен во зборовите што ги запишува. Но беше свесен дека секоја нова идеја е само резултат на претходно акумулираното знаење, секој нов збор е сочинет од старите и излитени букви. Гледаше наизменично во своите ракописи и во ракописите на минатите големци. Трагаше. Ги споредуваше. Сакаше да напише нешто сосема инакво. Нешто ново. Нескротливо. Судбинско. Болно. Неотповикливо. Моќно. Нешто за паметење!

Гледаше во своите ракописи и гледаше во тие на минатите големци. Наеднаш, рипна од столчето и го шутна настрана. Почна да оди горе-долу по собата и да си ги кубе косите. Се фрли врз масата, ги бутна сите хартии врз подот, и излезе од собата, трескајќи ја вратата зад себе.

По неколку минути, внатре влезе неговата сестра и низ прозорецот, го забележа, во своето црно кожено палто, како стои покрај смрзнатото езеро и гледа некаде во далечините. Девојката се наведна и почна да ги собира хартиите од подот. Дијалозите на Платон, фрагменти од претсократовците и неколку библиски псалми. Помеѓу нив забележа и пет ракописи, за кои беше сигурна дека му припаѓаат на нејзиниот брат. Знаеше дека нема никогаш повеќе да ги искористи, и ги стутка длабоко во внатрешниот џеб од палтото, каде што ќе останат сѐ до нејзината смрт. Девојката се викаше Елизабет Фостер.

Небојша Гелевски - Читање ѕвезди 

Илстрации: дел од конкурсот за гиф на тема „Книга“
наградени гифови на конкурсот на тема Книга