Тимоние контра Тимоние: Макрон ги призна реформите, ние не сме подготвени!

26.10.2019 00:59
Тимоние контра Тимоние: Макрон ги призна реформите, ние не сме подготвени!

Aко во Париз не биле задоволни од извештаите на Европската комисија или ако имале сознанија дека некои земји лажно ги храбреле македонските власти, тоа требало да си го расчистат внатре во Унијата. Вака, при признание и од самиот претседател Макрон дека Македонија ја исполнила домашната задача, но Унијата не била подготвена за проширување, обидите на амбасадорот Тимоние акцентот да се фрли врз недоволно сработените реформи, претставуваат извртување на вистината, т.е. спинување

Францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние на прес конференција се обиде да ја убеди јавноста во земјава дека недобивањето датум било поради недоволно спроведените реформи, што го оценуваме како извртена вистина, т.е. спин:

Спин: „Потребен е уште голем напредок, освен на хартија треба напредок и во пракса. Реализацијата на теренот не соодветствува секогаш со очекувањата за зајакнување на правната држава и се докажува дека одредени структурни проблеми се уште постојат, како и заминувањето на младите”

[ Извор: DW-Тимоние: Прашање е дали сте пример во регионот, датум: 24.10.2019]

Контраспин:
Веројатно и самиот амбасадор на Франција во Република Северна Македонија на почеток ќе се запраша зошто оваа негова реченица, е потенцирана како спин, т.е извртена вистина, кога де факто е реалност која не е негирана ниту од власта, ниту од аналитичарите, ниту од граѓаните!?

Одговорот е едноставен – тоа е спин во конкретниот случај, зашто амбасадорот се обидува да ја убеди јавноста дека противењето на Париз било затоа што не сме ги завршиле домашните задачи поставени на самитот на ЕУ во јуни 2018 г., дека во јуни 2019 г. не се отворило тоа прашање зашто процедурално не биле подготвени ни Париз, ни Берлин поради евроизборите и обврските во Бундестагот и дека, конечно, сега, на последниот самит суштински се отворила таа расправа, а Скопје не добило датум поради незавршени реформи!

Извртувањето на вистината или спинот, впрочем, си го потенцираше и самиот амбасадор некаде после 20-тата минута од својата прес конференција:

Мислам дека ништо не е затворено (околу можната промена на ставот на претседателот Макрон – н.з.), и ништо не беше затворено на неговата конференција за печат, пред нас е загребскиот хоризонт кој што ќе се случи за брзо време, и за кој веќе е започната работата кај француската страна, затоа што знаеме дека проблемот не е со прст да биде посочена Северна Македонија, затоа што тој самиот (Макрон – н.з.) ги призна реформите кои што беа спроведени и треба секогаш да кажеме дека и вие треба да бдете спремни и ние треба да бидеме спремни и тоа е реалност, дека ние не сме подготвени и дека треба да се доработи таа методологија на проширувањето…

Де факто, Тимоние кажа две работи. Прво, Макрон ги призна реформите што биле сработени во земјата. Второ, дека Франција (и дел од ЕУ) не биле подготвени за проширување.

Зошто тогаш амбасадорот се обидува акцентот да го фрли на недоволните реформи или дека не сме биле за пример во регионот или дека некои други не лажеле, алудирајќи на Европската комисија која пишувала проблематични извештаи или на некои други земји кои ни давале ветување дека ќе добиеме датум?

Ќе наведеме претпоставка – да се намали лутината и гневот на јавноста во земјата кон Франција и наместо тоа, граѓаните да ги обвинуваат властите за несработеното.

Тоа е најблаго речено, нефер пристап на претставникот на Франција во Македонија, затоа што ако во Париз не биле задоволни од извештаите на ЕК или ако имале сознанија дека некои земји лажно ги храбреле македонските власти, тоа требало да си го расчистат внатре во Унијата. Исто како што на ланскиот самит во јуни кога на земјата ѝ беше ветен датум ако доисполни некои услови во 4 области, датумот ќе го добие во јуни 2019 г., при што немаше збор за можно одложување на одлуката за во октомври, а пред октомври немаше, барем не јавно, навестување за недобивање датум поради реформи.

Впрочем, дали се реформите во прашање или, пак, станува збор за грешна (и неправедна) одлука кон РС Македонија, доволно зборува (освен еден куп изјави на европски и американски влијателни политичари), денешната (24 октомври) Резолуција на Европскиот парламент, со која одново се повикуваат лидерите на ЕУ (во случајов Макрон и евентуално уште некои), да започнат преговори со Албанија и со Северна Македонија, а дека одбивањето на последниот самит било стратешка грешка. И оваа резолуција, за информација на домашната јавност, е донесена со 412 гласови за, 136 против и 30 воздржани, односно со големо мнозинство на европатениците.

Поради погоре изнесени арументи, оценуваме дека обидот на францускиот амбасадор Тимоние да пласира став дека Скопје не добило датум за преговори поради недоволно спроведените реформи е извртена вистина, т.е. спин.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото