Одржани книжевни настани во Штип

28.10.2019 17:45
Одржани книжевни настани во Штип

  Во петокот, на 25 октомври, во Fools and Horses Pub во Штип, се одржа разговор насловен „Книжевноста и медиумите“ во кој учествуваа Румена Бужаровска, Магдалена Хорват, Оливера Ќорвезироска и Никола Гелевски. Разговорот го водеше Игор Стојанов.

Пред разговорот се одржа кратка промоција на новата книга „Десетте најдобри раскази на светот“, во издание на Темплум. Во оваа книга десет домашни писател(к)и (меѓу кои се наоѓаат и четворицата гости во разговорот) го избираат својот омилен расказ од светската книжевност. Во книгата се поместени избраните раскази и образложенијата за нивниот избор.

Порано истиот ден, Никола Гелевски, уредник на „Маргина“ и „Окно“, одржа час на тема „Уредување списание“ со учениците од штипската гимназија „Славчо Стојменски“. Часот се одржа на денот на патронатот на гимназијата, и по тој повод издавачката куќа Темплум подари книги на училишната библиотека.

Во рамки на проектот „Медиумот е порака“ Темплум донираше книги и во затворската библиотека во Штип.

Штип е третиот во низата градови во кои во рамки на проектот „Медиумот е порака“ се одржуваат културни настани посветени на промислување на медиумите и културата. Првата група настани беше одржана на 18 октомври во Струга, каде во разговорот „Македонските медиуми: лудило во системот или систем во лудилото?“ се дискутираше за улогата на медиумите и идеолошката природа на медиумската работа. Потоа, во Охрид, на 19 октомври, под насловот „Медиумот е порака (за медиумите, културата и идеологијата)“ се дискутираше околу комуникацијата како процес на конструирање на општествената реалност и едукативната функција на медиумите. Заедно со овие настани се одржаа и изложбата „25 години Маргина“ и промоции на книгата „10 години“ Окно од Свирачиња и Кома.

Проектот „Медиумот е порака“ се спроведува по повод 25 години од „Маргина“, списанието за култура, и 10 години од интернет порталот за култура „Окно“. Проектот има за цел да развие дискусија околу состојбата на медиумите и нивната улога и интеракција со останатите важни сектори во нашето општество. Притоа, особен фокус се посветува на односот медиуми-култура – нивната соработка, меѓузависност, функционалност. Проектот е поддржан од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.