Народно востание во Либан – сите против власта!

29.10.2019 02:26
Народно востание во Либан – сите против власта!

Подобри услови за живот – ова е општото барање на илјадниците демонстранти во Либан. „Единственото што на политичарите добро и тргна од рака е што нè обединија“, вели учесничка во проетстот. На улиците се излезени Либанци од сите вероисповеди и старосни групи. Протестите избија на 17 октомври, најмногу заради најавените зголемувања на даноците на бензинот, тутунот и онлајн повиците на апликациите како што е WhatsApp.

Следниот ден, во Бејрут имаше нереди, но потоа расположението на улиците поприми карактер на народно славење. Демонстрациите брзо се проширија низ целата држава, без оглед дали се работеше за регионите кадешто шиитите од Хезболах водат главен збор или за оние кои се под регуларната власт на премиерот Саад Харири.

Демонстрантите бараат крај на корупцијата, оставка од владата на Харири, нови избори и крај на политичките поделби.

Центарот на Бејрут е вистинска илустрација за причините на проетестите во Либан. Некогаш тоа било место каде се гледала разновидноста на градот, денес тој дел е приватизирана тврдина на повоената елита со парламентот кој е делумно ограден со бодликава жица. Насекаде има скапи продавници и ресторани, а кириите за деловен простор и домување – за мнозинството граѓани се превисоки.

Протест без лидер – засега функционира

Во текот на минатата седмица, граѓаните ја вратија контролата врз центарот на градот. „Дојдов да им кажам на овие што се на власт да се соберат и да исчезнат од овде. Либан ни припаѓа нам. Сакаме нов Либан и за тоа мора заеднички да се избориме“, вели една демонстрантка.

Она што би можело да го ослабне движењето се традиционалните поделби во општеството и затоа секоја поединечна група се фокусирала на „чистењето на сопствениот двор“. Така, сунитите на северот на земјата ги кинат плакатите со портретот на премиерот Харири, христијаните ги палат сликите на Мишел Аун, маронитскиот претседател на државата, а шиитите се побунија против Хезболах и пеат песни против шиитското движење Амал на претседателот на парламентот, Набих Бери.

„Сите значи сите“ е една од главните пароли на демонстрантите. Тие сакаат со заеднички сили да ја отстранат целокупната политичка елита.

На прашањето како да се направи тоа, нема единствен одговор. Додека едни мислат дека протестното движење би требало да добие структура и свои претставници, други се против тоа. Либанската новинарка Дијана Мукалед смета дека е добро тоа што демонстрантите немаат конкретни претставници.

„Вака мора да биде барем уште некое време, со тоа го одржуваме притисокот врз власта. Демонстраните нетреба да се тераат да се рганизираат зашто тоа би можело да доведе до поделби“, вели Мукалед.

Нејасна позиција на војската

Демонстрантите сè уште не гледаат причина да именуваат некакво водство. Четири министри на христијанската партија Либанска сила поднесоа оставка. Премиерот Саад Харири очигледно нема намера да го стори истото. Тој најави реформи, но за демонстрантите тие ни од далеку не се доволни.

И Харири и водачот на Хезболах, Хасан Насралах и претседателот Мишел Аун одржаа говори кои го разочараа незадоволниот народ. Сите се правдаа дека други ги спречувале во спроведувањето на реформите. Во меѓувреме, на демонстрантите им се придружија универзитетските професори, судиите, економистите. На студентите им е овозможено да ги одложат испитите заради демонстрациите.

Сепак, не е сè толку мирно. На северот од земјата имаше судири помеѓу полицијата и демонстрантите, а во Бејрут забележително е присуството на војската на улиците. Припадници на Хезболах повеќе пати ги нападнаа демонстрантите во главниот град.

Премиерот Харири соопшти дека ќе направи сè за да ги заштити демонстрантите и дека токму поради тоа војската е на улиците. Но, војската веќе неколку пати насилно ги расчистуваше улиците што ги блокираа демонстрантите – таа се наоѓа помеѓу власта и демонстрантите и тешко е да се предвиди како ќе се постави доколку ситуацијата се заостри.

Женската сила

Меѓу другото ова се и демонстрации на модерните и храбри жени. Од пред неколку дена, низ интернет незадржливо се шири и видео снимка на која се гледа како една девојка со нога го удира вооружениот телохранител на либанскиот министер за образование, Акрам Чехајеб.

Анонимната демонстрантка набрзо беше наречена „либанска Лара Крофт“, а сигурно е дека не е единствената која ја ризикува својата кожа во борбата за промени. Во овие демонстрации учествуваат повеќе жени од кога и да е порано. Но огромно мнозинство од нив ја одбива употребата на насилство. Сепак, жените се најчесто на чело на протестните поворки. Тоа им пречи на многумина во арапскиот свет, каде за овие демонстрации многу се дискутира, иако не без иронија, скепса и потсмевање.

Но, либанските демонстрантки на тоа грубо одговараат и самите потсмевајќи му се на машкиот шовинизам на многумина медиумски коментатори од Египет или Саудиска Арабија.

Надминување на верските поделби?

Либан е многу комплексно уредена држава, која по завршувањето на француското владеење во 1943 година се определила за поделба на власта помеѓу шиитите, сунитите, друзите и различните христијански групи. Тој систем има своја добра страна: и денес се гарантира дека во политичкиот систем ниедна од овие групи нема да биде доминантна.

Изборите се номинално слободни, а медиумите во оваа држава се послободни отколку во соседството, иако често служат како гласила на одредени групи.

Лошата страна на оваа мултиконфесионална демократија е во тоа што споменатите групи сепак се поткопуваат и блокираат меѓу себе, а имаат и обичај за своите цели да бараат поддршка од странство за да на внатрешнополитички план можат да ги спроведат своите интереси. Но затоа тие често стануваат и орудие во рацете на странските „сили – заштитнички“ како Саудиска Арабија, Сирија, Иран или на западните дрѓави како Франција и САД.

Освен тоа, секоја верска група од самиот почеток развивала свои партии и структури, што значело и дека наместо еден постојат повеќе системи на корупција и непотизам.

Покрај тоа, Либан освен една голема граѓанска војна и повеќедецениска фактичка власт на Сирија, мораше да претрпи и огромни бранови на бегалци од сириските и палестинските подрачја, као и повеќе крвави судири со соседен Израел.

Но, актуелните протести се некој вид покажување на заедништво на сите верски групи што порано не било честа појава. Демонстрантите не покажуваат страв. Ја чувствуваат меѓусебната поврзаност и сила, како што вели Дијана Мукалед:

„Во Либан сум доживеала граѓанска војна, убиства, сириската окупација, многубројни протести, но ова што сега се случува е нешто посебно – од тоа нема толку лесно да се откажеме“.

Извор: DW на српски јазик

 

ОкоБоли главаВицФото