Промоција на книга од Катица Трајковска Абјаниќ

29.10.2019 17:17
Промоција на книга од Катица Трајковска Абјаниќ

Издавачката куќа „Метаноја“ организира промоција на книгата „Мирисливите бои на душата“ од Катица Трајковска Абјаниќ, настан во знак на сеќавање на авторката.

Промоцијата ќе се одржи во среда (30 октомври) на малата сцена во Македонскиот народен театар со почеток во 19 часот.

Промоцијата ќе ја отвори директорката на издавачката куќа „Метаноја“ Нада Милкова, заедно со ќерката на авторката Ена Абјаниќ Чаусидис. За книгата ќе говорат Коста Милков, отец Климент, дон Давор Топиќ, Емилија Џипунова, Искра Гешоска и Андреј Јованчевски. Промоцијата ќе биде проследена со музички илустрации од Маја Капсарова, а ќе биде прикажано и кратко видео во режија на Ана Глигорова.

Катица Трајковска Абјаниќ (1951 – 2018) е личност која остави траен белег врз македонската култура. Таа беше позната ТВ - новинарка, уредничка и авторка од областа на културата, која најголемиот дел од својот работен век ѝ го посвети на Редакцијата за култура и уметност во Македонска радиотелевизија. Таа беше една од пионерите на дигиталната уметност во Македонија, а го даде и совојот придонес за развојот на франкофонијата во Македонија.

„Мирисливите бои на душата“ е зборовен израз на нејзината духовна состојба во дванаесет месечната борба со болеста. Инспирирана од благодарноста, таа напиша куси раскази за средбите и личностите кои оставиле белег на нејзината животна отсечка. Оваа книга е израз на љубовта и страданието, но пред сѐ на благодарноста која секој од нас треба да ја има и во најтешките мигови од животот.
Книгата е поделена на неколку целини, па така освен кусите раскази на Трајковска Абјаниќ, поместени се текстови од Коста Милков, отец Климент, Емилија Џипунова, Кица Колбе, Андреј Јованчевски, Искра Гешоска и дон Давор Топиќ. Тие од различен аспект пишуваат за средбите со авторката, нејзините раскази и пријателствувањето со неа.

За авторката и за книгата напишаа:

„Зборовите се згуснати. Стануваат шифра и симбол. Сликата и зборот копнеат да се слеат еден во друг. Тоа се случува постојано во кусите раскази на Катица Трајковска Абјаниќ. Во молкот на записот нејзините зборови се преобразуваат во сликозбор. И откриваат длабоко, незамисливо страдање. Зборовите се дневник на нејзиното страдање. И тоа каков дневник! Преполн со благост и небеска леснотија. Тој дозволува само да се насети низ каква болка поминувала таа во близината на смртта. Сепак, записите се преполни со живот. Со силна жед за живот! За живот и убавина!“ – Кица Колбе

„Овде, таа искрено и простодушно ги запишува впечатоците од луѓето што биле столбови на нејзината смисла и радост. Со тоа, без да сака, покажува како умира културниот човек: сит од големите искуства што цел живот ги примал, ги пренесувал и ги приредувал, верно го отсликува суптилниот релјеф на последните доживувања. Со други зборови, доволно тивко и доволно гласно зборува за формите што на крајот се покажуваат како најсуштествени.“ – Андреј Јованчевски

„Катица Трајковска Абјаниќ беше дефиниција за авангардата во нашата култура. Затоа што таа беше отстапка, тајна, исчекор, манифест на новото и современоста, и тоа на еден продлабочен, иманентен, но дискретен начин. Таа беше втемелувачки став за сите нешта кои новите ветришта во уметноста и културата требаа да ги вдахнат како пионерски правец во соп- ствените субверзивни коридори. Катица ни ја подари тишината која зборуваше, менуваше, ослободуваше, охрабруваше и поттикнуваше да се поместуваат хоризонтите во културата, уметноста и животот. Толку тивка, а толку придвижувачка... “ – Искра Гешоска

„Доколку човекот е дрво со корен кон небото, тогаш мојата пријателка имаше таков небесен корен. Под таа разгранета крошна, секој можеше да најде засолниште, одмор и спокој. Од нејзиното креа- тивно творештво се вкусуваа зрели, сочни и рафинира- ни плодови. Беше дар да се има таква личност за наш современик и сопатник. Постојат секакви прегратки, но претсмртната од смрт води во живот.“ – отец Климент

„Катица беше неуморна во тоа да создаде контекст за некој друг да дојде до израз. Во сите нејзини новинарски потфати во кои таа ја покриваше работата на „Балканскиот институт за вера и култура“, како и на изданијата „Метаноја“, за оние кои знаеја, можеше да се види духот и генијот на Катица, но на начин кој неа самата ја притајува за темата која се обработува да блесне пред публиката.“ - Коста Милков

„Верувам дека сите би се согласиле дека од средбата со неа заминувавме збогатени, дека моментите и разговорите со неа секогаш беа длабоки, вистински, автентични. Катица е таа која примила многу таленти и ги умножила, со радост ги дала на располагање и така оставаше зад себе длабоки бразди, светли траги, блескави дела. Отмена и одмерена, едноставна и скромна, ненаметлива и вредна, со истенчено чувство за вистинското, за убавото, за светото, за хуманото. Сето тоа го доживував во нејзина близина.“ – дон Давор Топиќ

„Ја викав различно, но таа беше една, единствена. Прекрасна личност. Тиха, скромна, ненаметлива, со широко срце и разбирање за секого и сè околу себе.
Беспрекорно грижлива мајка, со љубов која како да извираше од недофатливите длабочини на нејзината душа. Сопатник, во секоја смисла на зборот, на својот сопруг, уметник, кој можеби во тие деведесетти години на 20-от век, претставуваше полуенигма за повеќемина, но тој живееше во својот поетски свет, длабоко лично, длабоко интимно и креираше... Замина ненадејно, нашата Катица, нашата Кате, мојата Кети... Ненадејно замина..“ – Емилија Џипунова

"Над сè, средбите со Катица беа плод на пријателствување кое пак беше поттикнувано од средбите, една вистинска противтежа на она што се нарекува „маѓепсан круг на злото.“ Со Катица средбите и пријателството беа „мистичен круг на доброто.“ Дури и во очи со суровата болка и страдање нашите разговори нè поврзуваа заради тоа што сметавме дека секоја средба со друга личност е мал предвкус на Божјото царство во кое се остварува средбата која го дефинира севкупното постоење, средбата на Бог со човекот. Како во приказната на Толстој за чевларот кој добил објава од ангел дека Исус ќе го посети во неговата скромна работилница, на Катица ѝ беше кристално јасно дека таа средба пред сè се случува соочени со образот на друго човечко битие, зашто создадени сме според Божји образ и подобие. [...]
Покрај содржината на расказите овој нејзин феномен е убаво доловен во насловната страница. Таа е создадена врз основа на нејзините цртежи и калиграфски записи на имињата на нејзе драги луѓе. Она што јас како издавач се обидов да го доловам е, покрај самата слика, насловот да го содржи нејзиниот автентичен ракопис. За таа цел беа извлечени букви од манускриптот, така што иако таа не го напиша, а ние дојдовме до него постхумно, ракописот е нејзин. Секоја буква е дел од некој збор во кој таа со љубов пишува за средба со некого." - Нада Милкова

„ Оваа збирка куси раскази е резултат на дванаесетмесечен период од животот во болка на мојата мајка. Нејзината желба да ги издадеме расказите претставуваше еден извор на сила и смисла во деновите на темнина. Потребата да им изрази благодарност на луѓето кои на патот на страданието беа добри ангели и кои ѝ го олеснуваа живеењето беше огромна.“ – Ена Абјаниќ Чаусидис.

 


 

ОкоБоли главаВицФото