Јелена Вељача против петте типови

30.10.2019 12:04
Непријателска пропаганда: Вељача и петте типови

Тест

Минатонеделното гостување на Јелена Вељача во емисијата „Во Недела во 2“, каде актерката беше повикана да говори за задарскиот случај на повеќекратно силување девојче, пуштањето на осумте осомничени, нејзини сожители, да се бранат од слобода, и масовните протести во хрватските градови кои помогна да ги организира, наиде на бројни приговори. Имаше тука и критика, сугестија, напади и исмевања. Во овој текст, по повеќедневно консултирање со експертите, презентираме основен преглед на пет типови реакции. Забавувајте се и пронајдете ги во нив своите пријатели, колеги и роднини.

Да сум јас жртва

Во стручната литература познат како тип 1: за потребите на овој текст можеме да го наречеме и тип Александар Станковиќ. „Мене некој да ме злоставува, јас од тоа злоставување би пробал да излезам“, ѝ толкува водителот на Вељача зошто е особено скептичен кон одлуката на глумицата Селма Хајек да го пријави својот злоставувач, моќниот Харви Вајнштајн, со задоцнување од дури 15 години. Скепсата е толку голема што отприлика петина од емисијата минува во уверувањето на Станковиќ како баш тој, кога би се случило да е жртва на злоставување, би постапил попаметно од една жена која навистина доживеала злоставување. Тој е, просто, таков тип. Според достапните сознанија, се работи за тип кој со рекордна брзина се движи од обид за емпатија до потполна апатија и од сочувствување до мажјаснување. Накратко ,го затекнуваме како се соживува со улогата на жртва, главно за да покаже колку е всушност подобар од неа: се поистоветува со жртвата, но само за да ја доведе во прашање. Експертите со интерес ја проучуваат ваквата развиена способност за мимикрија. Сепак, препознатлив е по самодовербата: неговата верба во себе знае да биде толкава што повремено не остава простор за верување на жртвите. Тој е рационален, сталожен и настапува здраворазумски. Говори исклучиво во соспствено име, никому не му наметува мислење и задоволно ја напушта расправијата, уверен дека е во право. На прв поглед, овој тип за себе мисли дека е многу добар тип. Но тоа е заблуда. Бидејќи нема зошто да мисли. Тој едноставно знае.

Дали сум јас жртва?

Ова прашање го поставува типот 2: за оваа прилика да го наречеме Марио Накиќ. Главниот уредник на порталот „Либерал“ во текстот со подолг наслов „Реториката на Вељача се базира на расизам, сексизам и непознавање на материјата на сексуално и родово насилство“ наведува уште подолг попис на неволјите што секојдевно ги снаоѓаат мажите во Хрватска, од фактот дека живеат просечно седум години пократко од жените, преку петократно поголемите шанси да доживеат повреда на работно место сѐ до потресниот заклучок: „Да го додадеме на сето тоа и очигледниот факт дека мажот, ако е обвинет за некакво казнено дело врз жена, осуден е и пред да излезе на суд, без разлика дали обвинението е вистинито или не“. Во меѓувреме, во паралелната реалност на фактографијата, масовните протести не се организирани затоа што некој бил праведно или неправедно осуден, туку затоа што еден судија, наместо во притвор, пуштил пет полнолетни лица обвинети за континуирано сексуално изживување врз 15-годишно девојче назад во нејзиното соседство. Но фактите и логичките прашања не се нешто со што типот 2 генерално се заморува: по тоа, меѓу другото, е сличен на типот 1. Уште повеќе, постојат уверливи теории дека вториот тип еволуира од првиот со некој вид прилагодување кон новооткриената позиција: ако типот 1 се поистовети со позицијата на жртва за секунда-две подолго од она што му е потребно за да развие чувство на супериорност, тој ненадејно открива колку позицијата на жртва всушност му одговара. Ќе се поднамести, ќе се протегне, ќе сфати дека му е удобна: еве, веќе го добивме типот 2. Овој тип опсесивно ги брои неправдите кои му се нанесени откако феминизмот нѐ малтретира и насетува дека зад сето тоа се крие некоја матна завера. Конечно – резонира – ако тие феминистки навистина се залагаат за родова рамноправност, зошто и ја не би имал еднакво право да завршам како жртва?

Посебен подвид на вториот тип се големите заводници, сета онаа разиграна донжуанерија од канцелариите, биртиите и јавниот превоз, кои денес се чувствуваат загрозено бидејќи не им е јасно каде според новите правила завршува додворувањето, а започнува злоставувањето. За нивните неволји неодамна на порталот „Билтен“ пишуваше Марко Костаниќ, па ги пренесуваме согледбите на колегата: „И познатите книжевници и поранешните политичари и анонимните загрозени заводници: сите нив ги мачи тоа што жените имаат ексклузивен одговор на ова прашање. Едноставно, не е демократски. Имено, тие се сите со ред големи заводници и ја негуваат таа вештина. А ако се воспостави матна разлика помеѓу додворувањето и силувањето тогаш нивната вештина не може да дојде до израз. Многу жени ќе останат без нивните волшепства само затоа што некој ја измислил таа граница...“ Не е чудно што, растргнат во дилемата помеѓу додворувањето и силувањето, овој тип често знае да дејствува гранично.

Дали е тој жртва?

Откако типот 2 ќе се одомаќини во позицијата на жртва, тој започнува да развива рудиментарна способност за емпатија: ја насочува, логично, кон сличните на себе. Така, следејќи го еволуцискиот закон, настанува третиот тип: ќе го наречеме Маринко Јурасиќ. Колумнистот на „Вечерен лист“ во приказната за 15-годишната Задранка и судијата кој нејзините веројатни силувачи ги пуштил да се бранат од слобода првенствено го погоди судбината на судијата. Не е ли, на крајот на краиштата, баш тој најголемата жртва: зарем не се истурија врз него медиумите, не го прогонуваат ли него коментаторите, не му се заканува ли нему подивената толпа? „Цела среќа што е заштитен со Уставот“, заклучува Јурашиќ, „инаку, како во древните времиња, иако беше учесник во Војната за независност, ќе беше изложен на прогон, протеран од градот Задар, можеби и од Хрватска.“ Каква точно врска има податокот дека судијата бил учесник во војната со случајот на девојчето кое е родено десет години по крајот на војната, не е целосно јасно: можеби фактот што се борел за земјата во која ќе пушта потенцијални повеќекратни силувачи на слобода го прави неговиот замислен прогон полош од нејзината вистинска несреќа? Експертите сѐ уште немаат одговор на ова прашање. Генерално, не е лесно да се проникне во логиката на резонирање на типот 3. Засега знаеме само дека се движи во големи групи, барајќи друштво помеѓу сличните на себе. Овој тип, накратко, им верува само на типовите.

Нешто да ви објаснам

Врвот на еволуцискиот циклус и целната точка на развојот на секој вистински тип, типот 4, воедно е и најраспространет. Ќе го пронајдете на високи позиции, пред широка публика, во Фејсбук статуси и на сопствената семејна трпеза. Сите вештини со кои располага веќе се присутни кај неговите претходници, но тој ги унапредува до невидени размери. Откако првиот тип ја собра неопходната самоувереност, вториот успешно ги протера жртвите и третиот стекна способност за интеракција со сродниците, типот 4 започнува да комуницира со секој на кој ќе наиде. И не престанува. Тој има многу знаење: упатен е во суптилните законски разлики помеѓу силувањето и половиот однос без согласност, ја проучил идеологијата на феминистичките движења, ги проскролал сите 109 страници од Истамбулската конвенција, слушнал од еден пријател дека има некоја жена која баш неодамна лажно пријавила злоставување, некаде прочитал и некои статистики. Го користи секој повод да ви ги покаже, особено ако поводот е силување на малолетничка. Во завршен гест на неочекувана великодушност, иако не се сложува баш со активистките, подготвен е да им подели совет и да им укаже на грешките. Дури и тоа знае: еве на пример Славен Летица. „Во пристапот на Јелена Вељача во борбата за родова еднаквост сѐ е погрешно“, толкува пензионираниот универзитетски професор, докажувајќи го својот став со социолошко-модна експертиза: „Се работи за насилство, жените кои се жртви се тепани од мажи алкохоличари или под влијание на дрога. А Вељача околу тоа расправа во смарагдната сала на хотел Еспланаде со чантичка од 40 илјади куни.“ Ништо, значи, кутрата, не разбира: „Јелена Вељача нешто да знаеше и да ѝ беше навистина важна судбината на различните жртви на правосудството, ќе бараше оставка од министерот Дражен Бошњаковиќ и од премиерот Андреј Пленковиќ...“ И така натаму, и така надолу, и така подлабоко: бидејќи така е лесно. Со оглед на особената раширеност на типот 4, сѐ уште постојат извесни недоумици околу неговиот вистински назив. Затоа засега никако не го нарекуваме. Но се огласува.

Малку да се пошегувам

Еволуцијата ги јаде своите деца: последниот, петти тип, оној што секогаш знаеше да го насмее друштвото со нов виц за старата баба која желно чека силување, заглави во слепата улица на историјата. Сите го напуштија, сите научија дека тоа, изгледа, сепак не се прави. Само понекогаш, кога ќе го затекне во моменти на најдлабок очај, му приоѓа типот 3 па конспиративно му дошепнува дека и тој, ете, станал некој вид жртва: нешто како колатерална штета од сеприсутниот терор на политичката коректност. Но тоа е слаба утеха. Типот 5 сега главно се прпелка по коментари на социјални мрежи или седи на најоддалечените маси во биртијата, чекајќи да наиде некој кому сепак, тивко би можел да му раскаже што му рекла бабата на крајот. Ако понекогаш и ја подигне главата па похрабро се огласи, не се тоа веќе оние добри, стари, мрсни вицеви. Некако омекнале. Еве, да речеме, една жално пристојна шега за Јелена Вељача што ја чувме од најоддалечената маса во биртијата, порталот „Дневно“, од колумнистот Марин Влаховиќ: „Таа да беше маж, големо прашање е како би се завршила целата оваа работа. Селото покрај Задар можеби би поминало како да е 1945. Сите што имаат „погрешни презимиња“ би биле решени по кратка постапка, бидејќи мора да се во сродство со осомничените силувачи. Всушност, цел Задар би бил сомнителен, особено белите мажи“ се смешка Влаховиќ едвај ден или два пред некои бели задарски мажи да пратат во болница двајца, кои, ете, не биле бели, расипувајќи му ја и таквата, омекната поента. Ако се прашувате што беше смешно во вицот пред да се расипе поентата, не можеме да ви помогнеме: како што минува времето, навиките на типот 5 се сѐ помалку разбирливи за експертите. Се памети само дека овој тип себе долго се сметал за прилично духовит. Но тоа било во некои дамнешни, подобри времиња, кога мажите смееле слободно да говорат.

Извор: https://www.portalnovosti.com
Илустрации: Boino

ОкоБоли главаВицФото