„Неверојатно“: феминистичка крими серија

30.10.2019 14:30
„Неверојатно“: феминистичка крими серија

 

Мари Адлер не може да се пофали со среќно детство, а уште помалку со среќни тинејџерски години. Израснала без родители и била префрлувана од едно во друго заменско семејство, а често и злоставувана. На крајот девојката добила апартман во заедница за ризични млади. Една ноќ Мари се разбудила од нелагодност, а над неа бил надвиснат непознат маскиран маж кој ѝ се заканил да молчи, ја силувал и непрестајно ја снимал, а на заминување ѝ порачал дека ако пријави во полиција фотографиите ќе завршат на интернет.

Така започнува мини-серијата од осум епизоди „Неверојатно“, која е достапна на Нефликс. Снимена е според вистинит настан што го истражувале новинарите Кен Армстронг и Т. Кристиан Милер. Истражувањето по наслов „Неверојатна приказна за силување“ го објавиле во 2015 на портали кои објавуваат криминални случаи и за истиот добиле Пулицерова награда. Името Мари Адлер секако е измислено, но вистинската жртва, како и новинарите, соработувале на проектот.

Неверојатното во приказната за силувањето на Мари Адлер е што девојката (Кејтлин Девер) сепак се обратила на полицијата, каде со саати многу непријатно ја „решетале“ двајца детективи. Потоа, во болницата било уште полошо, така што веќе не знаела кому што рекла. Нејзиното заменско семејство ги предупредило полициските детективи дека Мари е склона кон измислување за да привлече внимание, за девојката на крајот да биде присилена да изјави дека силувањето воопшто не се случило. Поради тоа медиумите ја прогласиле за лажливка, на работа во стоковната куќа ја преместиле во полош оддел за да нема контакт со клиентите, а потоа и ја отпуштиле. Уште полошо, полицијата покренала тужба против неа затоа што им одзела драгоцено време на нејзините службеници, и иако избегнала затворска казна сепак морала да плати 500 долари и да учествува во индивидуални и групни терапии. Сето тоа се случило во 2008, во државата Вашингтон.

Три години подоцна во Колорадо, полицајката Карен Дувал (Мерит Вевер) го забележала случајот на силување на Амбер (Даниел Мекдоналд). И неа исто така во нејзиниот стан ја нападнал непознат маж, а мачењето траело цели четири часа. И тој користел фотоапарат и се заканувал дека снимките ќе завршат на интернет. Но, без оглед на тоа колку била преплашена, младата жена настојувала да го опушти и дознала сешто за него, па и тоа дека говори неколку јазици. По тоа што внимавал да не остави ниту најмала трага по која полицијата би ја открила неговата ДНК (дури ги собрал и чаршафите и ја натерал да се тушира половина час, по што исчезнал) полицајката сфатила дека се работи за професионалец, дека тоа го правел и порано и дека ќе продолжи. Очигледна е разликата како Карен Дувал ѝ пристапува на жртвата на силувањето - настојува да ѝ биде потпора, ја подготвува како ќе се однесуваат кон неа во болницата и на другите испитувања, додека полицајците кои ја испрашуваа Мари се однесуваа кон неа како непријатни инквизитори. Лесно е да се заклучи зошто голем број жени не пријавуваат дека се силувани - бидејќи повеќето полицајци се како оние кои ја испитувале Мари Адлер.

Фактот што полициските службеници во различните окрузи не разменуваат информации е само еден од апсурдите во приказната. Тоа и го користи серискиот силувач бидејќи никогаш не напаѓа во истиот округ два пати. Карен би можела да се заколне дека се работи за полицаец или војник – методичен е, знае дека не смее ништо да остави на местото на злосторството, свесен е како функционира полицијата.

„Неверојатно“ не е серија за суперполицајки, туку за жени кои знаат и да погрешат, имаат голема поддршка од своите сопрузи, а во нивните тимови често оние најнеискусните знаат да укажат на вистинската трага бидејќи се неизвалкани од полициската рутина. Веќе се снимени многу серии каде во фокусот се полицајки, американската „Кегни и Лејси“ имитираше слични теми од сериите со мажи-полицајци, со многу акција и напнати ситуации, а британската серија „Среќна долина“ иако одлична, многумина ги одбиваше со својот натурализам. Во споредба со нив „Неверојатно“ се одликува со речиси обично дејство, полициската работа не се сфаќа како особено возбудлива, а фактот што мора да се остане во канцеларија до доцна во ноќта за да се прелистаат стотина записи не е баш реклама за таа професија.

Злосторството не се прикажува воопшто, само во реминисценции кои навираат во сеќавањето на младата Мари, но тие се така кратки што никогаш не сме сигурни дали е тоа нејзино замислување или вистински настан. Веќе со самото тоа што изостануваат експлоатациските прикази на силување, „Неверојатно“ се издвојува од десетина други производи.

Извор: https://www.jutarnji.hr

ОкоБоли главаВицФото