Најпосле и мене ме прашаа зошто не сум ЌОРВЕЗИРОСКИ туку ЌОРВЕЗИРОСКА, а тоа не е мое родено презиме...

01.11.2019 00:55
Најпосле и мене ме прашаат зошто не сум ЌОРВЕЗИРОСКИ туку ЌОРВЕЗИРОСКА, а тоа не е мое родено презиме...

Преземањето на презимето на партнерот и отфрлањето на своето, роденото, е сложен и длабоко личен чин. Но, жената има избор: да не го преземе презимето, да го задржи своето или да го додаде презимето на партнерот. Повеќе години наназад често забележуваме презимиња на жени во машка родова граматичка форма, жени со две презимиња од кои едното е во женска родова граматичка форма, другото – во машка. Некој во тоа гледа модерност, феминизам дури, друг – помодност; некој смета дека во матично не смее да се дозволува такво нешто, зашто е граматички неправилно и не е во согласност со структурата на нашиот јазичен систем, друг – внесува логика во отстапката.

А логика, умен човек може да најде и кога таа навидум не постои. „Моето родено презиме и преземеното презиме на мојот сопруг се македонски, но моето е во граматички исправна форма, а неговото го презедов такво какво што е, за да биде јасно дека не е мое, дека не ми е родено.“ Звучи логично, жената има потреба да соопшти кое презиме е нејзино (во конгруенција со нејзиниот род) и кое е преземено (во родова конгруенција со нејзиниот партнер). Ова е можна дистинкција со која се остварува дополнително значење, се добива дополнителна информација за жената и тоа токму со отстапка од граматичкиот стандард. Оваа логика изгледа суверена, но би била недоволна и неспроведлива во хомосексуалните партнерства, на пример. Кога повеќето родени говорители би се согласиле дека дистинкцијава како дополнителна информација е потребна, правописот и граматиката, барем теоретски, треба да ја внесат, да ја прецизираат и да ја пропишат во своите следни изданија, зашто јазичниот стандард мора да ги следи и да ги задоволува потребите на своите родени говорители. Во тој случај, од една страна би требало да биде така за сите, секогаш, а од друга – кога би било така, хомосексуалните партнерства би биле оштетени.

Јазикот никогаш никого не оштетува. Затоа, мора да ги истрпиме сите трендови, помодности и пози како минливи јазични авантури и афери, воодушевувајќи се што сѐ може јазикот да соопшти (или да скрие) за нас. Не постои ништо што сакаме да го соопштиме (или да го скриеме) за себе, а јазикот да не може да ни го овозможи тоа. Не можеме да го надитриме, да го изиграме и да го искористиме за сопствени проблематични цели, зашто е постар и далеку поопитен од кого било од нас во дадено време.

Слики: Shiori Matsumoto

 

ОкоБоли главаВицФото