Фармацевтската понуда и побарувачка во ера на климатски промени

01.11.2019 00:59
Фармацевтската понуда и побарувачка во ера на климатски промени

Лековите - особено развојот и пристапот до нови лекови - се една од темите која доминира во дискусиите за здравството, како во стручните и политичките кругови, така и во оние активистичките и економските. Во Европа, истата дискусија дополнително го потенцира стареењето на популацијата: проценките за Велика Британија предвидуваат дека до 2052 година целокупната потрошувачка на лекови двојно ќе се зголеми токму заради демографското стареење.

Секако, повеќе лекови значи и повеќе издвојувања за лекови, заради што многу министри се загрижени за одржливостта на здравствените системи. Состојбата во Хрватска во овој случај не отскокнува од европските трендови: извештајот за потрошувачката на лекови во РХ во 2018 година покажа дека потрошувачката на лекови во Хрватска минатата година продолжила да расте. Агенцијата за лекови и медицински производи (ХАЛМЕД) во извештајот напомена дека „потрошувачката на лекови во 2018 година според финансиските показатели бележи пораст од 8,06 проценти во однос на 2017 година (...)“.

За среќа, освен што се многу популарни, лековите се и многу подинамична тема од она што може да се насети од статистиките на страниците на надлежните агенции - доволно динамична за да бидат вистински двигател на клучните компоненти на глобалното движење за правото на здравје, кои се протегнуваат од кампањата за достапност на лековите за ХИВ во Јужноафриканската Република (ТАЦ) до коалицијата Universities Allied for Essential Medicines (UAEM), која настојува да обезбеди поправеден пристап до клучните лекови чија цена често ги прави недостапни за пациентите за кои наводно се произведени.

Исто така, развојот, пристапот и потрошувачката на лекови се доволно динамични за да бидат централна тема на романот на Џон Ле Каре „The Constant Gardener“, што веројатно зборува повеќе од овој прв опис. Иако не станува збор за неговиот најдобар роман, во него Ле Каре мошне добро ја сумира приказната за лековите чии делови редовно ги објавуваат истражувачките новинари - изместените етички стандарди на големите фармацевтски куќи, класните разлики кои се забележливи во квалитетот на грижата (и лековите) до кои имаме пристап, поврзаноста на интересите на индустријата и политиката.

Најмногу благодарение на комбинацијата на овие два пристапи, голем дел од луѓето знаат дека кога денес зборуваме за зголемувањето на потрошувачката на лекови, дефинитивно не зборуваме само за демографските движења и реалните потреби. Реалните потреби се особено матен поим: во некои делови од светот се среќаваме со прекумерно користење лекови во случаи кога постојат алтернативи. Пример за тоа секако е полето на менталното здравје, каде во побогатите земји доминира фармакотерапевтскиот пристап - иако повеќепати се покажало дека причините за нарушеното ментално здравје во голем дел се социјални и дека голем дел луѓе би имале повеќе и подолготрајна корист од поинакви терапевтски пристапи.

Другата крајност можеби не ни е толку препознатлива, но сепак го одбележува секојдневието во остатокот од светот. Во тој случај, цената на лековите која ја бараат производителите е толку висока што некои здравствени системи воопшто не можат да си ја дозволат. И, иако здравствените системи во Европа одредено време беа заштитени од последиците на превисоките цени на лековите, се чини дека таа реалност полека им се приближува. Покрај преголемата потрошувачка во некои земји и недостатокот во други, фармацевтската индустрија се карактеризира и со одредена, така да ја наречеме, незаинтересираност за истражувања и производство на лекови кои не се профитабилни. Тоа може да се види преку примерот на лековите за ретки болести, но и во случајот со истражувањето нови видови антибиотици и вакцини за болести кои пустошат во сиромашните земји.

Каква врска има климата со тоа?

Кога ќе собереме сѐ, гледаме дека во актуелниот модел за производство и понуда на лекови, повеќе или помалку, страдаат сите освен профитите на фармацевтските компании - ништо ново. Но, она што е ново е тоа што наскоро на индустријата ќе ѝ се отворат многу нови, уште попрофитабилни врати. Имено, неодамнешната анализа која ја објави Морган Стенли предвидува дека фармацевтските компании не само што ќе го преживеат надоаѓачкиот бран несреќа што го носат климатските промени, туку со него и добро ќе заработат. Особено добро ќе се снајдат оние компании со развиени капацитети за истражување и производство на лекови за тропските болести, зашто токму нивното ширење ќе биде потенцирано со зголемувањето на температурите и другите промени во животната средина.

На економските анализи им одат во прилог и академските истражувања, кои веќе со години ги следат можните промени кои ќе ги имаат климатските промени по здравјето на луѓето. Светската здравствена организација (СЗО) во повеќе наврати истакна дека здравјето на луѓето ширум светот ќе страда заради климатските промени, а малку поспецифични истражувања, како извештаите кои во 2013 и 2014 година кои ги изработија Клер Редшо и соработниците од Европскиот центар за животна средина и здравјето на луѓето во Велика Британија, предупредуваат дека климатските промени претставуваат ризик за човечкото здравје од повеќе перспективи.

Ризикот што го носат вклучува пораст на раширеноста и интензитетот на состојбите како што се алергиите и астмата, но и повторна појава на болести кои се искоренети во некои делови од светот. Редшо напоменува дека тие промени најмногу ќе ги почувствува токму европскиот континент, на кој е извесна повторна појава на маларијата и други векторски болести: одредени делови од источна Европа уште сега се поволни за размножување комарци кои ги шират жолтата грозница и вирусот денге.

Климатската криза ќе има последици и на полето на хроничните незаразни болести: меѓу другото, се очекува влошување на менталното здравје, повеќе случаи на карцином на кожа и пораст на случаите на кардиоваскуларни болести и болести на дишните патишта. Дури и да се реализира само дел од предвиденото, акционерите и фармацевтските компании имаат на што да се веселат - можеби токму тоа сознание доведе со воодушевување да му пристапат на зголемувањето на енергетската ефикасност и одржливоста на своите производствени погони.

Една од фармацевтските компании која вложи најмногу во производство на погони на обновливи извори на енергија е француската компанија Санофи - еден од двата големи производители (заедно со Мерк) за кои Морган Стенли предвидува најсветла иднина. А со оглед на тоа дека производството на лекови денес е масовно разместено низ Европа, Санофи ги развива обновливите извори на енергија во деловите од светот кои најмногу се заслужни за емисијата на јаглероден диоксид - така што технички може да се каже дека имаат улога на просветители, а не само улога на job creator.

Во неодамна објавената статија на оваа тема, Financal Times пишува за погонот на Санофи во индискиот град Анклешвар, опишувајќи ги „ветерниците кои се истакнуваат во пејзажот додека произведуваат 30 проценти од енергијата која е потребна за производство“ приближно со истиот жар со кој во споменатиот „The Constant Gardener“ се опишани растенијата. Секако, неблагодарно е да се критикуваат нечии настојувања за избегнување на фосилните извори на енергија, но одредена доза скепса е сосема оправдана кога се знае дека во интервенциите на другите полиња каде фармацевтското производство има негативни последици за околината и здравјето, се вложува многу помалку труд. Општествено освестената корпоративна практика и одговорноста исчезнуваат токму тогаш кога промените би можеле да го доведат во прашање постоечкото работење.

Екотоксичноста

Да речеме, екотоксичноста на самите лекови е добро позната; сепак, адекватното згрижување на неискористените лекови останува сериозен проблем и не го привлекува толку вниманието на производителите на лекови. Исто така, задржувањето на одредени супстанци од лековите во околината - на пример, диклофенакот, кој се користи во лекот против болки Волтарен - има сериозни последици за екосистемот. Од 1990 година до денес, популацијата на некои видови грабливци, во Индија каде Санофил произведува лекови на сѐ почиста енергија, опадна за повеќе од 90 проценти зашто се хранеле со грабливци кои претходно добиле лекови кои содржеле диклофенак.

Помалку драматично, но сепак вредно за споменување е тоа што и диазепамот, локално најпознат под името Нормабел, моментално се наоѓа на пописот на лекови чие влијание врз средината го следат шведски агенции од јавното здравство, со оглед на тоа дека високата концентрација од неговиот нуспроизвод (оксазепам) во повеќе наврати е евидентирана во водата за пиење на подрачјето на Стокхолм. За жал, таквите појави не можат да се променат со зелената корпоративна култура, но може да се реагира со намалување на консумирањето одредени лекови.

Кога станува збор за диазепамот, лекот за смирување кој стана составен дел од секоја респектабилна домашна аптека, знаеме дека дел од состојбите кои во моментов се лекуваат со него можат да се адресираат со други методи. СЗО во повеќе наврати напомена дека сѐ поголемата појава на анксиозни нарушувања во општеството може да се поврзе со падот на квалитетот на живеењето. Несигурно работно место, тешки услови за работа, живот во лоши станбени услови - не е изненадувачки што сето тоа негативно влијае на менталното здравје на луѓето. Наместо долгорочно потпирање на употребата на лекови како што е диазепамот, долгорочно попродуктивна и поодржлива варијанта е развивање механизми и политики кои го штитат здравјето од капитализмот.

Дали на ист начин може да се дејствува на сите групи болести за кои е предвидено зголемување на потрошувачката на лекови во блиска иднина? Сосема сигурно дека не, но поголем акцент на јавноздравствените мерки и развојот на различните сектори со намера да се заштити здравјето може да доведе до позначајни резултати од сѐ поголемото потпирање на употребата на лековите.

Слики: Christoffer Relander

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото