Промовирана студија за нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ младите

01.11.2019 14:05
Промовирана студија за нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ младите

Во последните 12 месеци, најмалку еднаш 29 отсто од ЛГБТ момчињата на 13 или 15 години биле цел на физички напад, во споредба со 9 отсто од хетеросексуалните момчиња. 15 отсто од ЛГБТ девојчињата биле цел на физички напад во споредба со 10 отсто од хетеросексуалните девојчиња. Ова е само еднo од прашањата истражувани и објавени во студијата за нееднаквости и права на ЛГБТ младите, која ја опфаќа возраста на млади од 11, 13 и 15 години. Ставови за родовите норми и права на учениците, пропорции на вљубени млади, малтретирања и видови малтретирање во училиштето, ризични однесувања, како прашања беа исто така опфатени во истражувањето кое вчера беше презентирано во организација на Коалиција „Маргини“.

„Се работи за сеопфатно истражување во полето на здравјето на децата. Главни формати за своето однесување и здравје се самите деца на 11, 13 и 15 години, а Македонија е вклучена уште од 1998 година со пилот истражувачи. Дваесет години се спроведува и е можеби единственото одржливо истражување во Македонија“, потенцираше Лина Ќостарова Унковска клинички психолог, која е главен истражувач на оваа национална студија.

Целта, вели таа, е да се стекне увид во актуелните состојбите на децата во поглед на здравствените навики и однесувања. Студијата вообичаено се спроведува на секои четири години, во 48 земји од Европа, Северна Америка, Канада и Русија, меѓу кои и во Северна Македонија.

Едно од прашањата во однос на малтретирањето и видовите малтретирање, на кои младите одговарале е поврзано со сајбер малтретирањето кое се случило кај 29% од ЛГБТ момчињата, во споредба со 10% хетеросексуални момчиња, додека бројката на засегнати ЛГБТ девојчиња е 14% во споредба со 11% хетеросексуални девојчиња.

Ќостарова Унковска појасни дека истражувањето било спроведено во 149 основни и средни училишта низ земјата, каде учествувале 3.225 ученици на 13 и 15 години од паралелки со македонски и албански наставен јазик. Додава дека се работи за компаративно истражување затоа што се спроведува во 48 земји и на тој начин се споредуваат условите за живот и состојбите на децата со другите земји.

На конференцијата беше побарано ЛГБТ луѓето да добијат еднаков третман во општеството како и останатите граѓани. Притоа беше претставен изјава за потврдување на професионалниот став и третман на ЛГБТ лицата, со посебен осврт на младите.

„Го застапуваме гледиштето дека лезбејките, геј мажите, бисексуалците и трансородовите лица се почитувани членови на заедницата со еднакви права и одговорности како сите други граѓани. Тоа подразбира еднаков пристап до здравствените и социјалните услуги, со сите права и одговорности предвидени за животот во едно цивилизирано општество. Оттука ги поддржуваме напорите за обезбедување праведни и безбедни услови за сите кои се идентификуваат како трансродови или кои не се идентификуваат со родовонормативниот модел во нините животни средини како и во социјалните средини“, истакна Славчо Димитров од Колицијата „Маргини“.

По презентацијата на студијата, конференцијата продолжи со панел дискусија на која се зборуваше за неопходноста за унапредување и грижа за менталното здравје на ЛГБТ лицата.

Извор: Радио МОФ

 

ОкоБоли главаВицФото