Кога политичарите сами си се интервјуираат

02.11.2019 02:16
Кога политичарите сами си се интервјуираат

Политичари интервјуираат политичари како да се новинари - до пред неколку години нешто незамисливо, но неодамна се случи токму тоа. Во видео објавено на Јутјуб, во впечатливо опремена просторија седат две познати личности: десно - лично канцеларката Ангела Меркел, лево - претседателот на пратеничката група на нејзината партија во Бундестагот, Ралф Бринкхаус. „Убаво што можеме да го водиме овој разговор“, започнува Бринкхаус и ја замолува Меркел да се наврати на нејзините сеќавања од есента 1989 година.

Оној кој не го познава Ралф Бринкхаус, а тоа се веројатно многумина, веројатно прво помисли дека личноста лево е новинар, чудејќи се што на Меркел ѝ се обраќа со „драга Ангела“ и на „ти“. На прв поглед нема никакво укажување дека станува збор за партиски колега. Дури во објаснувањето со ситни букви стои дека „интервјуто“ го води шефот на пратеничката група.

Вкалкулирани забуни

Оние кои го правеле видеото се свесни за ризикот тоа да биде сфатено како формат на професионално новинарство, смета Франк Иберал, шеф на Германскиот синдикат на новинари, ДЈВ. Интенцијата е да му се даде автентичност. Произведувањето сопствени новинарски содржини од страна на политичките партии и служби во Германија станува тренд, вели Иберал: „Зошто да се дава интервју на критички новинари, кога човек може сам да си го направи?“

Медиумите се сметаат за „седма сила“, односно „четврта власт“ по законодавната, судската и извршната. Нивната задача е контрола врз останатите власти во државата, односно оние кои ги следат своите сопствени интереси, како партиите.

Франк Иберал, шеф на Германскиот синдикат на новинари, ДЈВ

„Господар на сопствените слики“

Изминатата пролет, кога новата претседателка на ЦДУ Анегрет Крамп-Каренбауер, често нарекувана АКК, ги покани странските новинари во партиската централа, нејзината прес-служба изненадувачки средбата ја квалификуваше како „брифинг“, што значи од разговорот не смеат да се објавуваат цитати. Значи, јавноста треба да дознае што помалку. Категорично беше забрането фотографирање. Странските новинари се придржуваа на правилата, но не и партијата. Веднаш по средбата, на Твитер беа објавени повеќе фотографии, направени од партиски фотограф: „АКК во разговор со 100 странски новинари во централата на ЦДУ“ - стоеше на Твитер.

Што се крие зад ваквото однесување? Да наведеме уште еден пример. При еден разговор околу прашања поврзани со миграцијата, на новинарите не им беше дозволен влез, со образложение дека се врши директен пренос. Но, АКК потоа наведе друга причина. ЦДУ е „господар врз сопствените слики“ и „прави свои вести“, а во таков правец ќе се продолжи и во иднина, зашто тоа претставува „модерна политичка комуникација“.

Партиите ги копираат медиумите

Двата настана се вклопуваат во сликата, експертите тоа го нарекуваат „Message Control". Заради постигнување контрола врз содржините, се создаваат т.н. „Newsrooms", односно сопствени информативни одделенија во прес-службите. Предводник во овој тренд беше популистичката партија Алтернатива за Германија, АфД. Веднаш по влегувањето во германскиот парламент во 2017 година, АфД почна со изградба на големо информативно одделение, вклучително и „Newsroom". Партијата сакаше на овој начин да ги заобиколи класичните новинари, сметајќи дека тие ја претставуваат во погрешна светлина. „Алтернативен медиум сме ние самите!“, изјави Марио Хау, раководител на одделот за социјални медиуми, во разговор со Дојче веле.

Популистите се опремуваат на дигитален план. Кога нивните пратеници постираат нешто на социјалните мрежи, постојат илјадници профили кои тоа го споделуваат, вели политикологот и дигитален експерт Мартин Фукс. Делегатите, регионалните партиски здруженија, симпатизерите, сите треба да бидат вклучени во ширењето на постовите. Тоа ги става под притисок и мејнстрим партиите.

СПД исто така создаде информативна служба, како и ФДП. Во ова се вклучува и партиската централа на ЦДУ во Берлин. Цела редица соработници во иднина од сопствениот „Newsroom" ќе објавува што планира партијата, што организира и ќе координира кои и какви содржини ќе одат на Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Во иднина ќе се зголемува ангажманот на социјалните мрежи. На таков начин партиите допираат до публика која не чита весници и не гледа телевизија. Тоа се потенцијални гласачи кои порано беа недостапни преку скапите изборни реклами. Сега политичките пораки преку интернет ги добиваат директно на својот екран.

„Тоа не се вести, туку лажирање етикети“

Она што на прв поглед изгледа како прилагодување кон дигиталната ера, со себе носи и ризици. Поимот „Newsroom" , информативна служба, односно деск, е само еуфемизам, лажирање етикети, критикува Франк Иберал од Германскиот нивинарски синдикат. Зашто, „вестите“ се поистоветуваат со новинарски вести. „Но, ниедна партија не може да произведува новинарски вести“, вели Иберал. Не постои претензијата за избалансирано, а не само интересно ориентирано известување. Отпаѓаат критичките потпрашања, кои се сржта на новинарската работа. Она што го прават партиите е само „паблик рилејшн“.

Во правен поглед, тешко е да се преземе нешто против ова - партиите во Германија уживаат големи слободи. Сепак, постојат граници за работата на пратеничките групи: тие смеат своите пари да ги даваат само за нивната парламентарна работа, а не и за онаа на партијата. Иако, тоа често е тешко да се диференцира.

Германскиот новинарски синдикат одамна се обидува да иницира јавна дебата за оваа тема. Доколку партиите или службите на долг рок создаваат впечаток дека можат самите да прават новинарски производи, за тоа мора да се отвори дискусија. Најголемата новинарска организација не располага со правни средства, за заострување на законите и` е потребен притисок од јавноста, вели шефот на ДЈВ, Иберал. Дека трендот на создавање „Newsroom" не е само проблем за новинарите, треба да им стане јасно на сите. Конечно, тој може да стане „контрапродуктивен“ за демократијата.

Извор: Дојче Веле