Зошто Волстрит сака автократи и опасни типови

02.11.2019 13:29
Зошто Волстрит сака автократи и опасни типови

Волстрит долго егзистираше како паралелен универзум чиишто лидери, во медиумите неретко претставувани како зли автократи, можат да се перцепираат и како херои кога нивните активности ќе се покажат поволни за економијата. Овој расчекор достигна уште поекстремен облик.

Ставот на оние критичките настроени е дека живееме во сè понелиберално време кое обилува со опасно непредвидливи такви „силни мажи“. Најчестите примери го подразбираат бразилскиот претседател Жаиро Болсонаро, кој минатиот месец, пред Обединетите нации одлучно ја бранеше својата влада од обвиненијата дека ги игнорира пожарите во Амамзонија; египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси на чело на брутален режим потпомогнат од војската, кој неодамна се најде на мета на демонстрантите; и саудискиот принц Мухамед бин Салман, кој го обвинуваат за убиството на новинарот Џамал Кашоги.

Од друга страна, глобалните инвеститори, овие тројца ги гледаат како ветувачки економски реформатори во скогласност во мејнстрим стратегијата, која како да ја пишувале аналитичарите на Меѓународниот монетарен фонд. Пазарите во склад со тоа и ги наградуваат. Бразил на чело со Болсонаро и Саудиска Арабија под Бин Салман се рангираат како најпосакувани пазари во светот. Сè до пред неколку недели, најуспешен пазар за инвестиции оваа година, беше египетскиот. Суровата стварност е дека пазарите се аморални, инстинктивно неутрални барометри на економските достигнувања и дека понекогаш ќе ги игнорираат бруталноста и екцесите на автократските властодршци од една причина: со малку или никаков отпор на законодавните, судските и другите независни органи, автократите можат да протуркаат значајни реформи – особено во економииите што се во развој, а политичките институции и владеењето на законот се слаби. Со преглед на податоци за 150 држави во периодот помеѓу 1950 и 2010 година, открив 43 случаи во кои растот на економијата цела деценија во континуитет изнесувал седум или повеќе отсто. На чело на зачудувачки 35 од тие економии, значи повеќе од 80 отсто, се наоѓале автократи.

Проблемот е што нациите кои се подредени на каприците на автократите, исто така, се ранливи на осцилации во економскиот раст. На примерок од истите 150 држави, во 138 случаи растот на економијата цела деценија не преминал над три отсто, а стотина од нив ги воделе автократи.

Пазарите ја чувствуваат недоверливата природа на економиите што ги предводат автократите и вложуваат многу сè до моментот кога економските реформи почнуваат да ја губат силата. Берзата бележела рапиден раст под автократите кои воспоставиле политики на висок раст, како Пиноче во Чиле, Сухарто во Индонезија и Махатир Мухамед во Малезија во седумдесеттите, осумдесеттите и деведесеттите години.

По 2000-та година, конторлата ја презеде новата генерација миленици на автократскиот пазар, предводена од рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Во првите мандати на двајцата лидери, пазарите во Русија и во Турција се зголемени за сто процентни поени и 300 отсто побрзо од просечниот раст во земјите во развој. Кога подоцна инвеститорите им го свртеа грбот на Русија и Турција, не го направија тоа затоа што лидерите станале уште поголеми автократи, туку бидејќи престанаа да ги туркаат силните економски реформи.

Пазарите, пред сè бараат финансиска стабилност; таа е неопходен услов за солиден економски раст. Иако денес постојат бројни разлики помеѓу Болсонаро, Сиси и Салман, секој од нив презеде неопходни чекори кон стабилизација на економијата.

Болсонаро подготвува удар врз бирократијата, планира продажба на државните претпријатија и намалување на пензиите за 250 милијарди долари заради кои Бразил би можело да банкротира. Сиси, делумно за да обезбеди помош од ММФ, го зголеми данокот на капитал и субвенциите за нафтата ги намали за 50 отсто. Принцот Мухамед реши да се позанимава со своите богати Саудици кои го избегнувале плаќањето данок.

Во извештаите на Волстрит за Бразил, Египет и Саудиска Арабија, едвај се спомнуваат автократските тенденции. Наместо тоа, се наведува дека реформите и натаму се спроведуваат во Саудиска Арабија, дека Египет остварува најдобри реформи во целиот регион, а дека, ако се прашува пазарот, ова е последната прилика на Болсонаро да ја реформира националната економија.

Во мај годинава, демонстрантите во Њујорк го испратија Болсонаро со повици „Фашист!“, кратко време откако министерот за економија во неговата влада, Паул Гедес, школуван во Чикаго, глобалните инвестиори на полугодишниот собир на ММФ, во Вашингтон го поздравија како спасител. Една учесничка на тој собир ми рече дека говорот на Гедес во кој ги претставил плановите за слободниот пазар, бил „најинспиративниот“ говор што го слушнала на таа конференција.

Особината што ја имаат сите автократи е тенденцијата да ги замаглат идеолошките линии. Нелибералната политика често се комбинира со еклектична економија така што е тешко да се позиционира на традиционалниот спектар левица – десница. Најистакнат пример за тоа е претседателот Доналд Трамп, шампионот на сините јаки и намалувањето на даноците за богатите.

Не станува збор за тоа дека луѓето од Волстрит сами по себе се аморални, ниту дека не ги допираат екцесите на автократите, но нивната работа е да филтрираат насловите во кои претседателите и премиерите автократи се претставени како окрутни злосторници и да се фокусираат на прашањето дали нивната политика ќе го поттикне економскиот раст.

Слики: James Yang

Извор: The New York Times