Кока Кола: најголемиот загадувач со пластика во светот

04.11.2019 01:29
Кока Кола: најголемиот загадувач со пластика во светот

Вторпат во две години години, брендот Кока Кола е прогласен за најголем светски загадувач со пластика. Тоа е резултат на глобалната ревизија на брендовите  препознатливи по пластичниот отпад собран на плажите што еднаш годишно го спроведува глобалното движење Ослободување од пластика (Break Free From Plastic).

Ревизијата покажа дека Кока Кола е одговорна за повеќе пластика отколку следните три загадувачи од листата заедно. Илјадници волонтери, поточно, 72 514, во 51 земја во светот се организирале за да собираат отпадоци од плажите, бреговите на реките и околу своите работни места и домовите. Собрале 476 423 парчиња пластичен отпад, при што потеклото на омотите, односно брендот, бил видлив на 43 проценти од парчињата, додека остатокот бил во непрепознатлива состојба. Поголемиот дел од отпадот бил собран на 21 септември, а останатото во други прилики. Волонтерите го каталогизирале отпадот на 8 000 брендови и 50 видови материјали. Десет од најголемите овогодишни загадувачи се Кока Кола, Нестле, ПепсиКо, Монделе Интернационал (Орео), Унилевер, Марс, Проктер и Гембл, Колгејт-Палмолајв, Филип Морис и Пефети Ван Миле. Кока Кола е одговорна за 11 732 парчиња пластика пронајдени во 37 земји на 4 континенти.

Кока Кола е најголем загадувач со пластика во Африка и Европа и втор најголем загадувач во Азија и Јужна Америка, додека во Северна Америка е дури петта на листата. Според движењето Break Free From Plastic, на овој континент најголем загадувач е Нестле, по што следат Соло Кап Компани и Старбакс. Исто така, најголемите три овогодинешни загадувачи биле на идентични позиции и во минатогодишната ревизија.

Како што истакнуваат од движењето Break Free From Plastic смислата на оваа ревизија е јасно да им се даде до знаење на загадувачите дека „нема да се застане“ со повиците за одговорност сѐ додека компаниите не се откажат од користењето еднократна пластика. Тука ќе прескокнеме со проблематизирање на фактот дека притоа се мисли на етичката одговорност и дека казнената практично е табу прашање, поставено само во исклучителни случаи. Сепак, Break Free From Plastic не останува само на морална осуда. Наместо тоа движењето ја деконструира медиумската стратегија на мултинационалните компании кои со години ја префрлаат одговорноста на консументите на своите производи истовремено нудејќи се како дел од решението или како што едноставно поентираат од движењето Break Free From Plastic, „имаме веродостојни податоци кои ги потврдуваат нашите тези, и за тоа корпорациите веќе не можат да ја префрлаат одговорноста само на потрошувачите - бројките едноставно не се на нивна страна“.

Ерата на изобилство е зад нас

Според мислењето на 1 800 невладини организации обединети во движењето Break Free From Plastic кое е основано 2016 година, ќе биде невозможно да се намали загадувањето со пластика без соработка со овие компании. Тие мораат да воведат огромни промени во своето производство. Ерата на расфрлање со еднократна пластика едноставно помина, сметаат во движењето, и ги повикуваат загадувачите наведени во ревизијата да објават впрочем колкава количина пластика користат. Тоа го сметаат за прв нужен чекор за да се донесе адекватна стратегија за намалување на употребата на пластиката. Потоа, од корпорациите очекуваат комплетно да ги редизајнираат омотите на своите производи целосно избегнувајќи ја пластиката.

Производството на пластика експлодираше изминативе децении, при што сега, кога ги разбираме последиците од нејзината долготрајност, наместо постапно напуштање на овој производ сѐ повеќе се вложува во нови погони за производство на овој материјал, а притоа сѐ уште не е решен проблемот со неговото складирање. Проценките велат дека до 2050 година производството на пластика ќе се зголеми четирипати, поттикнато од евтината екстракција на фосилните горива од шкрилците. По употребата пластиката се затрупува во земја и се пали, а само 9 проценти од годишното производство се рециклира. И тоа со причина. Пластиката може да се рециклира само неколку пати, зашто со секое рециклирање се намалуваат полимерите што ѝ даваат трајност и со тоа се губи квалитетот и стануваат несоодветни за пакување храна и пијалоци. Но, дури и рециклираната пластика се користи за производство на облека, се користи во градежништвото, а има и други примени по што не може понатаму да се рециклира, но никако не е соодветна за храна и пијалоци.

Таквата практика е противречна на ветувањата на компаниите дека ќе го намалат влијанието на своите производи на околината правејќи ги 100 проценти обновливи, односно поволни за рециклирање.

Рециклирањето не е решение

Од Brake Free From Plastic енергично истакнуваат дека „не можеме да го изрециклираме патот од проблемите со пластиката и компаниите кои тврдат дека рециклирањето е решение а впрочем избегнуваат каква било реална промена“, и тврдат дека „само со јасно означување на вистинските виновници од нив можеме да очекуваме да преземат некакви мерки, да ги променат омотите и да ги отфрлат своите деструктивни деловни модели“. Во ревизијата исто така се вели дека не постои единствен сребрен куршум кој со еден потег ќе ги реши проблемите на компаниите со пластиката, односно дека не можеме да чекаме да се измисли безопасен материјал кој ќе може да се применува наместо пластиката.

Почнувајќи од таа претпоставка, Гринпис заклучи дека омотите на производите кои ги наоѓаме на плажите мораат да ги задоволуваат критериумите за повеќекратна употреба: да бидат праведни, долготрајни, да можеме да си ги дозволиме, да бидат практични, безопасни и едноставни.

Приказната за Кока Кола како најголем загадувач ја објави и Intercept кој бараше и доби коментар од компанијата: За нас е сосема неприфатливо нашата амбалажа да заврши во нашите океани - или на сите други места каде што не припаѓа...“ Иако во последните години се обидува да се брендира како лидер во заштитата на животната средина, Intercept пронајде аудио снимка во која извршните директори на Кока Кола се обидуваат да ги осуетат планираните закони за забрана на еднократните пластични шишиња. Но, Кока Кола не застанува ни тука, минатата година се обиде да го апроприра поимот „нула отпад“ подведувајќи го под поимот рециклирање. Имено, мудрата компанија се обиде своето евтино вложување во погони за собирање на сопствената амбалажа и нејзиното рециклирање во Солун во Грција и во Будва во Црна Гора да го прикаже како своја инвестиција во овие градови и нивна транзиција кон „нула отпад“. Впрочем, Кока Кола во Будва вложи во „интерактивен центар“ во кој посетителите можат да дознаат нешто за екологијата и помошта во кофинансирањето на програмата „Фати чист бран“ која ќе помогне во собирањето на отпадот од повеќе од 40 плажи на ривиерата во Будва. Својот концепт „нула отпад“ Кока Кола во Будва го заокружи купувајќи уште и 30 канти за отпадоци.

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото