Дали се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ „исти“?

04.11.2019 14:09
Дали се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ „исти“?

Ние, припадниците на најстарата нација на светот, непосредните наследници на хомо еректус, а верувам, тоа е случајот и со нашите помлади роднини од Европа и светот, кога ќе седнеме да гледаме филм од јапонска или кинеска продукција – во кој, се разбира, играат актери од нивна домашна провениенција – првите половина час од филмот имаме проблем да ги разликуваме ликовите еден од друг.


Не знам колкупати во слична прилика сум ја чул – а, можеби и самиот, будала, сум ја изговорил – сосем простодушната и, воедно, прилично малоумната сентенца: „како да ги разликуваш, кога сите се исти“. Кога човек за миг ќе подразмисли за овие вообичаени, безмалку рефлексни и примитивни реакции, веднаш му станува јасно дека „истото“ се појавува кај луѓето како рационализација и екстериоризација на сопственото незнаење и неспособност. Вината за нашето неразликување ние ја префрламе на Кинезите, и не велиме „не знам да ги разликувам“ или „не сум во состојба да воочам разлики“, туку, едноставно, велиме дека „сите Кинези се исти“. Така „истото“ станува мерка за нашето незнаење и глупост, но и за нашата неподготвеност тоа и да го признаеме.

Префрлање на вината

Слична ситуација се појавува практично во секоја област на живеењето, зашто сепак во прашање е космичката константа за правопропорционалната врска помеѓу човечкото незнаење – или мрзоволна тапост – и употребата на одбранбеното „исто“. Па така, кога во жарот на некоја дискусија ќе заталкаме невнимателно во област која воопшто не ја познаваме, и кога присутниот стручњак од областа ќе ни укаже питомо дека погрешно генерализираме повеќе различни појави како да се едно, внимателно укажувајќи ни на разликите, ние најчесто – сосем рефлексно, како што реков – осорно ќе ја префрлиме вината за сопствената глупост далеку преку мрежата, секогаш со осорното: „па, тоа е исто!“ „Истото“ така станува не само мерка за нашето незнаење и конфузија, за нашиот интелектуален далтонизам и сиромаштво на духот, туку и за нашето болно, суетно и арогантно его, својствено на секој билмез.


И обратно: колку што повеќе разлики човек може да препознае помеѓу појавите од ист вид, род, класа или семејство, толку повеќе тој знае за нив, та разликувањето односно познавањето на многу различни својства на нештата, варијанти на појавите, нијанси на боите, синоними на поимите, варијации на музичките фрази, комбинации на шаховските отворања или завршници, нивното разликување, велам, е мерката на човековата наобразба и познавање на нештата, неговата експертиза. „Истото“ е, всушност, манифест на просечната свест, на незнаењето, на мрзливата, досадна баналност: конечно, тоа е и самата дистинктивна дефиниција на баналното. А Томас Ман на баналноста на „истото“ со неверојатна луцидност му го додава и комформизамот: „Признавам дека отворено ја мразам просечноста, која ништо не знае за мајсторството, и поради тоа води лесен и глупав живот“. Затоа оние што често ја користат фразата дека нештата се ‘исти’, покрај незнаењето, просечноста и суетата на билмез, ја манифестираат и својата тапа и мрзелива глупост, опортунизам и комформизам, што им го овозможува мирниот сон и удобниот живот заштитен од огромната разноликост и динамичната непредвидливост на светот.


И, уште еднаш, како ќе разликувате познавач на бои, сликар или естета, од обичен, просечен човек, со нулто познавање на (имињата) на боите? Лесно: за последниов постои само зелена, која се разликува од сината или портокаловата, но во која не се разликуваат различни зелени бои и нијанси. За него – вие веќе ми ја следите мислата – се е „исто“ зелено. А, зелени всушност има бескрајно многу: тревна-зелена, жад-зелена, сино-зелена, ловечка зелена, виндзор зелена, резеда, тиркизна, маринско-зелена, нормандиска зелена, маслинеста зелена, лискун-зелена, бадем-зелена, смарагднозелена, мов-зелена, бледа пролетно-зелена, борова зелена, водено зелена, грашок-зелена, жолтозелена, синозелена, мента-зелена, малахит-зелена, папрат-зелена, пастелно маслинеста, аспарагус-зелена, сиво маслинесто зелена, виридијан зелена, шартруз зелена, светла, темна, загасена и уште многу и многу зелени. Јасно ви е, нели, почитувани читатели: самото прашање „дали се две различни зелени исти“ е погрешно и апсурдно во почетокот и укажува само на незнаењето на оној што „истото“ го тврди или го поставува како прашање или теза.

Имало и исти работи

Така е и со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: кој тврди дека се исти, веќе кажал сè за себе. Самото прашање е малоумно и не заслужува одговор, но одговори дека не се исти има исто толку колку и различни зелени бои. Еве некои, колку за показ: ВМРО-ДПМНЕ е мафијашка организација со војничка субординативна организација, со јасно и дисциплинирано членство, додека СДСМ е политичка партија со нејасна организација и нестабилно и никогаш познато членство. ВМРО-ДПМНЕ има фашизоидна идеологија со јасно преродбеничко ултранационалистичко уверение, додека СДСМ, за жал, практично нема препознатлива и конзистентна идеологија. Кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, таа ја окупира и ја проголтува македонската држава и го претвора македонското општество во свој феуд, а македонската култура ја претвора во ништо, додека кога СДСМ е на власт таа самата почнува да исчезнува и да се претвора во ништо. ВМРО нè влечеше подалеку од Европа и го доведе во ризик постоењето на земјата и нејзината геополитичка егзистенција, додека СДСМ на епохален начин ги разреши проблемите со Грција и Бугарија и ги обезбеди нашите евроинтеграции, создавајќи пријатели и политички должници од мнозинството на европски земји.


Но, морам да признаам дека во споредбата се појавуваат и исти работи. Така, на пример, кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година, таа за еден месец смени и обезглави неколку илјади раководни кадри во администрацијата, додека СДСМ ги остави и ден-денес истите луѓе на своите места. Петте милијарди евра што ВМРО ги украде од македонските даночни пари, и тие се на истите места, тргнати на сигурно по мафијашки банки во островските даночни и мафијашки раеви. И милијардата евра, претворена во национален срам, во кичот и грдотиите од „Скопје 2014“, и тие се на исто место, заедно со украдената бела Куќа на фашизмот, штаб-квартирата на ВМРО, споменикот на еднопартиската диктатура која, исто така, заедно со украдениот партиски плоштад и фонтаната среде него, клечат на истите си места. Значи, моја грешка, се извинувам – имало и исти работи.


Слики: Rachel Goodyear
Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото