Фискалната политика е клучна за одржлив развој и избегнување „климатски апартхејд“

04.11.2019 16:25
Фискалната политика е клучна за одржлив развој и избегнување „климатски апартхејд“

 

Нееднаквоста беше на врвот на агендата на Политичкиот форум за одржлив развој во 2019. Но, реторичкиот акцент на „обезбедување инклузивност и еднаквост“ нема да се преведе во конкретни намалувања во нееднаквостите внатре во и помеѓу државите, како што бара Целта за одржлив развој 10, ако владите не се застапуваат за прогресивни даноци и трансформативни социјални програми. Затворањето на економскиот јаз бара богатите бизниси и индивидуите да ги следат глобалните правила, да се вложуваат и да понесат одговорност за сопствената улога во климатската криза, која најмногу ги удира најсиромашните. Врзувањето на развојните приоритети за приватните финансии и филантропијата наместо за јавниот буџет - како што ОН направи со потпишувањето на Стратешко партнерство со Светскиот економски форум – не само што е ризичен предлог, туку и ја игнорира виталната улога на фискалната политика во собирање и редистрибуција на ресурси, регулирање на однесувањето, претставување на населението и остварување на нивните права.

Во книгата „Данок, нееднаквост и човекови права“ се објаснува зошто фискалните политики – вклучително и даночните закони и дупки – се почетна точка во борбата за човекови права. Собраните есеи се осврнуваат на теми од импактот на меѓународните даночни реформи врз човековите права, одговорноста на државите во прекуграничната даночна злоупотреба и аргументите за поголема даночна транспарентност, до расната и родова дискриминација во давачките и дебатата околу универзалниот основен доход. Книгата критички го испитува преклопувањето меѓу даночното право и заштитата на човековите права, и истражува како обврските на државите околу човековите права треба да влијаат врз домашните и меѓународните даночни мерки. На тој начин придонесуваат кон важната дебата околу човековите права и фискалната политика во време на екстремна нееднаквост.

Во светот се јавува нова фискална ортодоксност, со длабоки последици по човековите права. Некои од нејзините клучни состојки, како кратењата во јавната потрошувачка, не се нови; она што меѓународните економски организации го ребрендираа како „фискална консолидација“ е само еуфемизам за „штедење“. Строгото поставување буџетски лимити, како горната граница на потрошувачка усвоена во Бразил со поддршка од ММФ, ги присилува локалните власти кои имаат ограничени финансии да преземаат дискриминаторски кратења на трошоци и стратегии за зголемување приходи што сериозно се одразуваат врз сиромашните. Со ширењето на пазарот капацитетот на поединецот за пристап до стоки и услуги и уживање слободи, што е клучно за човековите права, е сѐ повеќе економски одредено.

Овие мерки предизвикуваат екстремна економска нееднаквост во светот. Бројот на билионери двојно се зголемил во десетте години после финансиската криза, и, според Оксфам Интернешенл, 26 луѓе сега поседуваат еднакво колку оние 3.8 билиони кои ја сочинуваат сиромашната половина од човештвото. Нов извештај од Конференцијата на ОН за трговија и развој посочува дека глобалниот економски развој диспропорционално придонесува на капиталот и заклучува дека 1% од глобалното население живее на просечен доход од 172 ам. долари дневно, додека најсиромашните 50% живеат на само 4 ам. долари дневно.

Искривените даночни закони и администрацијата помагаат да се измами системот во полза на богатите. Во САД, каде постои огромна нееднаквост, двојните стандарди се вградени во правилата за оданочување и нивната нееднаква примена. Истражување од Про Публика порано годинава покажало дека еден даночен обврзник со годишен доход од 20.000 долари, кој бара скромна даночна бенефиција која му следува како дел од ниската работничка класа, има повеќе шанси да биде предмет на ревизија од даночната полиција од некој кој заработува 20 пати повеќе. Петте најчесто проверувани области во земјата, според истражувањето, сите се јужњачки, црни и сиромашни. Во меѓувреме, во 2018, шеесетина од највисоко рангираните 500 компании воопшто не платиле даноци на владата на речиси 80 билиони долари корпоративен доход.

Овие неверојатни разлики во даночниот третман не се уникатни за САД. Богатите индивидуи низ светот продолжуваат да ги кријат своите средства во странски банки, поттикнувајќи нееднаквост. Како што потврди ММФ, избегнувањето данок е проблем кој е најштетен во земјите во развој. Тешкотиите во собирањето директни даноци поттикнуваат понатамошно потпирање на регресивните даноци на потрошувачка, како ДДВ.

Даночните политики и практики не мора да бидат само дел од проблемот; оданочувањето поседува и потенцијал да биде дел од решението за растечката нееднаквост и сиромаштијата. Податоци собрани во Извештајот за нееднаквоста во светот од 2018 покажуваат различни трендови во нееднаквоста во САД и Европа од 1980-тите, потцртувајќи дека прогресивните фискални режими може да бидат ефективни во намалување на јазот во богатството и доходот. Индексот за посветеност кон намалување на нееднаквоста на Оксфам од 2018, кој анализира како фискалната политика влијае врз економските разлики, го истакнува скорешниот напредок во Јужна Кореја, каде владата ги зголеми даночните стапки за богатите, социјалното трошење и минималната плата, и Чиле, каде државата ги зголеми корпоративните даноци.

Секако, даночните режими сами по себе не можат да ги поправат структурните пристрасности. На пример, Јужна Африка наводно има најпрогресивна даночна политика во светот но и највисоки нивоа на економска нееднаквост – наследството од апартхејдот што некои велат дека не може да биде надминато без посилни политики на пазарот на трудот, поефективни социјални грантови и данок на богатство, заедно со континуирана борба против расната и родова дискриминација.

Елиминирањето на екстремниот економски јаз внатре во и помеѓу земјите бара фискална креативност. Некои заедници ги поместуваат границите на можното. Портланд, Орегон, на пример, наметна дополнителен данок на компаниите чии извршни директори се платени значително повеќе од просечната плата на еден работник. Неодамнешен извештај од организацијата Американци за даночна праведност нуди мени од опции за генерирање приход преку зголемување на релативното даночно оптоварување врз богатите и корпорациите или преку искористување на претходно неискористени опции, како данок на јаглен, за да се извлечат и фискални предности и предности за животната средина.

Оданочувањето на потрошувачката на фосилни горива би можело да биде вин-вин стратегија за намалување на нееднаквоста и спасување на човештвото. Бидејќи индиректните даноци се регресивни, нивното крајно влијание врз нееднаквоста зависи од дистрибуција на приходи, координација, и интеракција со другите зелени фискални политики – проблеми кои Комитетот на експерти на ОН за меѓународна соработка околу даночни прашања се обврза да ги разгледува при развојот на насоки за оданочување на јаглен. Постојат спротивставени теории за тоа како да се ублажи товарот врз даночните обврзници со низок доход. Некои сметаат дека единечни плаќања за данок на јаглен се подобра опција од скратување на останатите даноци. Канада во 2018 усвои таква шема на данок на јаглен и поврат на средства, придружувајќи се на околу 26 други надлежности што имаат некаква форма на данок на јаглен. Тој пристап може да е политички најприфатлив но постојат и други можности кои не треба да се исклучат, како финансирање на инфраструктура и услуги во заедниците со низок доход кои веќе најмногу страдаат од климатските промени.

За избегнување на „климатски апартхејд“ и заштита на човековите права – остварувајќи ја Агендата за 2030 – ќе бидат потребни сите достапни фискални алатки.

Извор: https://www.sdgwatcheurope.org

ОкоБоли главаВицФото