Капитализмот не е во криза

05.11.2019 00:58
Капитализмот не е во криза

Во последно време, се објавија голем број статии и книги за „кризата на капитализмот“ во кои се предвидува неговата скора пропаст или „depassement“. На оние кои имаат доволно годии да се сеќаваат на деведесеттите години, сето тоа необично личи на тогашните објави дека хегеловскиот крај на историјата конечно пристигнал. Времето покажа дека весниците не беа во право. За денешните најави за порпаста на капитализмот, верувам дека се исто така невтемелени и дека погрешно го дијагностицираат проблемот.

Фактите покажуваат дека капитализмот не е само дека не е во криза, туку се наоѓа на врвот од својата историска експанзија, како во поглед на географската распостранетост, така и според брзината на ширењето во други подрачја (како што се слободното време или социјалните мрежи), каде што гради нови пазари и ги комодифицира работите кои досега не биле предмет на пазарни трансакции.

Географски, капитализмот денес е доминантен (или дури и единствен) начин на производство на планетата, како во Шведска, каде приватниот сектор вработува повеќе од 70 отсто на работната сила, или во Соединетите држави каде што вработува 85 отсто, така и во Кина каде (на капиталистички начин организираниот) приватнен сектор произведува 80 отсто на додадена вредност. (1) Тоа, се разбира, не беше случај пред падот на комунизмот во Источна Европа и Русија и пред Кина да се впушти во процесот што еуфимистички го опишува како „трансформација“, а всушност е замена на социјализмот со капиталистички производствени односи.

Исто така, глобализацијата и технолошката револуција отворија неколку нови досега непостоечки пазари: големиот пазар на лични податоци, пазарот на приватни автомобили и станови кои се нудат на користење (ништо од тоа не претставуваше капитал, сè додека не се појавија Uber, Lyft, Airbnb и слични апликации), пазарот на услуги за сместување на „номадски“ претприемачи (кој не постоеше пред да се појави платформата WeWork), како и пазарите на услуги како што се негата на старите луѓе, чувањето деца и домашни миленици, подготвување и испорака на храна, одење во набавки итн.

Општественото значење на новите пазари е во тоа што создаваат нов капитал: исто така, со утврдувањето на цените на работите кои досега немале утврдена цена, нашите добра (употребна вредност) се претвораат во стока (разменска вредност). Таквата капиталистичка експанзија не се разликува значајно од експанзијата во Европа во периодот на 18-от и 19-от век, за која пишувале Адам Смит и Карл Маркс. Кога ќе се воспостават нови пазари, стоките и активностите добиваат некнижна вредност. Тоа не значи дека веднаш сите ќе побрзаме да издаваме соби за туристите или да нудиме превоз со сопствениот автомобил, но значи дека ќе бидеме свесни за финанскиот губиток кој го трпиме затоа што тоа не го правиме. Кога понудената цена ќе стане привлечна (без оглед дали како последица на нашите финансиски прилики или релативниот раст на цените), многумина ќе излезат на новите пазари и така ќе ги зајакнат.

Новите пазари се фрагментирани во таа смисла што не бараат целодневно работно време. Така комодификацијата напредува паралелно со гиг економијата. Во гиг економијата истовремено сме даватели на услуги (попладне може да испорачуваме пици) и купувачи на бројни услуги кои досега не биле монетизирани (веќе спомнатите: чистење, готвење, нега). Тоа ни овозможува своите потреби да ги задоволиме на пазарот што на подолг рок отвора прашање за функциите и опстанокот на семејството.

Ако капитализмот толку се проширил во сите насоки, зошто зборуваме за криза? Дали затоа што очекуваме дека проблемите кои засега се ограничени на богатите држави наскоро ќе се прошират и во остатокот на светот? Тоа не е точно. Проблемите што ги мачат западните земји, пред сè, се последица на нерамноправната дистрибуција на добивката од глобализацијата, како што било и во времето на глобализацијата во 19-от век кога диспропрционално голем дел од доходот одел кај Европјаните.

Новиот круг на глобализација е политички „продаден“ на западните земји во пакет со „крајот на историјата“, заедно со тврдењата дека од тоа најмногу корист ќе имаат богатите држави и нивното население. Но се случи токму спротивното. Најмногу корист имаа азиските држави со голем број жители: Кина, Индија, Виетнам, Индонезија. Зад незадоволството од глобализацијата се кријат разликите помеѓу очекувањата на припадниците на средната класа на запад, нискиот раст на нивниот доход и падот на глобалното доходовно скалило. Нивното незадоволство погрешно е опишано како незадоволство од капитализмот.

Постои уште еден проблем. Со ширењето на пазарниот пристап кон сите (или речиси на сите) активности во општеството, што е една од одликите на развиениот капитализам денес, политиката се трансформира во некој вид претприемачка дејност. Во принцип, политиката и слободното време историски не биле подрачја на кои се применуваат пазарните начела. Но тоа се промени. Оттаму цветањето на корупцијата во дeнешната политика. Политиката се гледа како економска активност, како која било друга, а и политичарите кои не беа директно вклучени во корупциските дејанија, во текот на своите мандати очекуваат да ги монетизираат стекнатите контакти и знаења кога ќе ја завршат својата политичка кариера. Таквиот вид на комодификација произведува цинизам и разочарување во мејнстрејм политиката и политичарите.

Оттука ова не е криза на капитализмот, туку криза предизвикана со нерамномерно распоредените ефекти на глобализацијата и ширењето на капитализмот во областите кои традиционално не се сметале погодни за комерцијализација. Со други зборови, капитализмот стана премногу моќен и често влегува во судир со нашите длабоко всадени уверувања. Можеби ќе продолжи да се шири и да освојува нови, уште некомерцијализирани сфери на човечкиот живот. Или ќе биде зауздан и принуден да „полето на своето делување“ го врати во некогашните рамки.

Слики: Nate Kitch

Извор: Global inequality

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото