Цивилизацијата изградена на експлоатација и општествена неправда е варварска

06.11.2019 00:07
Цивилизацијата изградена на експлоатација и општествена неправда е варварска

Денес кога милиони туристи доаѓаат да ги видат Колосеумот или Пирамидите ниеден од нив не е свесен дека тоа е само чин со кој човештвото се враќа на местото на злосторството. Таџ Махал е изграден од наводната љубов на големиот Могул за починатата жена, една од неколкуте што ги имал. Романтичарскиот поглед ги замаглува крвта и потта кои се вградени во овие артефакти. Не треба да се заборави дека тие градби кои денес се симболички означувачи за староста на културата која треба да ги легитимизира монополот и крупното акционерство над цивилизацијата ги граделе десетици илјади робови и заробеници.

Црквите, катедралите, базиликите ги граделе сиромашните и индулгенцијата, потоа со донации од краловите и владејачите кои преку истите цркви го држеле народот покорен, себеси си обезбедувале доживотна легитимација за „власта дадена од бога“, а потоа, по смртта добивале титула светец како противуслуга од црквата. Така денес стадионите главно се градат од даночните обрвзници и доволно е само да се погледнат парите фрлени на градбите за Олимписките игри и другите натпреварувања каде долговите ќе ги враќаат идните генерации и нивните деца. Таква е денешната паралела со овие историски примери преку кои може да се согледа ноторниот континуитет.

Сите тие зданија и градби како што се дворците на речните острови на Рајна и Дунав или катедралите и базиликите кои во самите градски јадра ги добивале најповолните и најубавите места во планирањето на градовите и околината. Тоа го покажува духот на времето во кое аристократијата и свештенството биле најпривилегирани слоеви и кои ја одредувале топографијата на градот. Тие треба да останат таму каде што се, но со познавање на условите во кои биле создадени, со познавање на конкретната историја која бара поинаков поглед од оној само естетскиот.

Кога се зборува за тоа културно наследство, за зданијата и градбите кои останале, не треба да се заборави она што зад себе го оставале колонизаторите и империјалистите. Како да се однесуваме кон мостовите, градбите, архитектурата на оние кои ја наметнувале својата култура во име на цивилизацијата, како што денес постколонијалната теорија се занимава со јазикот, религијата, обичаите кои сѐ уште се тука по заминувањето на колонизаторите. Дали она што останало зад нив е нешто што треба да се култивира како свое или тоа ќе биде спознаено како постојан потсетник на културното наследство наметнувано и создавано со оган и меч?

Постои модерен пример за парадоксалноста на историјата која не е ништо друго освен историја на класни односи. Кога беше бомбардиран Дубровник за време на минатата војна, западните интелектуалци и медиумите го изразуваа своето гадење од овој „варварски“ чин. Патронажните интелектуалци како Финкелкраут коментираа дека на вандалски начин се уништува западната култура ставајќи ги во фокус старите градби и стариот град во Дубровник. Тоа не е првпат западната културно-интелектуална елита повеќе да биде загрижена за градбите отколку за луѓето, токму затоа што тие ги гледаат нив како основа на културата, онаа елитистичката, додека за нив луѓето се само објекти кои „духот ги поместува како шаховски фигури“.

Она за што не беше свесен хрватскиот народ кога се бореше за бисерот на Јадранот е дека се бореше за нешто што никогаш нема да биде нивно, односно за нешто во што ќе ужива само традиционалната европска елита, арапските шеици и новите руски богаташи, а нема помалку да уживаат ни криминалците и тајкуните од регионот кои ги ограбија и останатите народи од поранешна Југославија. Така останува своевидна иронија тоа што денес во Дубровник уживаат и српските и хрватските тајкуни, додека народот ламентира над елитизмот и отуѓеноста на градот. И онака сите тие градби ширум земјата и регионот ги граделе елитите и освојувачите, додека на сиромашните и обичното граѓанство им крвареле рацете копајќи мермер или носејќи камења или пак буквално гинеле за нив во војните. Палатата на Диоклецијан или Страдун никогаш не биле градени за народот, ниту некогаш ќе му припаѓаат на народот. Барем не додека не се случи фундаментална промена во општествените односи.

Ленин после Октомвриската револуција во санктпетербуршката луксузна зграда во која живееле буржоазијата и остатоци од аристократијата населил обични селани и работници, додека Џорџ Орвел гледајќи ја фамозната Саграда Фамилија која е симбол на Барселона вели дека тоа е најодвратната градба што ја видел, и дека анархистите го покажале лошиот вкус зашто не ја кренале во воздух. Потребен е таков вид пркос кој го има еден просветен анархист како основа за превреднувањето одредени културни вредности и достигнувања кои во историска смисла изгледаат колосални и цивилизациски канонски.

Во најмала рака би било фер кога бирократијата на Унеско и останатите заштитници на културните споменици на уметноста и архитектурата би ги споменале условите под кои се создавале овие големи градби на човечкиот дух и умешноста. Тоа секако е невозможно затоа што тоа би го нарушило доживувањето на убавината и естетиката, а и би било несоборлив доказ дека повеќето достигнувања во културата се создадени на плеќите на робовите како што се создадени денешните со парите од ситните даночни обврзници и новите робови. Денес се истакнуваат само имињата на големите архитекти и нивните фирми, како научната меритократија и врвните претприемачи, само за да може секогаш да се подвлекува доминатното вредносно насочување на цивилизацијата.

Овие културни достигнувања и артефакти можат да останат, но само ако станат дел од наследстото и како белези на историјата која секогаш се движела напред и која ги надминувала дотогашните облици на културата проникнати од конкретните општествени односи. Зашто сите тие градби се само објективизиран дух на времето и внимателниот набљудувач од нив може да ја прочита состојбата на свеста и општествените односи кои владееле во тоа доба. Затоа нашата епоха кај посматрачите системски го развива естетскиот наместо духовниот сензибилитет кој го вклучува и умот. Естетиката е само површински однос на субјектот кој го перципира материјалниот објект. Меѓутоа, само со целокупниот дух, т.е ум, може да се дојде до целосно спознавање, или како што би рекол Хегел „само духот го спознава духот“. Меѓутоа тоа движење на духот нанапред, односно историјата, ако не се претвори во конкретна свест на класа за себе и не тежнее кон социјална правда и еднаквост, ќе остане само куп злосторства и неправди овековечени токму во културата.

Денешниот израз „вандализам“ е создаден за време на Француската револуција, прикачен на Робеспјер и радикалните востаници кои ги уништувале културните достигнувања, градбите и институциите акумулирани во дотогашниот историски тек. Меѓутоа со овој „вандализам“ е создаден темелот на просветителската култура и човековите права, односно свеста за слободата, додека и натаму ќе се случува рушењето на експлоататорските системи да биде прогласувано за вандализам и тероризам од страна на оние на кои не им е од интерес промената на експлоататорските општествени односи. Меѓутоа, секое насилство не доведува до напредок, на пример Маоизмот не бил заобиколувачки и дијалектички и затоа културната револуција не била успешна, била уништувачка и во цивилизациска смисла назадна. Истото важи и за нацизмот, кој историски гледано беше назадување и тоа е она што некои теоретичари го нарекуваа негативна дијалектика.

Сите денешни светски чуда се изградени со експлоатација и хронична нееднаквост акумулирана со векови, како што некогашните светски чуда ги граделе робови, воени заробеници, затвореници и други „презрени“. Пониските слоеви се тука, не само за да носат камења и цигли, да гинат на градбите туку да чистат и да го деконтаминираат отпадот после нуклеарните и биолошките катастрофи од Хирошима, Чернобил, Фукушима, нафтените и хемиските хаварии, токсичните отпади и друго. Како и да е, ако не дојде до демократизација на културата и вклучување на широките слоеви како свесни културни субјекти, таквата култура порано или подоцна е осудена на рушење.

Со истата логика, за неколку генерации кога историјата ќе ги сокрие своите траги и процесите на создавање, луѓето ќе им се воодушевуваат на грандиозните стадиони, арени, парламенти, храмови и цркви, на стаклените згради, модерните дизајни итн. Ќе остане манифестниот облик на она што е градено на плеќите на евтината работна сила, имигрантите, експлоатираните. Вообичаено ваквата дијагностика на времето звучи како радикално левичарска, а впрочем таа е елементарно историска. Таквиот вид здрав нихилизам е потребен како основа за превреднување и преобликување на конституцијата на културниот морал на едно општество и една цивилизација.

Цивилизацијата изградена на експлоатирање и општествена неправда, впрочем е варварска. Таквата цивилизација сама создава вандали кои ќе ја срушат, зашто создала општество во кое човек на човека е волк. Кога ќе се рушат денешните велелепни зданија и градбите, таканаречениот просветен дел од светот повторно ќе се згрозува. Исто како што денес таканаречените културни луѓе се згрозуваат од рушителите и осквернувачите, ограбувачите и разузданите толпи и поединци кои ги гледаме на телевизиите како изнесуваат бела техника од искршените продавници или стари предмети и уметнички дела од разрушените музеи. Културата која создава варвари нема право да се нарекува култура.

Слики: Interesni Kazki

Извор: https://lupiga.com

Слични содржини

Свет / Историја
Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Стрип / Култура
Свет / Теорија / Историја
Свет / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото