за вашиот комфор и вашата сигурност

06.11.2019 18:12

градиме брза пруга и произведуваме возови
што се навалуваат и се лизгаат како по средство против коров
за вашиот комфор и вашата сигурност
ги преуредуваме трамвајските постојки и ставаме
дигитални паноа за да се види кога трамвајот доаѓа
и да не се гледа тенката иноксна пречка што на момчето
на велосипед во вратот трајно му го врежува ѓерданот
за вашиот комфор и вашата сигурност
го утврдуваме градот со бедеми од трговски центри
за да има каде да се сокриете и лете и зиме
за да не морате децата да ги водите на езеро
кај што е страшно и опасно, или во парк,
иако и нив ги обложивме со мека пена
модринките се out, можеме да ве пријавиме за малтретирање
за вашиот комфор и вашата сигурност
ставивме камери на раскрсниците
ја засиливме полициската безбедност обезбедувањето
веќе стои пред сите врати
за вашиот комфор и вашата сигурност
смисливме и патувања без ризик
и љубовни средби без ризик
и војни без ризик, за нашите момци, секако
не можат цел живот да висат на play station
а ниту paint-ball не е за вистински фраер
за вашиот комфор и вашата сигурност
ви нудиме сѐ поголеми телевизори
политички спектакли и гратис општества
потврдена наслада, гаранција доживотна
за вашиот комфор и вашата сигурност
ви нудиме во пакет сè повеќе
купуваш две добиваш три, дупло, сè мора да отиде,
акција, имате ли наша картичка, оставете податоци
за вашиот комфор и вашата сигурност
ќе ви влеземе во трага и добро ќе проучиме кои сте
за вашата сигурност сигурност сигурност
за вашиот комфор бидејќи се грижиме за вас
бидејќи ние сме сигурен партнер бидејќи ние знаеме подобро
бидејќи тука е човекот
човек
тука е

Превод: Славе Ѓорѓо Димоски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото