Правото на избор, помеѓу исти и други

08.11.2019 11:02
Правото на избор, помеѓу исти и други

Вистинската хегемонија на една вера или политичка идеологија над едно општество не се манифестира со апсолутната власт на тиранинот што ја застапува и спроведува или со злоупотребата на државата во нејзиното наметнување, па дури и низ тоталитарната контрола на сите аспекти на животот. Не, најмоќната форма на севластие не се постигнува со воено или полициско насилство, туку напротив, со многу помекиот и пософистициран метод на елиминирање на алтернативите од светогледот на луѓето.

Само тогаш кога единствената политичка религија ќе го исполни целиот светоглед и ќе се претвори во глетка што ги исцртува сите хоризонти – кога веќе нема ниту да има потреба од нејзиното грубо наметнување – таа ја обезбедува вистинската хегемонија, повлекувајќи се подмолно во политичкиот недоглед. Тогаш кога ќе се претвори во единствената можна нормалност и дури ќе негира нежно, шепкајќи ни на уво, дека таа воопшто и не е идеологија, туку природна состојба и единствен начин на постоењето на општествата, е тогаш имаме вистински и апсолутен, тотален и незаменлив монизам на власта.

Уништување на сите еретички левичарски мисли и движења

Двете први децении од веков ги живееме приближно во таа фаза на самоинсталирањето на капитализмот како единствен можен, сосем природен и неменлив поредок на кој функционираат човечките општества на целата планета. Затоа, не е случајно што полињата на политичката имагинација во целиот свет денес личат на гола пустина. Инквизицијата на капитализмот го искористи колапсот на социјалистичката идеја кон крајот на минатиот век и веќе три децении систематски ги уништува сите еретички левичарски мисли и движења. Како замена за вистинскиот политички избор, на луѓето им е фрлена гола коска за занимација на вилиците – празната техника на ѓоа демократските избори во кои се избираат различни партии, но не и различни политички идеологии. За опстојување на оваа колосална планетарна измама, во употреба се еден куп илузивни техники меѓу кои семантичката конфузија е една од најомилените: тоа се изрази со испразнети и лажни значења што го овозможуваат привидот на политичкиот диверзитет, кој е – сите знаеме – основниот услов за демократското практикување на правото на избор. Така, на пример, партиите на политичкиот пазар се нарекуваат левичарски и десничарски, центристички, лево и десно центристички, крајно леви и десни, додека во стварноста лево од центарот веќе не постои никој, а буквално сите политички партии – според нивните програми и приоритети – се тискаат на десната половина од спектарот. На светската политичка сцена, во сите примери на претставничката демократија, политички се претставени само капиталистите. И никој друг.

И така, во капиталистичкиот планетарен монизам, луѓето не се упатуваат на класно или какво било социјално освестување или, пак, организирање во егзистенцијално поврзани движења за одбрана или освојување на своите права, туку се упатуваат на правото да гласаат за едната и единствена политичка опција како врвно право што им е дадено во либерално капиталистичката демократија. Како последица на оваа неофеудална индоктринација, луѓето се свртени кон себе, социјално атомизирани, а виртуелно – и лажно – глобално поврзани преку интернет и социјалните мрежи. Практично, сите тие се политички понеписмени и понеосвестени од нивните предци од пред повеќе од еден век, синдикатите се во исчезнување на целата планета, заедно со работничките права, а бројката на млади луѓе што ѝ припаѓаат на новата класа, на т.н. прекаријат – луѓе што немаат сигурност од никаков вид, ниту можност да планираат, а ниту права на кои можат да сметаат – веќе се изразува во деветцифрени броеви.

Масовни протести ширум планетата

Затоа, ширум планетата, се нижат масовни протести, демонстрации и побуни што практично немаат јасна идеолошка, класна или каква и да е друга профилација, кренати со хоризонтална иницијатива што не сака да се структурира во лидерство и организација, а безмалку секогаш се насочени против власта, против сите партии, против „естаблишментот“. И, нормално, доколку не прераснат во секташки фрагментирани граѓански војни, овие протести завршуваат повторно и секогаш со истото исходиште: со истата капиталистичка власт, овој пат од популистички тип, што незадоволството на луѓето кон системот ќе го пренасочи кон некои други – мигранти, малцинства, народи или племиња. Или ќе ги зарази со омраза како универзален човечки емоционален вентил за изживување на незадоволството кое е секогаш без јасен идеолошки наратив и, се разбира, ќе продолжи да владее во истата парадигма што закономерно ги уништува алтернативите, потпирајќи се упорно на своето базично (во стварноста лажно и непостоечко) начело: на слободата низ избор и ѓоа фер изборен натпревар.

Воопшто не е случајно, затоа, што луѓето се често изманипулирани на „демократски“ избори да изберат партии или личности што се репрезент на сето она против што протестирале, да гласаат директно против своите темелни егзистенцијални интереси. Да се бунат против етаблираниот капитализам кој ги фрлил во сиромаштија и мизерија, а како решение да изберат милијардер. Како решение што останале без работа поради суровата капиталистичка приватизација да донесат на власт уште посурова капиталистичка мафиократија што ќе ги претвори во рекетирани економски чифлигари. Иако згазени од немилосрдниот капитализам, излажани од илузивната мантра за можноста за избор, луѓето премногу често го избираат најсуровиот и најлажливиот вид на капитализам – фашизмот.

Се разбира – и, за среќа! – ова не важи за Македонија. Ние тука убаво се поделивме на етнички заедници, прави и лажни Македонци, на „сите се исти“ и други, па точно знаеме против кого ќе гласаме. За среќа – за разлика од целиот останат свет – ние имаме вистински избор.

Фотографии: Александар Петросјан

Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото