Продолжен рокот за тендерот за чистење на линданот од ОХИС

09.11.2019 00:12
Продолжен рокот за тендерот за чистење на линданот од ОХИС

Меѓународниот тендер за избор на технологија за отстранување на HCH отпад (линдан и неговите изомери) од кругот на фабриката ОХИС во Скопје е продолжен од УНИДО до 16 декември, соопштува Македонското еколошки друштво (МЕД).

Тендерот за чистење на малата депонија беше објавен на 15 октомври, а требаше да биде затворен на 11 ноември.

Од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи (POPs) при Министерството за животна средина, објаснуваат дека на барање на потенцијалните понудувачи, УНИДО го продолжи рокот за доставување на понуди до 16 декември, со оглед на тоа да во рамките на првобитно назначениот период од 25 дена потенцијалните понудувачи не биле во можност да одговорат на барањата од проектната задача.

„Како во поглед на презентирање на техничките специфики на предложената технологија за ремедијација, така и во поглед на изработка и доставување на соодветните планови поврзани со безбедното работење, митигација и справување со ризиците во текот на ремедијацијата, како и мониторингот на медиумите на животната средина”, информираат од Канцеларијата при МЖСПП.

Од таму информираат дека по пристигнувањето на понудите, ќе биде формирана комисија од УНИДО, составена од меѓународни и национални експерти, која ќе ја избере најдобрата понуда. Потоа, следат активности на терен – обезбедување потребна документација и просторот и превентивни мерки за заштита на околината и конечно започнување со чистењето.

Според МЕД, чистењето на локациите контаминирани со HCH и со другите придружни загадувачи, ќе се намали и/или елиминира емисијата на овие загадувачи во околината.

„Исто така, ремедијацијата на контаминираните локации во ОХИС ќе овозможи услови за ревитализација на земјиштето“, се вели во соопштението на МЕД.

МЕД е носител на активностите за подигнување на јавната свест за влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина и процесот за неговото отстранување од ОХИС и правилно справување. Овие активности, велат тие, се спроведуваат во координација со Канцеларијата при МЖСПП.

УНИДО (UNIDO – United Nations Industrial Development Organization), е агенција одговорна за спроведување на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“

 

ОкоБоли главаВицФото