„Македонизмот“ на Мицкоски е спротивно на „Македонија, пристојно место за живеење“

08.11.2019 23:28
„Македонизмот“ на Мицкоски е спротивно на „Македонија, пристојно место за живеење“

Македонскиот идентитет никој не го укинал за Мицкоски да го враќа, а македонизмот како систем на вредности е сосема спротивно од разбирањето на Македонија како „пристојно место за живеење“

Христијан Мицкоски, лидерот на најголемата опозициска политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, зборувајќи на средба со граѓани во Крушево, го изрече следниот спин:

Спин: Зборувам секаде ајде доста лутавме лево и десно, горе-доле, ајде да не го бараме нашиот идентитет ниту во антиквизацијата, ниту во севернизацијата. Нашиот идентитет е оној само наш македонскиот, ајде да си го вратиме македонизмот во Македонија. Тоа е програмата и тоа ќе биде доктрината на ВМРО-ДПМНЕ веднаш после победата на предвремените парламентарни избори.

Ние сме горди Македонци коишто говорат македонски јазик во родната Македонија и никој тоа не може да ни го избрише, ниту еден договор.

Македонизмот како систем на вредности, македонизмот како дел од нашето секојдневие со силна економија, со владеење на правото, со одговорност за секој оној којшто се огрешил пред законите и осрамотил пред граѓаните. Македонизмот во здравствениот систем, македонизмот на полињата и нивите помеѓу земјоделците и сточарите, македонизмот кај пензионерите и кај младите, македонизмот во полните фабрики со работници коишто се зафатени од месечните примања, тоа е оној македонизам за којшто јас зборувам и тоа е македонизмот којшто ќе биде иднина во Македонија, ни повеќе-ни помалце, богата, модерна, европска држава.

[Извор: Говор на Мицкоски/веб страна на ВМРО-ДПМНЕ, датум: 07.11.2019]


Контраспин:
Мицкоски, најавувајќи ја окосницата на политичката кампања на оваа партија за следните парламентарни избори и по нив, зборува за „македонизмот“ кој требало да се врати во државата.

Токму тука е основниот спин, т.е. извртување на вистината на Мицкоски, со што јавноста се обидува да ја доведе во заблуда. Имено, дали е точно дека некој го избришал или направил да исчезне македонскиот идентитет, па да може основа на програмата и доктрината на ВМРО-ДПМНЕ да биде: „нашиот идентитет е оној само наш македонскиот, ајде да си го вратиме македонизмот во Македонија“?

Како што е повеќепати анализирано детално во стручната јавност, ниту по Преспанскиот, ниту по Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, не е сменето нешто во насоката дека на Македонците им е загубен или се губи идентитетот. И бидејќи е точно и сè уште е на сила дека „идентитетот е оној само наш македонскиот“, отпаѓа потребата „да си го вратиме македонизмот во Македонија“.

Впрочем, доказ за тоа е и следната реченица на Мицкоски: „Ние сме горди Македонци коишто говорат македонски јазик во родната Македонија и никој тоа не може да ни го избрише, ниту еден договор“.

Ниту некој го избришал, ниту може да го избрише терминот и значењето на терминот Македонци. Точно е, ние што сме, сме Македонци што зборуваат македонски јазик. Дали сме горди? Е, тоа зависи од секој одделно и како ја восприема Македонија, при што доаѓаме до последната поента на Мицкоски, којшто, сакајќи да го замаскира националното значење на „доктрината“ „да го вратиме македонизмот“, во следниот пасус се врти кон „севкупен систем на вредности“ во општеството. Па, вели дека македонизмот го разбира како вредност во секојденевието, во економијата, образованието, здравството, итн.

Тука Мицкоски ја извртува вистината во две насоки. Првата е дека тој систем на вредности не е само на Македоноцет, туку и на Албанецот, и на Турчинот, и на Влавот, и на Бугаринот, и на Србинот, и на Бошњакот, и на Ромот и на секој друг граѓанин во Северна Македонија. Тој систем на вредности не може да означува „македонизам“, туку систем на вредности на демократски ориентирана, правно втемелена и економски просперитетна држава, која што не е држава во која што живеат само Македонците.

Второ, тој и таков систем на вредности, којшто Мицкоски погрешно го означува како „македонизам“, не е ништо друго, туку бескомпромисна борба за вредности, неостварени или уривани од поединци или од безмалку цели политички, бизнис и други гарнитури од независноста до денес. Меѓу другите, многу уривани вредности и за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од 2006 до почетокот на 2017 година.

Патем, тој систем на вредности уште од времето на професорот Ѓорѓи Маријановиќ се вика „Македонија како пристојно место за живеење“. Македонија не се прави пристојно место за живеење со „македонизам“, туку со посветеност на човековите права, на правдата и на државата, за која што нема погрешно и неточно да се изјави дека одлуката на Макрон да не ѝ додели датум, де факто, е праведна и исправна.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер