Како измамите на факултетите станаа глобален бизнис

09.11.2019 00:12
Како измамите на факултетите станаа глобален бизнис

Мери Мбугуа, студентка од Кенија треба да плаќа школарина и кирија, затоа почнала да бара работа. Прво се обидела да продава полиси за осигурување. Потоа се вработила на рецепција на еден хотел, но набрзо хотелот банкротирал.

Тогаш еден пријател ѝ понудил да помогне таа да се пробие на пазарот на „академското пишување“, доходовен бизнис во Кенија, кој подразбира онлајн изработка на семинарски и дипломски текстови за студентите во САД, Велика Британија и Австралија. Мери не била најсреќна со оваа работа.
„Тоа е измама. Но имам ли избор? Мораме да заработуваме пари. Мора од нешто да живееме“, вели таа.

Откако оваа година, американското обвинителство подигна обвинение против група богати родители и училишни ментори заради измама и давање мито, богатите американски студенти сега се под лупа при аплицирањето за колеџ. Помалку внимание се обрнува на триковите со кои се користат при запишувањето на студии.

Мамењето на факултетите не е ништо ново, но интернет му даде глобални, бизнис размери. Се појавија веб страници како „Ace-MyHomework“ и „EssayShark“, кои на луѓето во развиените држави им нудат комплетна изработка на домашни задачи, семинарски работи и есеи.

Иако слични услуги можат да се пронајдат на интернет веќе цела деценија, стручњаците наведуваат дека побарувачката уште повеќе се зголемила со унапредувањето на ваквите сајтови кои нудат корисничка поддршка во секое време и враќање на парите. Резултати? На годишно ниво се нарачуваат милиони есеи во рамки на цел бизнис кој обезбедува основен извор на приходи за вработените кои неретко ова го работат полно работно време.

Бизнисот „есеј на повик“ значително се проширил во развиените земји во кои голем број жители зборуваат англиски јазик, интернет конекцијата е достапна и брза, а има повеќе дипломирани отколку работни места, особено во Кенија, Индија и Украина. Фејсбук групата која ги собира „академските писатели“ во Кенија брои повеќе од 50 000 членови.

Мери прво со месеци вежбала, а потоа почнала да пишува есеи на различни теми, од тоа даали луѓето би требале да ја колонизираат вселената па до еутаназија. Најголемата сума која ја заработила за еден месец била 320 долари. Повеќе отколку што заработила ога било во животот.

Мери Мбугуа

Истражувањето на студентите во Северна Америка од 2005 година покажало дека седум отсто од нив признава дека предале задачи што ги напишал некој друг, додека три отсто од студените признале дека есеите ги купиле на некоја онлајн платформа. Кејт Елис, која се занимава со истражување на оваа тема наведува дека секоја година на глобално ниво се нарачуваат милиони есеи.

„Ова е огромен проблем“, вели Триша Бертрам Галант, директорка на канцеларијата за академска чесност на Универзитетот во Калифорнија. „Ако не преземеме нешто во врска со оваа појава, сите акредитирани универзитети ќе ги претвориме во печатници на дипломи“.

Кога овие интернет страници првпат се појавија, пред повеќе од една деценија, содржеа референци, додава др. Бертрам Галант, сега се веќе безобразни.

„Можете да се опуштите бидејќи нашите поверливи, стручни автори ќе изработат есеј со врвен квалитет, без плагирање само за вас“, се наведува во описот на сајтот „Academized“, кој наплаќа 15 долари по страница за есеј на прва година факултет. Ако сакате есејот да го добиете за три часа, наместо за две недели, цената по страница изнесува 42 долари.

„Без оглед на тоа кој вид академски труд ви е потребен, едноставна и безбедна опција е да се изнајми некој кој ќе ви го напише есејот по цена која може да си ја дозволите“, порачува „EssayShark.com.“. „Заштедете си време“.

„EssayShark.com.“ во мејлот наведува дека своите услуги компанијата не ги смета за измама и дека јасно ги информира студентите дека есеите служат за „истражувачки цели или како референци“ и дека намерата не им е студентите да ги предадат на професорите како свои дела.

Претставниците на интернет страниците „Academized“ и „Ace-MyHomework“ не сакаа да ги коментираат овие наводи.

Големиот скандал во Австралија ги поттикнал универзитетските власти да се обидат да ја искоренат оваа пракса. Истото се обидуваатда го сторат и британските универзитети.

Експертите објаснуваат дека ниту во Америка, ниту во Кенија не постои федерален закон кој предвидува забрана на купување или продажба на академски трудови.

„А бидејќи американските институции не беа загрозени од оваа појава како австралиските школи, полесно е да се претвораме дека ништо не се случува“, вели Бил Лолер, потпретседател на компанијата „Турнитин“, која развива софтвери за препознавање плагијати. Тој додава дека на некои колеџи има студенти кои не напишале ниту еден единствен есеј. „Сè купиле“.

Купувањето студентски есеи од автори како Мери Мбугуа е потешко да се откријат отколку плагијатите затоа што таквите трудови нема да бидат означени кога ќе се споредат со базата на податоци на претходно собраните есеи; во принцип се работи за оригинални текстови.

Меѓутоа, оваа година, „Турнитин“, произвел програма наречена „Autorship Investigate“ кој со користење на моделите на реченици и метаподатоци се обидува да утврди дали есејот го напишал студентот или некој друг.
Некои сајтови функционираат по принцип на eBay со купувачи и продавачи кои нудат и избираат одредени текстови. Други пак, работат како Uber: ги поврзуваат очајните студенти со достапните автори.

Идентитетот и локацијата на авторите и студентите во секој случај се скриени.

Во Кенија, каде годишниот приход по глава на жител изнесува само 1700 долари, академските пишувачи можат да заработат и до 2000 долари месечно, вели Ројнорис Ндриту (28) кој се занимава токму со оваа работа.

Повеќето луѓе во Кенија оваа работа не ја сметаат за неморална.

Како последица на глобализацијата и префрлувањето на помалку важните фунции од една фирма на надворешни специјализирани компании со цел да се намалат трошоците (outsourcing), некои интернет страници почнаа да ги рекламираат вработените од Америка, бидејќи на овој бизнис им се придружуваат сè поголем број на странски автори. Еден сајт како своја цел наведува „враќање на работните места на Америка“, а американските автори што наплаќаат 30 долари по страница истакнуваат дека нудат висококвалитетна услуга, без идиоми или грешки кои би можеле да поттикнат сомнеж.

Мери Мбугуа (25) се најде на крстопат. Дипломирала во 2018 година и отогаш пратила своја биографија на десетици адреси. Сега продава кујнски садови. Вели дека никогаш не се чувствувала добро кога пишувала студентски трудови.

„Луѓето велат дека образовниот систем во САД и Велика Британија се врвни. Не би рекла дека тие студенти се подобри од нас. Ние учевме и самите си ги пишувавме задачите“.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото