Ако некој мисли дека со фискални мерки ќе оствари социјална правда во Македонија, мора да е наивен

09.11.2019 03:39
Ако некој мисли дека со фискални мерки ќе оствари социјална правда во Македонија, мора да е наивен

Сè додека светот не стане една држава, шминки од типот на прогресивни даночни стапки нема да доведат до социјална правда. Социјални фискални интервенции се рецидив на минатото и давале резултат во услови на силни суверени држави. Денес, во услови на глобален пазар и капитал, кој станува сè поглобален, таквите инструменти се импотентни, дури и контрапродуктивни. Во овие услови, државите како посебни ентитети, водени од себични интереси, на глобалниот пазар се персонификација на човек-волк во потрага по капитал.

Каде сè уште денес функционираат прогресивни стапки и воопшто, фискални социјални мерки? Во најразвиените држави. Онаму каде компаративни предности не се само повластени даночни стапки и ефтина работна сила, туку и развиена инфраструктура, сигурност, стабилна и релативно предвидлива политичка клима, добро образование кое продуцира квалитетен кадар, квалитетно здравство и сл. Велам, сè уште, зашто социјалната држава и таму е во распаѓање. Она што граѓаните го уживале како социјални бенефиции пред 10-20-30 години, го немаат веќе. Рецимо бесплатни стоматолошки услуги (тоа ми текна на прва).

Зошто? Зашто светот во меѓувреме се ултра глобализира, па Сименс, Бош, Ауди имаат конкуренција во Киа, Хјундаи, ЛГ...и мораат да кратат трошоци, а државата, соочена со опасноста овие да го преселат капиталот и на улица да останат илјадници невработени, крати од социјалната држава, а тоа за капиталот значи релаксирање на трошоците, во форма на даноци за социјалната држава, за да остане во конкурентска позиција, затоа што конкурентите им доаѓаат од практично даночни раеви и имаат помалку трошоци на производство.

 Ако некој мисли дека со фискални мерки, кои, велам, се рецидив на социјал-демократијата од пред педесетина, па и повеќе години, ќе оствари социјална правда во Македонија, ќе ја развие државата (зголеми драстично животен стандард, инфраструктура, здравство, образование), тогаш е, во најмала рака наивен. Во држава со 10 милијарди БДП (еден Инголштад, на пр. град со 135.000 жители, значи 15 и повеќе пати помал од Македонија, остварува БДП од 17 и повеќе милијарди евра), со скоро никакви природни ресурси (нафта, злато, дијаманти), со сè уште една од највисоките стапки на невработеност во Европа, со најлоша инфраструктура во Европа, руинирано образование, со пензиски и здравствени фондови во долгови итн, најдобра социјална мерка е создавање услови за намалување на невработеноста. Па тие 10 милијарди што ги остваруваме да станат барем 50. И потоа од тој петкратно поголем колач, да има што да пресечеме за инфраструктура, здравство, образование, социјала...

Сосема друго прашање е што подразбираме под концептот на социјална правда, праведност, воопшто. Дали е праведно идиотот од соседната клупа во основно и средно, кој книга у живот не фатил, никад не се секирал дали на крај на година ќе има осум кеца, цел живот малтретирал послаби од него, да има исто со некој кој постојано се труди да се надградува...најголемата заблуда на сите левичари е едностраното гледање на човековата природа. Човекот е социјално битие, но е и себичен, злобен гад, воден од инстинкти, алчен и зависен... сите идеи за праведно и хармонично општество се разбиваат од оваа темна човекова страна.

Ако некој сака да знае што е капиталист, а не само да урла „капиталистички свињи", му предлагам да подигне кредит, да стави под хипотека сè што поседува, да вложи, да стане капиталист, па неколку години док тргне бизнисот да не спие со мислата дека нема да му тргне и ќе изгуби сė, па откако ќе му тргне да стравува дека пак некоја грешка на работник ќе го чини десетици илјади евра итн. Ако нема за хипотека, онда уште подобро: нека дојде у странство, нека пормба 15-20 години како работник, нека спечали и нека се врати и нека вложи све што крваво спечалил. Плус кредит. Таман, ќе ги осети двете страни на капитализмот, работничка класа и гнасен капиталист.

Слики: Ian Stevenson