The Night at the Ploshtad: Битката на скулптурите

20.05.2009 13:29
Aleksandar_Veliki.jpg

Таа ноќ, како и секоја вечер, Спасе тргна на работа. Беше си тој чувар на градскиот плоштад, и тоа веќе долги дејгиди години. Работата не беше нешто особено платена, но барем си беше чесна, си велеше така и Спасе, та задоволно одеше секоја вечер да го чува плоштадот и неговата поблиска околија. Спасе беше и самохран родител во постојана трка да ги врзе месеците и сметките едни со други, и да му овозможи на својот син основец угодно детство.

Како и секоја вечер Спасе помина кај семкарницата до плоштад Пела, си зеде грицки и тргна накај плоштадот. Ќе направеше една обиколка, ќе присобереше по некоја лименка патем, или некое друго ѓубре останато од преку ден, па ќе ја збереше в корпа. Потем ќе минеше долу по кејот да го почувствува Вардар, да ги наполни градите со свежиот здив на Вардар донесен од Шара. Сè беше убаво за Спасе и таа вечер, но самиот тој кутар не ни можеше да претчувствува што го очекуваше таа вечер.

Се сврте нагоре и го виде по кој знае пат, плоштадот исполнет со грандиозни скулптури од славното минато. Александар Македонски на својот славен Букефал, распослан грандиозно на средината на плоштадот, до него Никола Карев и Гоце Делчев, нешто подолу Јустинијан, па до нив Цар Самуил, Гемиџии, Кирил и Методиј, јунак до јунак се збрал, како светилници од славното минато. За Спасе беше неизмерна гордост да се грижи за нив, да ги разбрка хулиганите, да им примавне со прсте на неблагодарните, па дури и да ги подзачисти понекогаш од некоја невнимателна птичка или подзаборавено кученце. Го правеше тоа со извонреден ентузијазам и чест, Спасе просто беше свој на своето.

Таа вечер приседна малку на една од клупите на плоштадот и изморен од долгиот ден си рече, дај малку да ги пододморам очите. И така миц-миц, заспа Спасе. Не беше тоа вообичаено за секогаш орниот и национално будниот Спасе, но таа ноќ ништо не беше вообичаено. Како да му дојде некој така сладок сон, го опи и го прелажа и тој подзаспа малкунѕа.

Развеан низ облаците на своите благоугодни соништа Спасе одеднаш го раздвижи и разбуди некој чуден звук. Мрдна малку, туф-туф, кога има што и да види: скулптурата на Јустинијан нешто се размрдува, стресува троа прашината од себе, се врти кон онаа на Самуил, па и’ приговара: „Кој ли умен мене ваков Римски високодостојник ме ставил до овега, не знам ни што е? Питач ли е, скитач ли е? Какво понижение, о фортуна, о фортуна!“. На ова Цар Самуил онака едно вртење па му одговара: „О незнајна ти будало еј, па знаеш ли ти кој сум јас? Која ли мајка те родила така затупавена, па јас сум Самуил, Царот Охридски, ништачот на Византиски и Дукљански војски!!!“. На ова Јустинијан, нипет-нишес, му довикува: „Ој ти трошко низаедна! Зарем можеш ти варварину ништожен да се мериш со мојата развеличеност, па ти знаеш ли во мое време кое величество бев бил јас? Римското Царство и мојот бизантиум јас ги држев врз свои плеќи и немаше помоќен владетел од мене, земјата се тресеше под моите сандали, еј!!!“.

Самуил хронично надрнкан на римско-византиски кремчиња веќе беше при крај со трпението, и сакаше да тргне накај него, кога од зад се заслушна глас: „Ојте стојте пезенвеци едни, па кои сте вие тука со џева да се расфрлате к’o плоштадов да е на татка ви?“. Беа ти тоа Гемиџиите наредени гордо еден до другега, проговара Орцето, па договара Мечето: „Приберете тоа муцките да не ви врлиме два-три динамита, та да видите кој е тука вистински владетел на земјата македонска!“. На сева оваа збрка и фрка, се вознемири Букефал, та почна да фрчи силно од своите ноздри, саде искри заискрија, фучење се чу, па пена му се зададе, а Александар му ги стега уздите, па пушта глас: „Мирувајте ој вие џуџенца водоземни! Зарем на мене, Александра Великога сонот му го кршите! Па знаете ли вие акрепишта земски дека со еден потег на мојот меч, ќе направам од вас гордиева салата?!? Мирувајте, мирувајте, оти му реков на Букефала да ве расклоца, та ни Калето нема да ве прибере!“.

Спасе гледа што се случува, не му се верува на очите сопствени, па вчудоневиден од оваа глетка, го загуби здивот и не знаеше што да прави. Кај да се јави, кого да повика, што да прави? Да се јави на својот шеф, овој ќе го смести во Бардовци побргу отколку си изговорил „книшка“, а друг некој да бара во ова време-невреме и да немаше.
Одеднаш од друга страна се зачу продорен повик, беше тоа Никола Карев, пушта глас-проглас: „Браќа земљаци и мили комшии, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, ние ве имаме како сфои браќа, дајте да се збереме и обединиме против заедничките фанариотски душмани! Ве жаљаме како сфои браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робје како нас, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината макеоднска од четирите страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да дојдите заедно да водиме борба!“
Продорниот проглас на Карев ги подзапре малку и Гемиџиите и Самуила кои скоро да беа на получекор да замавнат со своите рачишта и да удрат по другите, Јустинијан уште онака во брада нешто си броеше, а Александар сè уште не го беше спуштил својот меч, но како да проценуваше што да прави. И кога ситуацијата се беше некако подсмирила, а Спасе се готвеше да им пријде даги подсмири скултпурите, одненадеж од страна на Ристиќева се зачу тремор тегобен: Шмизлата растрчана, бега, мобилниот преку глава, ташничето развеано, а зад неа Бикот! Спасе залелека, си помисли „Ајдее, оваа пак му набила рогови на бикот, ненормална!“. Трча Бикот, бега Шмизлата кутра, а Спасе онака што да прави зима наметката од Кирила, замавнува на лево, замавнува на десно, па му свикува на Бикот „Оле, оле, воле, оле, оле!“. Бикот троа збунет, но се поврати бргу, па му се зададе на Спасета. А Спасе, ни сам не знаејќи дека од едно гледање филмови се станувало ем тореадор ем матадор, охрабрен, врти лево, врти десно, пируета, 360, 720 степени, виртуозно, а Бикот облеан во пена, збунет кутриот не знаеше кај да се сврти. Замавнува со роговите, но попусто, Спасе фатил моментум, што шпанската кралска гарда би му позавидела на достојноста и елегантноста во движењата. На тоа тука го понесе жарот на сцената, а Александар онака со лесен зглоб подзамавна, па му ги скуси роговите на бикот, онака оп, во еден царски потег. Бикот виде дека „овај ноч није његов дан“, па се поткопа малку и потем затрча назад кон улица Македонија, да си ги лечи раните и суетата. Спасе му се сврти на Александар и му вика, „Фала ти, император си!“. Кога од таму му се обраќа Самуил; „А јас што сум?“. Спасе се поднасмевна, па му кажа „Ти си цар, немаш гајле, стварно си цар“. Самуил кимна задоволно со главата и се повлече чекор назад на своето место.

Откако малку се подсмири ситуацијата Спасе му се приближи на Гоцета, па му кажа: „Даскале, ти како што го гледаш светов како културен натпревар, дај приреди им еден квиз на нашиве херои, дај од тоа твоите читанки еден натпревар во знаење, а Кирил и Методи ќе бидат комисија и записничари“. „Бива“- вика Гоце – „а со колку прагови да биде квизот?“. „Со два прага Гоце, со два“ - му возврати Спасе самоуверено, па Гоце на тоа ти извади од појаса книжуле едно и почна да ги прашува скулптурите, од кај се што прават, со што се занимаваат, па почна онака сè со фини прашања, прво лесни, па малку посложени, и така редум. Добро се држеше Гоце, к’о со Трендо на ист тренинг да оделе, бреј.

Спасе конечно воздивна, се смири дека се потсреди состојбава, а од исток веќе Сонцето се воздигаше лека-полека. Виде тој дека неговата работа овде е завршена, како што ќе заруменее сонцето скулптурите ќе се вратат в длабок историски сон, а тој возгордеан од своето лично херојство ќе се врати дома и ќе го погали синчето кое уште спие и мило ќе му каже „стани синко, појди на школо“ знаејќи дека токму тој ги спасил читанките по историја во најмала рака.

Браво

Одлично сценарио. Под итно да се сними цртан филм со ова сценарио. Баш е добра критика на сегашнава состојба :D Браво!

ОкоБоли главаВицФото