Теодора Митровска - 20.18.

09.11.2019 18:34
„20.18“ Теодора Митровска

Минатата недела, во рамки на Модниот викенд Скопје, модната креаторка Теодора Митровска понуди брилијантен перформанс. Претставувајќи ја својата најнова колекција за мажи насловена „20.18“ таа понуди комплексен, сеопфатен и совршено искоординиран концепт со кој ја предизвика публиката на преиспитување на индивидуалниот и колективниот идентитет. На перонот на Новата железничка станица, во стар но светнат „југословенски воз“ (на чијшто крај беше закачен вагонот на маршалот лично, Јосип Броз Тито) публиката беше поведена на возбудливо патување низ времето, сеќавањето, свеста, идентитетот.

Инаку, модната колекција беше многу повеќе од само „модна“; асоцијациите на гледачите, т.е. учесниците во перформансот, нас самите, фрчеа во сите правци, соочувајќи нѐ со историјата, со естетиката и со самите себе. Се разбира, авторката ги понуди тие асоцијативни насоки нудејќи еден речиси интимен (а спектакуларен) концепт во спомен на нејзините дедовци.

Под одличниот аудио микс на директниот пренос од погребот на Тито и југословенската химна складно ставена во рамка на електронска музика, специјално креирана од Soul Case, внимателното сместување на публиката во вагоните пред перформансот беше проследено со некаква свечена атмосфера. Сјајот на совршено зачуваниот ентериер ја фокусираше нејасната возбуда на исчекувањето. Гостите воодушевено го испитуваа дизајнот на седиштата и завесите, ги приспособуваа своите тела на тесниот простор, ги префрлуваа торбите на полиците за багаж и со детинеста радост висеа преку прозорците. Кога на соседната пруга со татнеж мина друг патнички воз, во еден миг на магичен реализам (што можеби бил прецизно предвиден од авторката; а можеби и не - знаејќи ја нередовноста на Македонските железници - кои сепак мораме да ги пофалиме, зашто макар за миг потсетија на своите подобри времиња) публиката тргна низ многу тесен процеп меѓу минатото и иднината, индивидуалното и колективното.

Минатата година, на Модниот викенд Скопје 2018, преку колекцијата „We are not machines“, публиката имаше можност да ја запознае уникатната естетика на, тогаш, свежо дипломираната модна креаторка. Митровска во таа колекција презентираше улична мода базирана на работничка униформа на текстилни работнички со силен дистописки печат. Експериментирајќи со необични материјали (џинсот беше доминантен, комбиниран со ПВЦ материјали, индустриска гума, акрил пластика) и мултифункционални форми, едновремено експлицитно го поставуваше прашањето кога работникот преминува во машина, во етичка и физичка смисла. Евидентни беа нејзината спремност за туркање на техничките и концептуални граници, финиот сенс за односот меѓу уметноста и општествениот ангажман и нејзиниот талент да се бунтува и да предизвикува естетски, интелектуално, па можеби и емотивно.

Сега, колекцијата „20.18“ за јадро ја има југословенската работничка униформа, бескрајно растегната во насока на родова неутралност и футуристичка визија. Го истражува концептот на мажественоста наизменично манипулирајќи со силуетите, користејќи нежни и груби материјали и играјќи со дозволената граница меѓу униформата и голата кожа. Само прагот на кабините ја делеше публиката од моделите, што ја засилуваше илузијата и дозволуваше набљудување одблиску на мајсторската изработка. Во деталите на облеката - шевовите, наборите, сјајот на материјалите - можеше подробно, компулсивно да се ужива. Во дизајните, како и во целокупната идеја на перформансот, има суштинска двојност: едновремена кршливост и истрајност.

Преку врзувањето на југословенската естетика и идеја со една алтернативна иднина во која историските слоеви и луѓето непречено еволуираат, се развиваат и надоградуваат, Митровска прави зафат со кој го тематизира сеќавањето, минатото и начините на кои ги толкуваме и одговараме на примените импулси. Притоа, таа не повикува на носталгично идеализирање на „славното минато“, туку во нејзиното дело се препознава онаа генерација која сѐ уште го носи печатот на југословенството, но истовремено е ослободена (понекогаш и збунета) од него; се дефинира во комплетно поинакви рамки, но чувствува и почит и одредена должност да гради врз таа традиција.

Судејќи по презентираната естетика, во таа утопија идејата на заедништво и единство е трансформирана во општа флуидност, прелевање и раскошна креативна меѓурелација на индивидуалното и колективното.

Митровска посветено се осврнува на сите аспекти од доживувањето што го креира и со завидливо ниво на контрола и леснотија ги прекројува не само материјалите, времето и идеите, туку и комуникацијата и физичкиот простор. Распоредот на гостите беше стратешки организиран. Секој пар во малите кабини беше седнат еден наспроти друг што овозможуваше непречен тек на разговорот, а навидум случајните средби на познаници и пријатели во заедничка кабина (суптилни шевови) ја засилуваше атмосферата и впечатокот на заедништво. Несетено, сите гости во публиката беа претворени во учесници во перформансот. Конечно, вештата игра со просторот посебно се истакна во showroom-от каде навистина можеше да се види складниот контраст. Во приватниот вагон на Тито – временска капсула со минималистички дизајн, строги и чисти геометриски површини – храбрите дизајни на Митровска го живееја својот живот, беа зафатени со лична интеракција со опкружувањето.

По измината една недела од настанот, идеалниот баланс на сите елементи во комплексната структура сѐ уште ме „држи“ и фасцинира. Разгранувајќи се на разни полиња, од техничко-организациски до филозофски аспект, авторката успева да не се расплине и да го задржи фокусот на својот примарен медиум – модата и естетиката на телото, едновремено отворајќи дијапазон теми, впечатоци и канали на комуникација. Во споредба со споменатата минатогодишна колекција, Митровска ги задржува својата бунтовност, неконформизам и решителност, но со далеку повеќе елеганција, суптилност и нежност.

Перформансот на Митровска беше еден од највпечатливите културни настани кај нас годинава. 

Фото: AD Photography

ОкоБоли главаВицФото