Бегството на Груевски можеше да се спречи, иако бил „слободен граѓанин“

11.11.2019 00:15
Бегството на Груевски можеше да се спречи, иако бил „слободен граѓанин“

Премиерот Зоран Заев даде изјава-одговор на новинарско прашање во врска со бегството и неспроведувањето на затворската казна на поранешниот премиер, Никола Груевски, која ја оценуваме како половична вистина:

Зошто тоа се случи? Заради тоа што Никола Груевски беше слободен граѓанин сѐ до моментот додека судот не издаде наредба за негово донесување за издржување на казната, но два дена претходно тој на напушти државата. Светот е глобално село, никој не може да избега од казната, од својата одговорност или слично. Јас верувам дека многу наскоро ќе го доживееме моментот каде секој ќе ја отслужи казната, па така и Никола Груевски

[Извор: Плус Инфо – Заев за Груевски: Светот е…, датум 07.11.2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Премиерот Зоран Заев, не по првпат, изјавува дека не било можно да се спречи бегството на Никола Груевски, меѓу другото, и поради тоа што тој бил слободен граѓанин (па затоа не можеле да се преземат никакви мерки на следење или посебен надзор врз него и плус дека немало наредба од судот за издржување на казната – н.з.). Оваа констатација на Заев за Груевски како слободен граѓанин е вистина по својата форма, но е половична вистина во својата суштина, а еве и зошто.

Никола Груевски доби правосилна пресуда за вина и казна од две години затвор во случајот „Тенк“ што го водеше Специјалното јавно обвинителство. Пред правосилноста на пресудата, според нашиот Устав и кривично законодавство, точно е дека секој граѓанин е слободен граѓанин, а презумпцијата на невиност мора да се почитува.

Но, Никола Груевски, како прво, беше слободен граѓанин со ограничени граѓански права, т.е. нему му беше забрането да ја напушта државата, а двата пасоша, граѓанскиот и дипломатскиот му беа одземени како мерка за обезбедување. Тоа го потврди и претседателот на кривичниот суд во Скопје Иван Џолев непосредно по бегството на Груевски и препукувањата со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој прстот со вина го насочи кон судот.

Второ, едно длабинско истражување на „Вистиномер“ непосредно по бегството, покажа дека според надлежностите што ги има Министерството за внатрешни работи, можело врз „слободниот граѓанин“ да воспостави т.н. „оперативен надзор“ и без наредба на суд, како врз лице кое е безбедносно интересно, пред сè од аспект на неговата лична безбедност која не е како за „обичен граѓанин“ туку за вископрофилирана јавна личност, поранешен премиер повеќе од 9 години и која не беше засегната само од овој предмет, туку и од многу други, што пак, е од огромен јавен интерес. Зашто подеднаквата правда и спроведувањето на законите за сите, е темелен универзален, но и темелен принцип на оваа држава според нејзиниот Устав и важечките закони.

Впрочем, веќе споменатиот претседател на судот Џолев, во неговата тогашна изјава, исто така, потврдува дека МВР можела и сама да постапува:

Точно е дека МВР постапува согласно наредбите и решенијата коишто ги носи Судот, меѓутоа не треба да заборавиме дека постапува и согласно наредби коишто се даваат од страна на Обвинителството, како и самоиницијативно кога станува збор за сузбивање на криминал или спречување еве во конкретниов случај некое лице без пасош да ја напушти нелегално државата, доколку се воспостави дека такво нешто се случува.

Но, тоа како што можеше јавноста да се увери тоа не било спроведено, а истрагата, иако формално не е згасната, застана на оној наод од Обвинителството дека не нашле кривично-правна вина кај ниту еден поединец или институција.

Поради погоренаведените аргументи изјавата на премиерот Заев дека Груевски „бил слободен граѓанин сѐ до моментот додека судот не издаде наредба за негово донесување за издржување на казната, но два дена претходно тој на напуштил државата“, ја сметаме за полувистина.

ИЗВОРИ:
• (2019) Плус Инфо – Заев за Груевски: Светот е глобално село… – [Проверено на 07.11.2019]
• (2018) АКО – Џолев: Пасошите на Груевски му се одземени… – [Проверено на 07.11.2019]
• (2018) Вистиномер – Контраспин: Не постои лично обезбедување од МВР „на повик“ – [Проверено на 07.11.2019]
• (2019) ОЈОГОК – Соопштение (за истрагата за бегството) – [Проверено на 07.11.2019]

___________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: https://vistinomer.mk