Дигитализацијата и длабокото читање - исчезнување на контемплативниот ум

11.11.2019 00:26
Дигитализацијата и длабокото читање - исчезнувањето на контемплативниот ум

Пред 25 години читањето приспивни песни и бајки на децата беше составен дел од секојдневието. Не се одеше на спиење пред да ја прочитаме Заспаната убавица, Баш-челик, Царот и аждајата или некоја друга бајка. Цртани филмови ни пуштаа најчесто за викенд на ВХС (видео касети) или на телевизија. Се сеќавам дека кога бев дете читањето бајки го доживував како елементарна појава без која не смееше да се завршат секојдневните активности, а цртаните како гратис забава, нешто што го добиваме само во одредени прилики, како торта или подароци на пример.

Какви се нештата денес, 25 години подоцна?

Читањето бајки на децата пред спиење или гледањето на постарите цртани на Дизни (оние со покомплексна наративна структура) е нешто што бара премногу време и концентрација за да биде изводливо секој ден. Родителите не само што немаат енергија и време да прочитаат некоја приспивна, туку и малите, опкружени со многубројните детски канали кои нудат цртани филмови, игри и 3Д видео материјали, сѐ поретко имаат потреба да слушаат приказна или да гледаат долгометражен цртан филм со развиена фабула.

Оваа промена не важи само за најмладите, туку и за возрасните луѓе кои живеат живот од девет до пет часот попладне пред компјутер.

„Ќе читам книги кога ќе имам време. Сега сѐ се одвива премногу брзо за да можам да се задлабочам во што било подолго од новинарски текст“, неодамна ми рече еден 30 годишен пријател. Сѐ почесто слушаме слични ставови за недостаток на време за читање.

Ќе се наостриме да ја прочитаме омилената книга од студентските денови, но често „не стигнуваме“ да ја завршиме. Мислите ќе ни одлутаат после третата страница, речениците изгледаат предолги. Концентрацијата ни опаѓа и веќе кај петтата страница ќе провериме некоја Фејсбук нотификација и ќе одговориме на некој важен деловен мејл. Дали дигитализацијата доведе до губење на способноста за „длабоко читање“?1 Дали постои некој начин на кој повторно би можеле да се „задлабочиме“, да бидеме тивки и контемплативни, емпатични и критички насочени кон текстот?

Дигиталната култура версус длабокото читање

За да ги разбереме опркужувањето и новата клима, мора да почнеме од себеси. Дигитализацијата доведе до опаѓање на способноста за фокусирање, зашто начинот на кој косумираме информации не дозволува да размислиме за нив. Вообичаено во истата секунда кога примаме информација, веќе преминуваме на нова. Дигиталното доба го истренира нашиот ум само површински да собира податоци и да преминува од една материја на друга во рок од неколку секунди. На компјутер секогаш имаме отворено повеќе табови, вообичаено работиме две или три работи истовремено, проверуваме Инстаграм, па потоа нотификации на Фејсбук, па одговараме на деловен мејл, потоа правиме брзинско пребарување на некоја тема, потоа ќе заврши работното време па ќе дојдеме дома и се „одмораме“ играјќи игри. Ова се само некои од информациите кои ги примаме секој ден, а и тоа е сосема доволно за да заклучиме дека е речиси невозможно повторно да се вратиме на длабокото читање на начинот на кој тоа сме го правеле порано. Дури и кога сме на одмор или имаме доволно време да ја прочитаме омилената книга ќе ни падне концентрацијата и пред да го прочитаме воведот. Тогаш ќе помислиме „па на одмор сум, не можам сега да се задлабочувам“, ќе ја оставиме книгата и ќе отидеме на кафе или да се сончаме во паркот.

Маријана Вулф, книжевна теоретичарка и когнитивна невронаучничка, е загрижена за положбата која ја зазема читањето во современото општество, но исто така работи на тоа да најде баланс помеѓу традиционалното длабоко читање2 и дигитализацијата во информатичката ера во која живееме. Таа се обидува да одговори на прашањето - дали е можно да ја задржиме способноста за длабоко читање во современиот свет?

Одлучила да изврши експеримент прво на себеси. Иако и натаму купува и чита книги, сѐ повеќе чита за да биде информирана, а се потешко контемплативно се задлабочува во четивото. Дигиталното доба ѝ го донело чувството дека немаме доволно време за контемплација над книгите.

Експериментот на кој се подложила Вулф подразбира враќање на книгите кои ги сакала во младоста, дела кои ги читала со страст и се задлабочувала. Почнала да чита едно од најомилените дела, „Игра со стаклени бисери“ од Хесе. Тоа бил потфат во кој некогаш се истакнувала, а денес тоа било многу потешко:

„Ја мразев книгата, го мразев целиот експеримент. Морав да се натерам да ги разберам долгите реченици од романот, сите делуваа конфузно и ме одвраќаа од понатамошно читање. Бев мошне бавна и се борев да продолжам со читањето после секоја прочитана страница. Дигитализацијата толку ја променила мојата перцепција што читањето претставуваше вистинско измачување. Се навикнав да читам површински и да ги собирам важните информации, впрочем читам толку брзо што ми е премногу тешко да се задлабочам во книгата. Постојано морав одново и одново да се враќам и да ги читам пасусите. Читањето претставуваше агонија која сакав што побрзо да заврши. Некогаш литературата ми претставуваше бегство од сѐ останато, сега само сакав да побегнам од читањето.“

Како да се спаси дигиталното општество

Преминувањето на дигитална култура е речиси комплетно, а брзата еволуција на читачкиот ум укина голем број традиционални креативни инвенции и откритија како колатерална штета. Културата втемелена на дигиталната писменост радикално се разликува од претходните транзиции од еден облик на друг. За разлика од претходните промени, дигиталното општество ги користи науката и технологијата за масовна комуникација кои денес се составен дел од животот, прифатени без нашето разбирање на последиците кои ги носи со себе. Дури и за оние кои се занимаваат со тоа тешко е доволно да се дистанцираат од дигиталната култура и да ги согледаат сите нејзини последици.

Сепак, теоретичарите трагаат по начини за да го спасат дигиталниот ум од потполно исчезнување. Прво е неопходно да се идентификуваат и разберат потенцијалните промени во начинот на кој читаме, па со самото тоа и како размислуваме, потоа да се оттргнеме од сопствените слабости (без разлика дали ќе ги намалиме дигиталните начини на читање или дали ќе создадеме алтернативи), додека спојувањето на новото и старото секако останува ултимативно решение.

Еден од начините и е поттикнувањето на длабокото читање онлајн, смета Маријана Вулф. Во тоа се состои клучната улога на образованието. Постојат голем број дигитални игри кои на интерактивен и мошне креативен начин ги поттикнуваат когнитивните функции, но тие не се застапени во доволна мера заради решавање на проблемот на длабокото читање, смета таа.

Онлајн читањето пружа голем број можности кои не се истражени до денес. Развојот на различните онлајн алатки и фунции, како што се онлајн менторствата, стратешките упатства, моделите, повратните информации во текстот или прегледниците, можат позитивно да влијаат на совладувањето на процесот на критички и контемплативен пристап на текстот.

Онлајн програмите како „мислечкиот читател“ (Thinking Reader, Rose&Dalton) кои се развиваат во Центарот за посебна примена на технологијата (CAST), во текстот вградуваат различни нивоа стратешки поддршки кои можат да ги користат студентите според потребите при резимирање на четивото кое го прочитале. Ваквите програми се спротивставуваат на површното читање и од читателот бараат да се позанмава со подлабоките значења на текстот.

Како да се поврзе најдоброто од двата света?

Можноста за контемплативно читање во диигиталното доба сѐ уште не е доволно истражена, а процесот за онлајн длабоко читање и натаму останува можност со која научниците допрва ќе треба повеќе да се позанимаваат. Додека не се докаже спротивното, развивањето на когнитивните можности и критичкото промислување на текстот - односно длабокото читање, единствено е можно преку традиционалните методи на читање.

Сепак, не треба да се заборави дека можностите кои ги донесе дигиталната ера се само на почетокот од својот развој. Критичкото промислување и задлабочувањето во текстот со векови претставува една од најважните активности на човечкиот дух. Затоа речиси сосема е извесно дека во наредниот период новите дигитални изуми ќе го пронајдат патот до традиционалните методи на читање.

(1) Длабокото читање подразбира процес на задлабочување во текстот, промислување и контемплација над четивото. Површното читање, брзиот преглед на текстот, односно скимингот на англиски, се поими кои се спротивставени на длабокото читање.

(2) За теоретичарката Маријана Вулф, под длабоко читање подразбираме низа софистицирани процеси кои се двигатели на разбирањето и вклучуваат инференцијално и дедуктивно заклучување, аналогни вештини, критичка анализа, промислување и увид.

Слики: Ioana Lupascu

Извор: http://www.glif.rs

ОкоБоли главаВицФото