Врба - Mанчевски

11.11.2019 08:41
Врба

  Најочигледната тема на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски, веќе раширена по медиумите, е љубовта, зачнувањето и мајчинството. Интерно се шегувавме дека можеби подобро име ќе беше „Мајки“ доколку не беше веќе зафатено, но колку и да слушате наоколу дека ова е женски филм, многу повеќе би можело да се каже дека е филм за мајчинството гледано од одреден тесен аспект.

Долго време се мислев дали воопшто да ја пишувам оваа критика, зашто искрено ги сакам филмовите на Милчо и го ценам како режисер, ама од друга страна филмов ги изневери моите очекувања.

Визуелно и технички е повеќе од привлечен. Изобилува со магични кадри кои потсеќаат на „Пред дождот“ и close up сцени кои го доближуваат невидливото. Секое сецирање носи по некое скриено дијамантче: дали се работи за адети и меѓусебни односи во минатото, или секојдневни егзистенцијални проблеми во сегашноста, има што да понесете како сеќавање во вид на реплика, „велигденско јајце“ или впечатлив кадар, но целината некако се губи во деловите.

Филмот не е досаден, не е ни напорен. Многу е лесно да те понесе на едно забавно патување полно со познати референци и ситуации што си ги преживеал или знаеш некој што ги преживеал. Глумците се целосно посветени и природни и вадат најмногу што можат од улогата која им е доделена. Но приказната делува неодлучно и неубедливо.

Првиот дел кој зафаќа една третина од филмот се одигрува во минатото (и тоа пред некој век), но ако си признаеме кај живееме, може слободно да се случува и денес во некое поизолирано македонско село, додека пак без носиите и руралните пејзажи, можеше да се случува дури и во град. Вторите две третини од филмот се лоцирани во Скопје денес или вчера, или пред десет години, или можеби по десет - зашто секако овде толку брзо не се менуваат работите.

Она што мене ме буни во овој филм, кој се претставува како женски, е повторно таа женска тема. Денес е модерно да се обработуваат тие прашања но кога уметничко дело се труди да влезе во некаква политичка или општествена порака таа треба да е поубедлива.

Заедничкиот именител на трите жени во приказните е дека сите три не можат да зачнат. Додуша, на вторите две и тоа дека се сестри, но да речеме темата е желбата да се стане мајка. Проблемот што јас го имам е тоа што овој проблем не е длабоко обработен. Пример: зошто жените толку сакаат да зачнат? Дали тоа им е наметнато од општеството, од мажите или од самата природа? Дали жена не може да е жена без дете? Кој е ставот на филмот во однос на тоа?

Понатаму, машките ликови во филмот се како препишани од некоја доминатрикс женска фантазија. Делуваат слабо и дезориентирано. Изманипулирани и неадекватно емоционални. Со целосно непознати мотиви и желби, освен тоа што сакаат деца, но и тоа не се знае од кај доаѓа. Мажите, со исклучок на попот (ултимативниот патријарх), кој доминираше само во една сцена, скоро да немаа никаква моќ.

Првиот сопруг е претставен како глуп, дури и старата „вештерка“ кажа дека не е многу бистар, сакаше деца и донесуваше непромислени одлуки. Вториот маж (дечко) – таксистот е наивен уште од првата сцена, кога половина час ја чека полицијата за увид на дождот. Не ја подобри сликата и во наредните сцени кога не знаеше да ги чита сигналите што му ги испраќа девојката, која го засака токму поради неговата неприродна чесност. Претставен е како човек без компас, кој повторно од никаде сака деца (можеби зашто девојка му беше оптеретена со тоа со години?!). Позајмува пари за бебешки креветчиња и играчки уште пред ембрионите да станат фетуси, кои нема начин да ги врати, а се случува да не му платат за долго возење, зашто немал ситно.

Третиот, пак, сопруг се појави само во една сцена, кога го земаат детето од дом и овој му нуди играчка противпожарен камион. Веднаш потоа несмасно му крева рака на исплашеното дете за „да пукне“ на што детето се измокрува во панталони. Со еден потег и тој е тргнат од сликата, како некој кој не знае да се снајде како родител.

Првата приказна е магиска и надреална, но за гледачот многу помистериозни се реалните елементи како на пример: од каде протераниот пар имаше земја, куќа и стока, кога младичот кога ја побара девојката за жена рече дека ќе позајми? Потоа, како тоа тие живеат сосем изолирани од другите луѓе без комуникација, соработка, размена на добра? Прв човек (освен бабата) кој го видовме да размени нешто со нив беше воденичарот во последната сцена од тој дел, кој во дејството се појавува после десет години од нивното бегство. Целата таа приказна е интересна како документарен приказ на тоа што сè жените пробувале во минатото за да зачнат, но нема порака или заклучок што може да го извлечеме освен можеби дека верувањето во магии, клетви и гревови доведува до некакво фаталистичко остварување на очекувана судбина.

Делот, пак, што се одвива во сегашноста е непотребно заплеткан и плиток. Двете сестри единствено свое остварување гледаат во тоа да имаат дете. Помладата знаеме дека се обидувала да зачне долго време, но не сме директни сведоци на нејзината борба, но само на нејзиното налудничаво драматизирање на сред фонтаната со трудната Олимпија. Сепак, кога конечно успева да зачне, решава да се ослободи од едниот близнак за кој е предвидено дека нема да има нормален живот, при што во конфликт со таткото го кажува фамозното „моја матка“. Откако ги губи двата фетуси во зафатот, уште помалку смисла има идејата дека тоа на неа ѝ е најважно, но го остава мажот, кој не умее да ѝ прости, иако неговата наивност таа ја прочита како знак дека тој умее да сака.

Постарата, пак, сестра, која е многу подобро ситуирана, се откажала од борбата да има свој пород и решила да посвои. Нејзината борба сега е да го прифати малиот Кире кој воопшто не зборува, и да се обиде да го прилагоди на состојбата дека тој сега има мајка.

Најголемиот проблем кој го имам во врска со филмот е дека нема став. Не е храбар да ги детектира центрите на моќ, општествените притисоци и реалната состојба на жените во општеството. Првата жена е таа која одлучува сè и ги носи нештата на грб, но е толку многу изолирана што едноставно е невозможно да замислиме како е тоа можно во средината и времето во кое е сместена. Втората жена работи две работи за да преживее, но целото нејзино однесување делува нестабилно и необјасниво. На крај успева да зачне случајно, поради скинат кондом за време на кежуал секс…Третата пак жена упева да го придобие детето кога му дава да управува со воланот во колата?

Не можам да разберам зошто се избрани овие три приказни? Која е главната идеја? Дали треба да заклучиме дека жените се остваруваат себеси само преку мајчинство? (Иако имаше две сцени каде жени кои имаат деца ги малтретираат истите.) Дали постерот за трето дете и споменикот на Олимпија требаше да ни кажат дека општеството ги принудува жените да сакаат да раѓаат? (Но тоа не беше толку силно претставено преку другите односи.) Дали треба да заклучиме дека мажите ги тераат жените да имаат деца? Зашто во првите две приказни тие беа дури и погласни во врска со таквото барање.

Потоа, како тоа на бабата ѝ успеа да им помогне при зачнувањето и која беше поентата да бара три месечно бебе да и помага по дома? Дали можеби таа Рамплстилтскин сага сака да ни каже дека треба да се помириме со судбината или дека доколку се бориме против неа треба да платиме скапа цена?

Филмот започнува силно, својата кулминаиција ја доживува на 10 минути од почеток, кога таткото поп со синовите ги тепа двајцата млади зашто „направиле беља“ и ја проколнува ќерка му која бега. За жал, како што продолжува натаму сѐ помалку добива на силина и многупати едно по друго ги изневерува очекувањата. Тук-таму се сопнував на по некој камен, кој требаше да симболизира некоја тежина, па налетував на врби кои требаше да симболизираат плодност и растење, но суштината ми се лизгаше низ прстите како водата во реката која го голтна детето.

Знам дека многумина го доживеаа многу посилно, можеби трагично и впечатливо, но за мене овој филм немаше ниту доволно емоција, ниту пак длабина за да биде наречен женски.

Извор: Медуза