Летс мејк Маседонија форест агеин!

11.11.2019 16:42
Летс мејк Маседонија форест агеин!

Денес, првиот вистински есенски ден, со оловно небо и мрзливо, но упорно дожде, како да ги потсети скопјани на библискиот потоп од мугрите на митолошкото време кога слични темни облаци и потопен дожд биле единствената глетка што нивните предци, накиснати и збиени едендодруг, ја гледале од палубата на Ноевиот пловечки ковчег, направен од дрвото гофер, и намачкан со смола однатре и однадвор.


Длабоко всадениот страв од катастрофалниот митски дожд успеа првите есенски капки да ги претвори во црвена тревога, според чијшто протокол беа преземени, од рано на сабајле, крајни и небаре очајнички мерки. Луѓето што цела година ги чуваат возилата во заден двор, со уредно извадени тркала и поставени на трупци (за гумите да не им се упропастат од стоење), ги вратија во возна состојба своите коли и панично се втурнаа во градскиот сообраќај. Тоа го направија и оние што ги чуваат акумулаторите во фрижидер, за секој случај, подготвени да реагираат на првите знаци од катастрофата. Така, скопските улици, инаку потполно нефункционални дури и за обичен работен ден, се затнаа од непрегледна толпа возила, полна со луѓе што заборавиле да возат, но премногу добро се сеќаваат на потопот што го преживеале нивните предци. Автомобилската толпа што се мрдаше бавно, конфузно и неартикулирано, гледана од горе – од божја перспектива – заличуваше на движење на илјадници затруени бубашваби, кои забрзуваат, па застануваат, па се тетерават лево и десно, затнувајќи ги напати сите тесни места, крстосници, канали и канализации.

Дрвата од ковчегот на Ное

Интересно е како еден задоцнет есенски дождец може да влијае жителите на библиската земја во него да ги препознаат јасните знаци за крајот на светот, но не постои тој збор, аргумент, слика или настан што ќе ни ги отвори очите за вистинската глобална катастрофа што веќе се случува, засилено татнејќи кон нас како временска лавина во која неминовно ќе исчезне светот каков што го знаеме. Се разбира, зборувам за затоплувањето на планетата. Тука, секој критичен читател ќе може да ми забележи дека е патетично и да се зборува за нашето поимање и (не)дејствување на појава толку голема по своите размери и магнитуда што и најголемите и најмоќните држави на светот ги чини тапи, немоќни и деструктивни. И, што би можеле ние воопшто да сториме да ги намалиме девастирачките последици од климатските промени, ние – што уште се препелкаме немоќни да ги санираме и последиците од сопствената самодеструкција предизвикана од вмровската катастрофа и нашата домашна тапост и глупост?


Но, не е така, зашто земјава може – и мора! – да стори сè што е во нејзината моќ барем да ги намали последиците што непосредно ќе нè погодат во децениите што следат. Нашето спасение од надоаѓачката катастрофа се дрвјата, оние истите со чијашто помош Ное го направи неговиот пловечки ковчег, со таа разлика што нашиот прапрапрапрадедо го сечеше дрвото гофер, а ние треба да ги садиме дрвјата, и тоа во стотици милиони, секоја година и сите следни децении во пресрет на зголеменото затоплување на планетата.


За што, всушност, зборувам? Ако ги погледнете компјутерските симулации на идното затоплување, ќе забележите дека регионот во чијашто средина е библиската земја, на нив е обоена со темна, крвавоцрвена боја, што кажува дека ова ќе биде еден од најжешките региони во Европа. Страшното е што тоа нема да значи дека ќе се потиме во жешките лета, туку дека земјата ќе остане без вода, почвата ќе нема што да ја држи, а сонцето и ретките, но бесни и насилни поројни дождови ќе ја еродираат библиската почва и ќе ја транспортираат во околните мориња.


Дрвјата, односно шумите, се единствената појава што ја произведува живата почва – хумусот, и што ја држи потоа на своето место, да не ја кренат ветриштата како прашина или да не ја однесат пороите надолу, во морињата. Нема друго. Шумите не се само најголемиот и најефикасниот фаќач на јаглен двеоксиодот од атмосферата, и најголемиот сувоземен производител на кислородот живот што значи, и ниту пак спомнатиот држач на почвата на свое место, туку тие се и најголемиот производител на локални копнени дождови и природен сунѓер што ја задржува водата на континентот.


Навистина, ретко кој се запрашал како водата воопшто доаѓа во длабочината на континентите, како таа патува од океаните и морињата каде што испарува, илјадници километри длабоко во копното. Да не беа шумите, дождовите би паѓале само неколку стотини километри во длабочината на континентите, а другото би било сува пустина. Шумите ја играат улогата на чудовишно големи пумпи кои водата ја префрлуваат во циклуси на испарување и дожд илјадници километри длабоко во континентот, а таму каде што ги нема, по околу 600 километри веќе почнуваат голини и пустини. Шумата ја „пумпа“ атмосферската вода така што создава огромна лисната површина од којашто паднатиот дожд повторно лесно испарува, а на оваа количина вода шумата додатно „издишува“ уште 2.500 кубни метри метаболитичка вода на секој квадратен километар. Така повторно се формираат дождовни облаци што ветерот во циклуси ги носи подлабоко во копното, каде тие повторно се истураат во срцевините на континентите, до коишто без шумите никогаш немаше да стасаат. За неверување, нели?

Политичка и општествена акција

Тоа значи дека ако сакаме да ја преживееме катастрофата што се наближува, треба да се мобилизираме сите, целата земја, институциите, властите, луѓето, старо и младо, сите, да го сопреме повеќедецениското малоумно и злосторничко масовно сечење, крадење и уништување на шумите, и да почнеме организирано да ги садиме, умно, систематски и упорно, во стотици милиони, во бројки и површини, денес сосем незамисливи. И тука не мислам на измамничкото вмровско садење во еден ден во годината, со огромни општествени трошоци, тоталитаристички тренинг на населението, и нула примени садници, и ништо пошумени голини.


Нашето садење треба да трае практично од ноември до март, а сите други месеци треба да се употребат за подготвување на терените за садење, за шкарпирање и терасирање на голините. Треба да се обноват и востановат расадниците во сите градови и за тоа погодни региони. Да се воспостават легислативни рамки за оваа општествена акција, стандарди, органи за следење и координирање на садењето; да се мобилизира и науката, сите стручњаци што ги имаме и што ќе ги создадеме. Пошумувањето на земјата е единствената политичка и општествена акција за која вреди да се обединат сите граѓани. Садењето треба да ја обедини расцепканата и уморна земја, а слоганот ќе го направиме популистички модерен: Летс мејк Маседонија форест агеин!


Слики: Pawel KUCZYNSKI
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото