Баухаус и нацистите

12.11.2019 01:20
Баухаус и нацистите

„Заедно да ја осмислиме и создадеме конструкцијата на иднината која ќе содржи сè во една форма: архитектура, скулптура и сликарство“ - Валтер Гропиус во Манифестот на Баухаус од 1919 година.

Малку се симболите на модернистичкиот дизајн и архитектура кои се поиконични од неговата зграда на Баухаус во Десау. А структурата стана таа иднина; епицентар на дизајнерскиот пристап, стил и филозофија кои толку силно проникнуваат во сегашноста. Па сепак, долги години таа зграда била напуштена. Иднината за која сонувал Гропиус, се чини горчливо пропадна кога во 1932 година нацистите ја затворија школата, а во 1945 година ја претворија во урнатина уништена во бомбардирањата.

Сигурно има некоја вистина во приказната за распадот и обновата на Баухаус, како пример на силите на доброто кои потклекнале но на крајот ги победиле силите на злото. Има многу приказни за Баухаус и тие не ја покажуваат едноставната дихотомија Баухаус наспроти нацистите, туку туку како на различни нивоа на храброст, поединците се обиделе да преживеат во тиранија.

Групна фотографија на Баухаус-мајсторите направена на покривот на зградата на Баухаус во Десау во 1926 година (од л. кон д.: Јозеф Алберс, Марсел Бојер, Гунта Штецл, Оскар Шлемер, Василиj Кандински, Валтер Гропиус, Херберт Бајер, Ласло Наѓи, Хинерк Шепер)

Уште од почетокот германската десница имала свој став за Гропиус и Баухаус. Родена во револуционерната 1919 година, со манифест кој бил во светло на „катедралата на Социјализмот“, Баухаус се чинел место каде се негувале радикали. Школата ја финансирала државата, односно владата на левицата. Учителите во школата биле мистериозни авангардни уметници од странство. Некои, како Кандински имаел историја на соработка со болшевичките организации во Советскиот сојуз (дури и ако уметникот се уморил од советскиот авторитаризам). Визионерскиот водач на Баухаус, Валтер Гропиус бил левичарски настроен интернационалист и утопист во практична смисла; тој го дизајнираше и „Споменикот на мартовскиот марш“ (1922), во облик на молња, во спомен на загинатите работници за време на десничарскиот Кап Пуч.

Па сепак, тој бил и германски воен херој кој некако ги преживеал бројните потресни искуства на фронтот. Иако бил член на организации со радикални тенденции, како што биле „Novembergruppe“ и „Arbeitsrat für Kunst“, Гропиус бил умерен, постигнувајќи го својот општествено освестен прогресивизам преку дизајнот отколку преку политиката; повеќе бил склон да креира куќи за работниците и безбедни, чисти работни место исполнети со светлина и воздух (како фабриката „Фагус“), отколку да агитира за нив. И навистина уметниците би биле работници и обратно. „Да создадеме нов еснаф на занаетчии, без класни разлики кои поставуваат арогантна граница помеѓу уметниците и занаетчиите“, охрабрувал тој. Во серијата писма под наслов „Кристален синџир“, Гропиус под псевдонимот „Maß“, што значи баланс, квалитет за кој се застапувал и кој бил загрозен кога Вајмарската република потонала во темнината. Целта на Гропиус била да ја воведе душата во добата на машините. Целта на нацистите била да ја внесат машината во душата.

Многу брзо, во Вајмар почнале негативните реакции за Баухаус. На некој начин Школата ја претставувала спротивставеноста помеѓу градот и уметниците. Локалците се бореле против чудните, андрогини студенти, нивните странски учители, надреалистичките забави и домашниот бенд што свирел џез и словенска народна музика. Во парохијалното опкружување тие не биле само аутсајдери, туку застапници на лажни вредности, кои ја скрнавеле нивната скапоцена некогашна традиционалистичка уметничка академија. Баухаус станал жариште на пуританскиот презир и завист преизвикани и од пуританските гласини дека се работи за некој култ (особено со учениците на Јоханес Итен) и авантуристичката сексуалност на членовите на Баухаус, школа основана со пари на даночните обврзници. Весниците и десничарските партии своите цинични критики за Баухаус ги насочија кон опозицијата, засилувајќи го антисемитизмот и нагласувајќи дека школата е космополитска закана за наводната национална чистота. На крајот, школата ја изгониле од градот.

Споменик на загинатите во мартовскиот марш (1922), дело на Валтер Гропиус, уништен од нацистите

Се чини неверојатно тоа што исклучително влијателната Школа за дизајн работела само 14 години, а нејзиното влијание трае толку долго. Тоа речиси во целост се должи на вештините и одлучноста на Валтер Гропиус. Преселувајќи се во Десау, Гропиус ја дизајнирал својата иконична зграда и Баухаус накратко повторно процветала, благодарение и на сојузот со левичарските и центристичките партии и прогесивно расположените индустријалци, како иноваторот во авионската индустрија, Хуго Јункерс. Сепак, десницата во Германија била жедна за крв и продолжила да ја прогонува Школата. Весниците продолжиле со нападите врз „ориенталната палата“ и „синагогата“, како што ја нарекувале Баухас зградата, а наставниците и учениците ги нарекувале „бољшевици“ и „културни марксисти“. Политичките партии, главно нацистите ја обвинувале школата Баухаус за комунистичка инфилтрација и финансиски криминал, барајќи да се прекине нејзиното финансирање, наставниците да се депортираат и зградата да се уништи. Учениците биле претресувани од властите во потрага по докази за непријателски дејства.

И покрај сатанизирањето во весниците и заканите по животот, Гропиус неуморно работел на опстанокот на Школата. Голем дел од таа работа се состоел од тоа да не им се дава муниција на непријателите. Побарал од студентите да не бидат видени на политичките маршеви или протести. Ги собрал летоците на Оскар Шлемер во кои сеистакнувало радикалното потекло на Баухаус „како место на собирање на сите оние кои со верба во иднината и подготвеност да предизвикаат бури на небото, сакаат да ја градат катедралата на социјализмот“. На крајот, Гропиус за да ја спаси школата ја жртвувал сопствената позиција, напуштајќи ја раководната функција, но од сенка задржувајќи доволно авторитет да го тргне својот наследник Ханес Мејер, кога станува очигледно дека им дозволува на комунистичките елементи да се шират меѓу студентите.

Кога регионот паднал под нацистичка доминација, Школата Баухаус, барајќи прибежиште, била принудена да го напушти Десау. По понудите од Лајпциг и Магдебург, како приватно училиште се лоцира во Берлин под водство на нејзиниот последен директор Лудвиг Мис ван дер Рое. Иако врвен архитект, Рое не се вклопувал лесно, бил расеан и оддалечен, а Баухаус веќе не беше институцијата што некогаш била. Кога нацистите го засилиле притисокот, ван дер Рое се обидел да ги смири, на пример, разрешувајќи ја мајсторката за текстил Гунта Столц, но напорите биле залудни. Гестапо ја запечатил зградата и откако се обидел да преговара со идниот воен злосторник Алфред Розенберг, кој инсистирал да се отстранат еврејските и странските учители и да се воспостави нацистичка контрола врз наставната програма, Мис ван дер Рое го затворил Баухаус.

Зградата на Баухаус во Десау

На крајот, Школата Баухаус преживеа затоа што ја напуштила зградата. Нејзините припадници во егзил беа распрскани низ целиот свет. Губитокот на Германија беше голем колку што беа придобивките на другите земји, бидејќи наставниците и учениците ја понесоа со себе етиката на дизајнот на места како Тел Авив, Чикаго, Детроит, Токио и Амстердам - преку архитектурата, уметноста и индустрискиот дизајн.

Сто години подоцна, намерата е да се прослави големата победа на Баухаус над нацистите и создавањето на иднината. Не успееја обидите на нацистите да го избришат нејзиниото постоење со уништувањето на муралот на Шлемер во зградата на Баухаус во Вајмар и демолирањето на Споменикот на мартовскиот марш на Гропиус. Сепак тоа не е единствената приказна. Баухаус беше многу работи, а судбините на припадниците на Баухаус биле различни. Како професор во Харвард, САД, Валтер Гропиус великодушно на своите соработници од Школата им нудел работа, помагајќи им да добијат виза и да го спасат животот, сместувајќи ги и во својот дом додека не се снајдат. Во еден неуспешен случај, Гропиус се обидел да му испрати молба и на Папата за да Сиркус Шимон, полскиот архитект биде ослободен од Аушвиц. При што Шимон би го завршил проектирањето на земјоделски пластеник во логорот според наредбите на СС – паравоената организација на Хитлер.

Многумина од оние кои останале во Германија, како Георг Мухе и Герхарт Маркс морале да заминат во внатрешен егзил, биле отпуштени од учителските работни места заради нивното минато во Баухаус, им било забрането да сликаат и биле означени како „дегенерирани уметници“. Некои како сликарот Хајнрих Броксипер и дизајнерот Вилхелм Вагнефелд откако поминале низ сличен третман биле испратени во германската армија. Хуго Јункерс, левичарскиот пацифист, сопственик на авионска индустрија и поддржувач на Баухаус бил ставен во домашен притвор откако им се спротивставил на нацистите и наскоро потоа умрел во голема сиромаштија.

Влезот во Музејот на Баухаус во Вајмар, Германија

Некои од припадниците на Баухаус едвај се спасиле. Уметничката Маргарет Реј, родена во Хамбург, со еврејско потекло побегнала во Париз, откако и таму налетала на нацистите заедно со сопругот со велосипед тандем, кој го направил сопругот, тие побегнале во Шпанија, носејќи го со себе ракописот за „Curious George“ (популарна детска книга и филм). Евреинот Лудвиг Хиршфилд - Мак, стигнувајќи до Британија, бил депортиран во Австралија како сомнителен граѓанин на непријателска Германија и до крајот на војната живеел во различни логори. Отпуштена заради еврејското потекло, главната керамичарка, Маргарет Фредлендер побегнала во Њујорк, но нејзиниот сопруг и колега Франс Вајлденхајн бил присилен да оди во војска, побегнал и до крајот на војната преживеал криејќи се.

Отпорот има различни форми, припадниците на Баухаус честопати ги користеле вештините од Школата. Фотографката Ирена Блеухова тајно објавуваше списанија во окупираната Чехословачка, додека Мојсеј Бахелфер фалсификувал документи за потребите на францускиот отпор. Вил Бартин правел прирачници за сојузничките воздушни сили за време на Втората светска војна. Бруно Адлер емитуваше антинацистичката пропаганда во Третиот рајх преку радиото Би-Би-Си. Креаторката на познатите дрвени детски играчки, Алма Сидхоф-Бушер, започна да држи часови, таа загинала во случајно бомбардирање. Кон некои судбината била сурова како кон уметничката што работеше со текстил, Оти Бергер, која првично избегала во Велика Британија, за да на кратко се врати во Хрватска за да ѝ помогне на својата болна мајка и била убиена во Холокаустот. Можеби најнезаборавна и најпотресна од сите е судбината на уметничката, дизајнерката и учителка од Баухаус, Фридл Дикер-Брандеис, која ги одбила визите за бегство, претпочитајќи да остане со нејзиниот сопруг. Двајцата биле испратени во Терезиенштат, каде што формирале училиште за трауматизираните деца, охрабрувајќи ги да ги искажат своите емоции преку уметнички дела. Таа спасила илјадници од овие дела во неколку куфери кои ги преживеаја војните и холокаустот. Таа, а многу ако не и сите деца што ги создадоа - не преживеаја.

Малкумина од припадниците на Баухаус оставија компромитирано наследство, особено оние кои соработувале или им се придружиле на нацистите, како архитекот Ернст Неуферт и учителот по гешталт психологија Карлфрид Граф Дуркхајм. Други послужиле како играчки, понекокогаш своеволно како Нерберт Бајер, чиешто согласување со режимот не можело долго да трањ бидејќи имал еврејска сопруга и ќерка. Сложеноста на проблемите на оние кои се обидувале да ги преживеат лошите времиња кулминира во случајот со Франц Ерлих. Како комунистички активист и припадник на Баухаус, бил уапсен од нацистите и испратен во концентрациониот логор Бухенвалд. Таму преживеал заради своето дизајнерско искуство, произведувајќи врата во логорот украсена со натписот „Jedem das Seine“ (На секого тоа што заслужува), изведен со модернистички букви, како акт на длабоко предавство или субверзија. Тоа е сугестија можеби за некој паралален свет каде Баухаус, следејќи ги обидите на Гропиус да посредува или на ван дер Рое да преговара со Третиот рајх. Тоа не се случи, двајцата заминаа во егзил, но нивните последни обиди да ги уредат работите е вознемирувачки потсетник дека историјата е непредвидлива и условена.

Влезот во концентрациониот логор Бухенвалд

„Уметниците во основа се неполитични и така мора да биде зашто нивното кралство не е од овој свет“, кажал Оскар Шлемер. Неговиот пристап го следел и Валтер Гропиус. За ова и двајцата биле во заблуда и премногу утописки расположени зашто стварниот свет е неизбежен. Гропиус бил политичен, не според реторикатата и идеологијата, туку според методите и праксата. Поднел оставка во „Deutscher Werkbund“ кога биле исклучени еврејските членови. Им се спротивставил на нацистите што му се заканувале во неговиот дом, велејќи им дека немаат ексклузивитет да кажуваат што значи да се биде Германец. Кога вработен во неговата канцеларија се појавил во нацистичка униформа, веднаш го отпуштил. Тоа не значи дека утопистичкото „бегство од политиката“ на Гропиус не е атрактивна перепектива. Директорот Гропиус кажал дека 90 отсто од времето се занимавал со сплетки и администрација, а само 10 отсто се занимавал со креативна работа за Баухаус. Вреди да се прашаме што сè е изгубено, земајќи го предвид тоа што е постигнато со тие десет отсто, како и она што е изгубено со бруталните убиства на Бергер и Дикер – Брандеис и нејзините деца.

Духот на Баухаус продолжува да живее не само низ стилот и етосот, туку низ идејата за осмислување на подобра иднина; не само корисно и убаво, туку и подобро за сите. Оваа задача е отворена и незавршена како и секогаш. Ако духот на Баухаус навистина е сè уште жив, неговото дело допрва треба да се заврши.

Извор:citylab.com

 

ОкоБоли главаВицФото