Премиера на „Тајните архиви на Скопје” во Кинотека

12.11.2019 02:44
Премиера на „Тајните архиви на Скопје” во Кинотека

На 13 ноември (среда) во 18 часот во Кинотеката на Република Северна Македонија премиерно ќе се прикажува краткиот филм „Тајните архиви на Скопје”.

Станува збор за колаж од видеа кои креираат лична, емотивна приказна за Скопје и скопјани, раскажана низ четирите годишни времиња.

Проектот е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија, дигитализацијата и дигиталната обработка се на Александар Трајковски, обработката на тон е на Сашко Потер Мицевски, а гласот на Дарко Ристовски.

„Идејата на проектот е да не се влијае на материјалите, ниту во монтажата, туку тие да се прикажат во реално светло, онака како што неколку децении наназад биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти“ – стои во соопштението од „Вардар Филм“, носител на проектот.

Претходно, „Вардар филм“ преку јавен повик ги повика скопјани да ги позајмат своите лични архиви од Скопје, по што следувала дигитализација и монтажа.

„На овој начин, преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8мм и супер 8мм) од домашната архива на Скопјани, се открива скриено богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат. Досега неоткриените архивските снимки од Скопје ќе отклучат еден нов лик на градот што со децении бил скриен и заборавен во домашните семејни колекции“, додаваат од „Вардар филм“.

Проектот за „Тајните архиви на Скопје“ е поддржан од „Кинотека на Северна Македонија“ и Град Скопје.