Десна интернационала

12.11.2019 23:28
Десна интернационала

Минатата недела во различни земји се случија три неповрзани настани чии главни актери се припадници на радикалната десница. Градските власти во германскиот град Дрезден прогласија „нацистичка вонредна состојба“ за да се обидат да излезат на крај со јакнењето на десниот екстремизам. Дрезден е град во кој се роди исламофобното движење ПЕГИДА, кое редовно организира маршови против муслиманите, а на последните избори речиси една четвртина од неговите жители гласаа за партијата од радикалната десница, Алтернатива за Германија (АфД).

Неколку дена подоцна во Осло беше уапсен Грег Џонсон, главниот уредник на американската издавачка куќа Counter-Currents посветена на објавување литература која пропагира белечки супрематизам. Џонсон требаше да зборува на форумот Scandza, собир на десничарски активисти кој последниве години се одржува во скандинавските земји со назнака научна конференција. Темата на конференцијата одржана на 2 ноември беше „човечкиот биодиверзитет“, а Џонсон беше уаспен неколку часа пред нејзиниот почеток. Тамошната разузнавачка служба објави дека причина за тоа е неговото изразување поддршка за Андерс Брејвик, Норвежанецот кој 2011 година во повеќечасовен поход на младинскиот камп на Лабуристичката партија уби 77 луѓе.

Два дена подоцна, во градот Пуебло во американската сојузна држава Колорадо, во тајна операција на ФБИ беше уапсен 27 годишен скинхед и поранешен припадник на Кју Клукс Кланот (ККК) кој планирал да изврши напад на локалната синагога. Агентите кај него нашле експлозив, примерок од „Мојата Борба“ на Хитлер и превез со свастика на раката, а откриле и дека редовно учествувал во антисемитски чат групи, каде заговарал „света расна војна“.

Иако не се непосредно поврзани, овие настани сведочат за јакнењето на екстремно десните движења, но и за нејзината интернационализација, особено во случајот на форумот Scandza на кој зборуваа уште еден Американец, еден Англичанец и двајца Данци, сите заговорници на теоријата за супериорност на белата раса. Со сѐ потесното поврзување на поединци и организации кои ја пропагираат оваа идеологија се занимава и истражувањето на една од најстарите американски невладини организации, Anti-Defamation League (ADL), во соработка со сродни организации од Германија, Велика Британија, Франција, Норвешка и Полска.

Потпретседателката на АДЛ за меѓународни прашања, Шерон Назариан во септември годинава истражувањето им го претстави на релевантните одбори на американскиот Конгрес, меѓу другото и заради лобирање насилните екстремно десни групи во Америка да се стават на листата терористички организации зашто тоа заради некои причини сѐ уште не се случило. Напротив, авторката на извештајот забележала дека американскиот претседател Доналд Трамп по убиството на една контра-демонстрантка на расистичкиот собир Unite the Right во Шарлотсвил 2017 година изјавил дека „има добри луѓе на двете страни“, иако уште тогаш беше познато дека од 11 септември 2001 година до денес на територијата на САД загинале повеќе луѓе од рацете на белите супрематисти отколку заради џихадистички тероризам. И покрај тоа, белиот супрематизам во Америка е најстариот подвид на домашен тероризам, почнувајќи од Кју Клукс Клан кој е основан на средината на 19 век, а од 1993 до 2017 година се евидентирани 150 напади и обиди за напади од страна на такви организации. Само минатата година се случија 50 убиства во кои се вмешани следбеници на оваа идеологија, вклучувајќи го и терористичкиот напад на синагогата Tree of Life во Питсбург, во кој еден антисемит уби 11 еврејски верници. Кога станува збор за оваа година, само во престрелката која се случи во август во трговскиот центар во Ел Пасо, 21 годишниот напаѓач Патрик Вуд Крусиус уби 22 лица, главно со латиноамериканско потекло. Претходно на онлајн форумот 8chan оставил манифест со наслов „Непријатна вистина“ во кој ламентира над наводно изумирање на белата раса.


Шерон Назариан

Бидејќи педантно ги рангираат расите според „генетските“ обележја, овие движења за главни умови на заговорот против белците ги сметаат Евреите, додека според нив преостанатите раси не се обдарени со доволна количина интелигенција, туку служат како средства за остварување на надмоќта. Меѓутоа, имаат амбивалентен став кон Азијците, исто така и заради коефициентот на интелигенција за кој тврдат дека е натпросечен, додека за нив Јапонија претставува угледен пример за етнички чиста држава.

Во својот манифест напаѓачот од Ел Пасо, Патрик Крусиус исто така се повикува и на масовното убиство кое се случи пролетта оваа година во Крајстчрч, Нов Зеланд, каде Австралиецот Брентон Тарант уби 51 муслимански верник во локалната џамија. Тарант исто така остави манифест во кој пак се повикува на манифестот на Норвежанецот Андерс Брејвик, како и на Американецот Дилан Руф, кој 2015 година уби 9 Афроамериканци во методистичката црква во Јужна Каролина. На сите нив заедничко им е верувањето во „големата промена“, теорија за заговор на другите раси да извршат геноцид над белците, која ја популаризираше Французинот Рено Каму, а е објавена во истоимената книга 2011 година.

Заради евидентната духовна поврзаност и меѓусебното инспирирање, Назарин во својот извештај утврдила дека интернационализацијата на движењето на белечкиот супрематизам се шири и забрзува во поселдниве години, пред сѐ преку комуницирањето на интернет преку платформите како што се 4chan, 8chan и Reddit, потоа Јутјуб каналите и подкастите и социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер. Освен на интернет, соработката се одвива и преку меѓусебно поврзување на конференции, протести, маршови и други настани кои се селат од едната на другата страна од Атлантскиот океан. Зборувајќи за корените на соработката на екстремната десница, Назарин пишува дека германскиот нацизам ги инспирирал американските следбеници уште и пред Втората светска војна, кога е основана пронацистичката организација German American Bund, а после војната и Американската нацистичка партија National Alliance, која ја основал Вилијам Пирс кон средината на седумдесеттите. Еден од клучните настани во продлабочувањето на соработката било објавувањето на романот на Пирс, „The Turner Diaries“ во 1978 година, зашто таа книга извршила големо влијание на организациите како што се Atomwaffen Division во Америка, која се поврзува со пет неодамнешни убиства во САД и која има и британски огранок, потоа британската група Combat 18 и германското Националсоцијалистичко подземје. Сите тие групи исто така ја усвоиле стратегијата „отпор без водач“ која ја формулирал еден друг Американец, Луис Бим, маринец кој по виетнамската војна му се придружил на ККК.

Во последно време, после појавата на американската alt-right, европската радикална десница ги усвои нејзините стратегии и тактики, особено на интернет, а после победата на Трамп во 2016 година и надвор од виртуелниот свет. Alt-right стана мотор кој ја ревитализираше радикалната десница со привлекување млади, технолошки вешти мажи кои, меѓу другото, го изнедрија и „движењето за правата на мажите“ посветено на укинување на плодовите од повеќедецениските феминистички борби. На пример, кон крајот на октомври во Орландо на Флорида беше одржана антиженската конференција „The Woodstock of the Manosphere“, за која котизациијата чинеше 2 500 долари, а практично сите говорници се поврзани со alt-right и други расистички организации.

Интересно е што првото европско издание на оваа конференција се случи летоска во главниот град на Полска, земја која стана клучна локација за соработка на екстремно десните движења од Европа и Америка. Со книгата на Вилијам Пирс во Полска е инспирирана тамошната екстремно десна партија Национален препород, со која соработува и најпознатиот американски расисит, поранешниот Голем волшебник од Кју Клукс Клан, Дејвид Дјук. Новата екстремно десна коалиција Конфедерација, која на изборите во октомври доби речиси седум проценти од гласовите и влезе во парламентот, наводно се именувала според конфедерацијата на јужњачките држави кои се бореа против укинување на ропството за време на Американската граѓанска војна.

За европските и американските бели супрематисти особено е интересен и Маршот на независноста кој секоја година се организира во ноември во Варшава на Денот на независноста на Полска. На него во последниве години е забележано присуство на претставници од италијанските, шпанските, француските, шведските, унгарските, српските, словачките, чешките и украинските екстремно десни политички партии. Пред две години на проминентниот американски неонацист Роберт Спенсер, инаку и автор на кованицата alt-right, му беше забранет влезот во Полска, а неговата ноторна персона беше премногу дури и за владата на подеднакво ноторниот унгарски премиер Виктор Орбан, кој три години претходно исто така му забрани да влезе во земјата.

Во својот извештај како значаен пример за меѓународната соработка на радикалната десница, АДЛ го издвојува и оној од Шведска, за која како специфичен пропаганден алат е white power музичката сцена, односно настаните како Нордискиот фестивал на кој се собираат бендови и кои имаат навика да салутираат со нацистички поздрав.

Украинските неонацисти се поврзани со калифорниското движење Rise Above, кое е специјализирано за насилни улични акции, а одреден број десно ориентирани демобилизирани американски маринци му се придружија на баталјонот Азов, пронацистичка доброволна милиција која оперира на подрачјето на одметнатите проруски региони. Во Русија, пак, за чии разузнавачки служби се претпоставува дека веќе со години ги финансираат екстремистичките политички партии ширум Европа, најистакнат ултрадесничар е политикологот Александар Дугин. Иако пропагира руски национализам и борба против западната, особено американската хегемонија, Дугин тесно соработува со таткото на американскиот alt-right Ричард Спенсер.

Движењето Alt-right во Америка е инспирирано од француската Нова десница, која во седумдесеттите ја формулираше Ален де Беноа, воедно и основач на Групата за проучување на европската цивилизација GRECE. Идеологијата на Новата десница комбинира необична мешавина етнонационализам, идеја за обединување на европските народи од белата раса и критика на христијанството и американската глобална доминација. Покрај споменатата Австралија, од каде е напаѓачот на џамијата во Нов Зеланд, надвор од Европа и Америка во последниве години е забележан подем на белиот супрематизам и во Бразил и во Аргентина, при што Аргентина неодамна го имаше неонацистот Алехандро Биондини за претседателски кандидат. Во својот манифест на Јужноафриканската Република реферираше Андерс Брејвик, тврдејќи дека опстанокот на тамошните бели фармери е загрозен заради геноцидната кампања на црнечкото мнозинство.

И покрај експлозијата на ваквите движења во последниве години, експертите за тероризам сметаат дека проблемот со екстремната десница и нејзиното насилство сѐ уште недоволно се сфаќа во повеќето либерални демократии. Наместо тоа, владите порадо се занимаваат со хушкање против бегалците, со што не придонесуваат само за сопствените изборни успеси, туку и за оние од екстремната десница и нивната идеологија, која стана најсмртоносен носител на тероризмот во западните земји.

Извор: https://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото