Како да бидеме зелени, а паметни?

13.11.2019 03:49
Како да бидеме зелени, а паметни?

Несомнено е дека за одржлива иднина и здрава животна средина, меѓу најзначајните општествени промени кои треба да се направт се промените во енергетските, урбаните, транспортните и индустриските системи, како и интегрирање на климатската акција во пошироките јавни политики.

Компаниите, посебно оние од индустријата, вообичаено се перцепираат како незаинтересирани за климатските промени, глобалното затоплување, па и заштитата на животната средина. Но, не е така. Иницијативите за преземање конкретни мерки кои се во насока на ефикасно користење на енергијата, справување со отпадот, заштита од промените во врнежите, екстремните температури, топлинските и студените бранови и слични прашања доаѓаат токму од компаниите од преработувачкиот сектор.

Прашањето што се поставува е како да бидеме зелени, а паметни? Како ефикасно да ги користиме придобивките на модерниот свет, а да не ја загадуваме средината во која живееме и работиме? И како ние, како држава, бизнис-сектор, но и како граѓани, практично да придонесеме во овие процеси?

И покрај многубројните регулативи, кои во земјава се имплементирани преку Законот за животна средина, бројните стратешки документи (за развој на енергетиката 2008-2020, за обновлива енергија до 2020 година, за енергетска ефикасност до 2020 година), како и со обврските од меѓународните договори поврзани со климатските промени (Рамковната конвенција на ОН за климатските промени (УНФЦЦЦ, Протоколот од Кјото, Договорот од Париз итн), сепак јавната свест за заштита на животната средина и последиците од климатските промени не е на задоволително ниво. Тоа, како што веќе нагласив, го чувствуваат и компаниите и бараат соодветна „климатска акција“ од сите општествени чинители кои би можеле да имаат и најмало влијание врз градењето стратешки пристап на нашата држава кон справувањето со предизвиците на модерното време, кое со себе ги носи и последиците од климатските промени и загадувањето на животната средина.

Оваа проблематика е поставена високо и во агендата на институциите на Европсакта унија. Имено, при меѓу приоритетите на претседателството на Финска, но и на претходната земја Романија, и следната – Хрватска која ќе ќе претседава со Советот на ЕУ е и прашањето за зајакнувањето на позицијата на ЕУ како глобален лидер во климатските активности.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, исто така ја идентификуваше оваа тема, како една од клучните во нејзиното работење. Не само што вети дека ќе ја постави како клучна долгорочната климатска цел, туку и изрази подготвеност да ги зголеми целите за намалување на емисиите на стакленички гасови во 2030 и 2050 година.

Во меѓувреме, деловните активности на бизнисите низ цела Европа се соочуваат со повеќе предизвици, кои не се условени од климатските промени, како што се зголемување на трговските спорови и брза дигитализација. Зголемувањето или барем зачувувањето на нивната конкурентност во ова предизвикувачко опкружување останува нивниот главен приоритет. Во таа насока т.н.„зелени зделки“ треба да бидат практика на деловните субјекти во ЕУ, на кои им се потребни деловни потфати кои ќе значат и ефикасно користење на енергијата, заштита од отпад, но и зачувување или раст на конкурентноста во такви услови. Зголемувањето на емисиите на јаглерод диоксид и стакленичките гасови е најлошото сценарио со кое може да се соочиме во блиска иднина. Токму овие прашања не се заобиколени ни од стопанските комори ширум Европа, па така токму овој месец, поточно на 19 ноември, во организација на Германската и Австриската стопанската комора (DIHK и WKO), во соработка со Eurochambres –Асоцијацијата на европски комори во која членува и Стопанската комора на Македонија, во Европскиот парламент се организира настан посветен на иднината на климатската политика на ЕУ, на кој ќе се разговара со деловни претставници- членови на Европскиот парламент.

Конкретната акција поврзана со климатските промени и заштитата на животната средина, е многу важна, не заради тоа што истото претставува тренд или топ-тема за која се зборува насекаде во светот, туку и заради фактот што непреземањето ништо по овие прашања, навистина може да доведат до далекусежни неповолни последици за нашето опкружување. Затоа, додека е време, треба и ние, на дело да ја покажеме нашата подготвеност активно да партиципираме во спречувањето на штетните влијанија од овие процеси.

Климатските промени, иако навидум, асоцираат на нешто општо и небитно, се повеќе влијаат на квалитетот на животот за сите нас. Ќе наведам само неколку примери кои на дело го покажуваат тоа.

Прво, калитетот на храната што ја добиваме од земјоделските површини, условена од температурните промени, загаденоста на почвата, појавата на мразот е нешто што е директно поврзано со климатските промени. Цело време се зборува за загаден воздух, вода, а многу малку за загадени почви.

Второ, анализите на научните работници од оваа област покажуваат дека во 2009 година, државата имала 4,2 милиони катастарски парцели, а сега има 5,2 милиони. Просечната големина на нашите земјоделски површини е 0.49 хектари. Тоа доведува до заклучок дека земоделските површини сега се претворени во градежно земјиште со згради, а се помалку има и зелени површини.

Трето, патниот сообраќај е најголемиот извор на емисии на стакленички гасови (речиси 99%) во секторот транспорт.Транзицијата од општество со стари автомобили, каде што дизел возилата се уште се претпочитаат, до создавање општество што користи претежно поефикасни технологии, бара внимателно планирање и креирање политики базирани на податоци, а не на претпоставки. Факт е дека е можно со прецизни мерки, и најголемите проблеми во транспортот да се претворат во најголеми можности.

Истражувањата на оваа тема покажуваат дека сиромаштијата и економската ситуација се најголемите општествени проблеми, додека климатските промени се гледаат како трета најсериозна закана за општеството. Но, исто така, за одбележување е и наодот од едно анкетно истражување дека постои незадоволство од обемот во кој органите, компаниите и индустријата, или дури и самите граѓани придонесуваат во борбата против климатските промени. Така, 34% одговориле дека причината која спречува активности за заштита на животната средина и намалување на климатските промени е чувството дека тоа не е должност на граѓаните, туку должност на Владата, компаниите и индустријата.

Заради сето тоа, повеќе од било кога е потребна „климатска акција“, а препораката на Комората, а со тоа и на бизнис-заедницата секако би била насочена кон потребата веднаш и сега да се оценат институционалните капацитети релевантни за климатските промени и да се определат конкретни обврски и одговорности за секоја институција заради ефикасно вклучување на прашањето за климатските промени во секторските политики и градење стратешки пристап по ова прашање.

Авторката е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања

Слики: Courtney Mattison

Извор: Стопанска комора на Македонија