Проширувањето и еднаквоста во ЕУ

13.11.2019 17:04
Проширувањето и еднаквоста во ЕУ

Што е тоа што денес ги обединува земјите членки на ЕУ? Фактот дека на Македонија на последниот ЕУ самит не ѝ беше понудено столче, барем некаде на ќошот, во вториот ред, околу големата маса на „клубот на привилегираните“, претставува јасна потврда дека политиката на проширување и добрососедство е само уште едно од низата прашања што ја разединуваат Унијата.


Но дали најновиот развој на настаните, како што тоа некои сакаат да го видат, покажува дека судбината на ЕУ се решава сега? Дали, всушност, легитимната ЕУ-критика се симплифицира така што се наметнува дилемата дека мора да се направи избор дали ќе се приклучите кон либералните или кон конзервативните сили?


Францускиот претседател Емануел Макрон упорно ги повторува своите ставови дека „ЕУ е заеднички проект што бара заемен ангажман“. Потенцирајќи дека на сила се леволибералните вредности на ЕУ, тој своите пораки во повеќе наврати ги упати кон националистичките влади во Источна Европа. „Европа што го игнорира плурализмот на идеи и убедувања, самостојноста на правосудството и медиумите, прифаќањето на бегалците што бараат заштита од прогонувања, е предавство против нас самите, против тоа што сме“. Во таков контекст Макрон го употребува зборот предавство, кој во Македонија, пак, веќе со години наназад се користи без речиси никаква критичка дистанца, за поттикнување на омраза и нетолеранција спрема поинакви мислења и за продлабочување на „бескрајната поделба“.


Македонија, поради недоволната реформска волја, е сѐ уште далеку од порешителното етаблирање на европските вредности – сфатени, меѓу другото, и според начинот на кој ги толкува Макрон – а што, впрочем, ја одредува далечината и во догледна иднина сè уште недостижна точка на нејзиниот пат што води кон членството во ЕУ.

Но и источноевропските земји што беа дел на поранешниот комунистички блок, а кои веќе деценија и пол се рамноправни членки на ЕУ, и понатаму покажуваат силни осцилации во однос на решителноста да тргнат побескомпромисно во примената европските нормативи и стандарди. Токму затоа се во остар конфликт со Брисел.


Во исто време, актуелните европски политички трендови покажуваат дека десно популистички партии добиваат силен ветар во едрата ширум Европа. Последните години во низа земји, десничарските популисти или добија директно влијание во составувањето на владините коалиции, или индиректно влијаат во парламентите како пратенички групи што даваат поддршка на владините политики.


Појавата на овие партии чии симпатии меѓу избирачите се во постојан подем, би можело на најширок план на европската политичка карта да се означи како „ист феномен“. Но, разликите се евидентни меѓу европските земји кога станува збор за политичката култура и историја. Во иста мера колку значењето на поимот либерал или социјалдемократ подразбира не баш мали разлики во, на пример, Полска, Данска или Италија, така и за десничарскиот популизам не би можело да се рече дека претставува хомогено движење. Не само формата, туку и ефектот од нивното влијание варира.


Во поранешните источноевропски комунистички земји во моментов доминираат десно популистички партии и државни институции на начин за кој, според низа показатели, би можело да се рече дека го поткопува функционирањето на демократијата. Но, без да се релативизира, би можело да се рече и тоа дека и нивните политички конкуренти неретко имаат несигурен ни дискутабилен пристап во градењето на независни државни институции и медиуми, како и во однос на борбата против корупцијата и криминалот. Критиките кои од Брисел беа упатувани кон социјалдемократската партија во Романија, која до неодамна ја имаше власта, е само еден пример во овој контекст.

Дебатата што деновиве се разви во Македонија поврзана со укинувањето или замрзнувањето на прогресивниот данок, по нецела година од примената на оваа даночна реформа, ги заостри обвинувањата дека власта се определува да застане на страната на богатите и да го заштити капиталот или оние што од чесна работа оствариле високи приходи. Ваков вид дебата е актуелна и во Шведска, каде што владејачката социјалдемократска партија со години наназад е под притисок на десничарските партии кои бараат драстично намалување на даночните стапки. Но друго прашање е во колкава мера меѓу шведските и македонските социјалдемократи постојат суштински допирни точки во поимањето на стварноста и во развојот на свеста дека во спроведувањето на неопходните или изнудените реформи поради неповолниот распоред на политичките сили не треба да се отстапува барем од базичните традиционални вредности и идеали на социјалдемократијата и на синдикалните движења.


Поранешниот претседател на Европската комисија, Жак Делор, во 90-тите години на минатиот век ја лансираше својата позната т.н. „велосипед-теорија“, односно дека европскиот проект, токму како и велосипед, мора да се движи напред за да не изгуби рамнотежа и да падне. Но во услови кога повеќе земји членки ниту сакаат ниту можат да се движат во насока на реформи кон повеќе „наддржавност“, движењето напред станува можно само доколку група земји од јадрото на ЕУ покажат готовност да ја продолжат интеграцијата и да ги остават другите да заостануваат. Со надеж дека нема да останат премногу назад и дека сепак ќе бидат повлечени на некој начин. Моментно е неизвесно дали Макрон ќе успее да понуди решение за натамошните интеграции преку откривање некаков нов „европски велосипед“.


Во многубројните коментари по последниот ЕУ-самит се потенцира дека сите Европејци би требало да добијат можност да учествуваат во европскиот проект и да извлечат полза од неговиот потенцијал за промени, укажувајќи дека токму тоа е целта кон која голем дел од населениот во балканските земји и понатаму тежнее и ја посакува Унијата. Без оглед на фактот дека војните кои избувнаа по распадот на Југославија за ЕУ значеа тотален неуспех.


Како што и Ангела Меркел укажа, постојат причини да се надеваме дека ЕУ може повторно да го покрене тркалото на проширувањето на почетокот на идната година. Тогаш со Унијата ќе претседава Хрватска, а што симболично го става прашањето во поширок контекст, бидејќи најважна причина секако остануваат натамошните напори да се внесат сите поранешни југословенски републики во мировниот проект ЕУ.



Фотографии: Annie Collinge
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото