Уметност од ѓубре

14.11.2019 14:56
Уметност од ѓубре

 Бери Розентал (Barry Rosenthal, 61 г.) порано излегувал во природа барајќи флора за фотографирање. Еден ден во Њу Џерси не можел да најде ништо интересно - освен ѓубре. Го наредил на позадина и одеднаш нашол чудна убавина во отфрлените предмети.


Оттогаш Розентал, поранешен комерцијален фотограф, посветува многу време и енергија за собирање на она што за сите е непотребен отпад. Така ја создаде фото серијата „Пронајди во природата“.

Неговото омилено „ловиште“ е местото Флојд Бенет филд во Бруклин, зашто таму предметите се излеваат од депонијата, а брановите на океанот носат многу отпад.

„Таму има големо изобилие ѓубре“, вели Розентал. „Тоа е одличен ресурс“.

Розентал, изработувал колажи кога живеел во Масачусетс и сакал да го поминува времето на плажата во Кејп Код. Првично своите колажи ги поставувал на самото место, но во последно време ги носи своите колекции назад во студиото за да може да ги направи во поголем формат и да чува некои предмети за повторна употреба.

За „Синиот океан“ тој вели: „Имав празен простор во горниот лев агол, а потоа се сетив дека имам сини влечки ’јапонки’.“

Тој не чува сè во своето студио кое се наоѓа во еден воен магацин во Бруклин. „Шишињата за масло се лепливи и смрдливи“, објаснува тој.

Она што нема да го зачува, го рециклира. „Ѓубрето не завршува назад таму каде што сум го нашол“, вели.
Тој сака да ја одвои уметноста од своите политички ставови, но вели дека тоа во последната серија фотографии било невозможно.

„Животната средина е хаос, а пристаништето во Њујорк е срамота“, вели и се надева дека со овие фотографии ќе ги натера луѓето да видат што всушност прават кога безгрижно ги фрлаат предметите.

Во последно време неговите дела повторно еволуираа. „Направив едно дело со многу шишиња од алкохол и сфатив: голем број од предметите што ги наоѓам имаат врска со зависностите на луѓето“ вели, додавајќи дека работи на фотографија на која има цигари.

Се разбира, не секоја зависност е опасна. „Еве, за мене може да кажете дека сум зависник од собирање“, вели Розентал.

Извор: The New York Times, Stuart Miller

Слични содржини

Уметност / Карикатури
Фотографија / Став / Уметност

ОкоБоли главаВицФото