Осаменост меѓу милиони луѓе

14.11.2019 16:04
Осаменост меѓу милиони луѓе

Политичарите во Берлин бараат да се постави „комесар за осаменост“. Сѐ помалку има дружење и социјални врски, а тоа влијае и врз здравјето. Не се работи само за германски проблем – феноменот е присутен од Јапонија до Америка.

Секое второ домаќинство во Берлин има по само еден член. Во градот со статус на сојузна покраина веќе постојат телефонски служби за помош на постари лица, професионално организирани журки за физички контакт со други луѓе и Фејсбук групи за самопомош. А берлинскиот одбор на Демохристијаните (CDU) на канцеларката Ангела Меркел сега бара главниот град да има – официјален комесар за осаменост. „Некој мора сѐ да координира и за тоа е потребно работно место со полно работно време“, вели портпаролот на CDU Мајк Пен, објаснувајќи дека веќе не е доволно со тоа да се бават само доброволци. „Берлин, како метропола која расте мора да го направи овој чекор“, вели тој.

Осаменост во град со 3,6 милиони жители

Според извештајот на берлинскиот дневник Тагешпигел, минатата година 1300 луѓе биле вклучени во доброволна работа во борбата против осаменост. Тоа можеби звучи како голема бројка, но градот има 3,6 милиони жители и бројот секоја година се зголемува. Во истиот прилог пишува дека најмалку 300 луѓе годишно умираат во своите станови а тоа никој не го забележува – понекогаш и со недели. Не е ни чудо што Берлин во печатот и на социјалните мрежи го стекнал прекарот „престолнина на осаменоста“. Истражувањето што во мај го спроведе Сојузната влада утврди дека од 2011 до 2017 година бројот на Германци на возраст помеѓу 45 и 84 години кои изјавиле дека понекогаш се чувствуваат многу осамено се зголемил за 15 проценти.

Епидемијата на изолираност не е само германски феномен. Велика Британија уште од 2018 година има миистер за осаменост, именуван откако студија утврдила дека девет милиони Британци се чувствуваат осамено.
Во тоа време Марк Робинсон, шеф на непрофитната организација Age UK, рече дека е „докажано дека осаменоста е полоша за здравјето од пушењето 15 цигари дневно и дека не мора да биде составен дел од животот на старите луѓе“. Меѓутоа, сѐ помасовната изолираност е феномен кој се забележува во сите возрасни, родови и етнички групи. Опсежна студија спроведена од американската истражувачка фирма Ипсос открила дека во САД најосамените луѓе припаѓаат на генерацијата Z – родени на крајот на деведесеттите и почетокот на овој век. „Речиси половина Американци (46%) известуваат дека понекогаш или секогаш се чувствуваат осамено“, покажало истражување спроведено за компанијата за здравствено осигурување Цигна. „Генерацијата Z има највисок степен на осаменост, а најмалку осамени се постарите од 72 години.“

Проблем и на Истокот

Осаменоста не е проблем само на Западот. Во Јапонија веќе со децении се вообичаени кафулињата во кои работат хостеси и каде момчиња плаќаат за да разговараат и понекогаш да се милуваат со жените, да се шетаат или да се преправаат дека се пар. А сѐ поолем е бројот на кафулињата со машки хостеси – во кои се нудат исти услуги, само тука клиентите се жени.
Во Кина политиката на едно дете предизвикала таква нерамнотежа во населението што има сѐ повеќе известувања за трговци со луѓе што киднапираат жени од соседните земји како Мијанмар за на осамените младичи во Кина да им обезбедат „сопруги“.


Не ги обвинувајте социјалните мрежи

Општествената изолација влијае врз здравјето и тоа е сѐ поочигледно. Американскиот национален институт за здравје вели дека ризиците вклучуваат „висок крвен притисок, срцеви болести, дебелеење, ослабен имунитет, анксиозност, депресија, пад на когнитивните способности, Алцхајмерова болест – па дури и смрт“.

Студијата на Цигна исто така открила дека осаменоста штети на кариерата, што доведува до пониски плати и послабо напредување, помеѓу останатото и поради лошата соработка со колегите. Многумина причините ги гледаат во замките на модерниот живот кои се појавиле со интернетот, но истражувачите велат дека причините се всушност подлабоки. Во студијата на Цигна се наведува дека врз основа на податоците како што се „ниво на директна интеракција меѓу луѓето, физичко и ментално здравје и рамнотежа помеѓу деловниот и приватниот живот – подобро може да е прогнозира осаменоста отколку врз основа на податоци за користењето на социјалните мрежи“.

Тешко е да се утврдат специфичните причинители на оваа криза на осаменост, но научниците на стручното списание „Психологија денес“ велат дека сѐ поголемиот број на луѓе кои живеат сами, како во случајот на Берлин, е еден од многуте фактори. Бидејќи, дури и ако луѓето живеат со други, тоа не мора да значи дека немаат чувство на општествена изолација.

Порака до шефовите

Студијата на Цигна како едно од решенијата им предложила на шефовите на работно место да промовираат тимска работа и ангажирање – тоа може да доведе до некои основни интеракции, како разговор, воспоставување контакт со очи и понепосредна физичка близина со другите. А токму тоа им недостасува на осамените луѓе.

Берлинскиот CDU планира годишен буџет во висина од 100.000 евра за финансирање на проекти за борба против социјална изолација. Додека сенатот во Берлин не го разработи и не го одобри тој план, на оние кои страдаат од чувство на осаменост психолозите им препорачуваат барем минимално да контактираат со луѓето во нивна непосредна бизина, како соседите, колегите, вработените во супермаркетите... Им се советува и да минуваат време надвор и да пронајдат групни активности во својот крај.

А ако им е многу лошо, тогаш треба да разговаат со лекар. 

Извор: https://www.dw.com/sr
фотографии: Кеичи Ичикава

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото