Венеција: Лутина поради недоволната заштита од поплави

15.11.2019 01:33
Венеција: Лутина поради недоволната заштита од поплави

Венеција се бори со последиците од разорните поплави. Италијанската цивилна заштита предупреди од ново невреме во регионот на Венеција. Висината на водата сепак нема да достигне рекордно ниво како во ноќта кон средата. Министерството за култура денеска започна инспекција на можната настаната штета во базиликата Свети Марко. Премиерот Џузепе Конте, за време на посетата на поплавеното подрачје, најави дека владата ќе прогласи вонредна состојба за градот кој е под заштита на УНЕСКО како светско наследство.

Повторно се разви жестока дебата околу скандалозниот проект за заштита од поплави. Нивото на водата поради силните ветришта ноќта кон средата се искачи на 187 сантиметри над морското ниво – највисоко по катастрофалните поплави од 1966 година. Денесна се очекува нивото да биде повисоко за 130 сантиметри. Научниците посочуваат дека поголемите поплави во Венеција се должат и на климатските промени поради кои расте и нивото на морињата.

Од поплавите е погодена и базиликата Свети Марко, како и многу хотели, дуќани и куќи. Потопени се и бродови, а разурнати се и ѕидови. Министерот за култура Дарио Франческини зборува за „вонредна ситуација“. Поради изложеност на солена и нечиста вода, загрозени се многу споменици на културата. Но, според првичните сознанија, уметнички дела или збирки, како и материјали од библиотеки и архиви, не биле оштетени.

Училиштата и градинките и денеска се затворени, а бродскиот сообраќај е екстремно ограничен. Операта Ла Фенис откажа серија претстави. Уметничкото биенале, пак, соопшти дека повторно ќе биде отворено откако во средата објектот беше затворен, а уметничките дела проверувани дали им е настаната штета од поплавите.

Додека туристите ги фотографираат огромните количества вода, жителите на Венеција се шокирани.

„Вакво нешто не сум видел досега. Ова е катастрофа. Ова е како во војна. Знаевме дека ќе се случи еден ден”, вели Ецио Тофолути.

Продавници и супермаркети се наоѓаат вообичаено во приземје, па затоа се најпогодени. Опасност демне од електричните инсталации. „Ужасно време”. Тофолути го критикува системот „Мосе” кој чинел милијарди и требало да го заштити градот од поплави со помош на подвижни бетонски бариери. Според него, проектот бил „глупав”, бидејќи „секој кој ја познава лагуната знае дека не може да се затвори со бетон”. Многу жители им префрлаат на политичарите дека го продале градот на туристи и компании за крстарења и дека не биле вистински ангажирани за негова заштита.

Градоначалникот Луиџи Бруњаро, пак, инсистира да се заврши проектот за заштита од поплави кој беше проследен со многу скандали. Тој смета дека катастрофи како актуелната можеле да бидат спречени со „Мосе”. Изградбата која веќе чинела околу шест милијарди евра се одолговлекува со години заради корупциски скандали и критиката од активисти за заштита на околината. Медиумите проектот го оквалификуваа како „големиот незавршен”. Премиерот Конте изјави дека градбата била „92 до 93 проценти готова”:

„Венеција е културно наследство на Италија и на човештвото. Нужно е да се решат серија историски проблеми.”

Извор: https://www.dw.com

Слични содржини

Европа
Општество / Европа
Општество / Европа / Став

ОкоБоли главаВицФото